ПОВЕЌЕ

    Што значи влезот на Пејпал во Северна Македонија?

    Време зa читање: 5 минути

    Што е Пејпал и што значи влезот на Пејпал во Северна Македонија?

    Деновиве се наслушна кратка информација преку одредени локални медиуми околу дозволата на Пејпал (PayPal) за влез во Северна Македонија. Имено, станува збор за измени на „Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство“ што ја носи Народната банка на Република Северна Македонија. Со измените на оваа Одлука, се очекува да се отстранат пречките за домашните физички и правни лица да отвораат и користат сметки во странски електронски платежни процесори како што е Пејпал.

    Што претставува Пејпал?

    Пејпал е всушност онлајн финансиски трансфер систем. Им дозволува на физичките и правните лица да ги пренасочуваат парите преку сигурен канал каде страните засегнати во трансферите немаат пристап до информациите за сметките на другата страна. Пејпал е софтвер со енкрипција што им овозможува на лицата да вршат трансфер на пари преку комјутери и банкарски сметки. Голем број на работодавачи го користат Пејпал и за хонорарни исплати на „фриленсери“ или работници по договор на дело.

    Кои се предностите од употребата на Пејпал:

    1. Пејпал има пристап до голем број на корисници, односно до преку 200 милиони активни сметки во светот.
    2. Пејпал ги поврзува купувачите и продавачите.
    3. Бесплатно отворате сметка и купувате со Пејпал.
    4. Пејпал овозможува купување и испраќање пари преку мобилен телефон.
    5. Пејпал е едноставен за употреба.
    Секако при користењето на Пејпал за продавање, постојат одредени провизии, како и при размената на валути и истите се експлицитно објаснети на интернет-страницата на Пејпал.

    Кој е Пејпал?

    – 1998 година започнува со работа во САД.
    – 2000 година се спојува со компаниите Confinity и X.com (Elon Musk).
    – 2000 година започнува со стратешко партнерство со eBay и привлекува преку 1 милион корисници.
    – 2002 година прераснува во индустриски лидер за онлајн трансакции.
    – 2011 година го раширува своето влијание на повеќе од 100 пазари управувајќи со повеќе од 25 валути.
    – 2012 година раководи со трансакциите на 40% од приходите на eBay. Пејпал тогаш извршува трансакции во во вкупна вредност од преку 200 милијарди американски долари годишно за САД.
    – 2016 година ги удвојува трансакциите на околу 400 милијарди американски долари годишно.

    Истраживме што точно во моментов можете да направите доколку отворите сметка од Северна Македонија

    Практично, отворањето на сметка е бесплатно. Сé што ви треба е валидна електронска адреса и поврзување на на истата со една или повеќе платежни картички што поддржуваат плаќање во странство и онлајн плаќање. Голем број од платежните картички издадни од нашите банки, поддржуваат плаќање преку интернет. Пејпал во моментов се користи за купување на производи од интернет-страници како што се: Amazon, eBay, Ali Express и други.

    Во листата на сите земји на интернет-страницата на Пејпал, ова е тоа што стои за Северна Македонија – „испраќање пари без споделување на вашите финансиски информации“.

    Направивме истражување како функционира Пејпал кај нашите соседи – Албанија, Бугарија, Грција и Србија. Кај сите нив, за разлика од Северна Македонија, постои и опција за „примање на уплати“ и „повлекување на средства“ преку платежните процесори (Виза, Мастеркард, Американ експрес и сл.).

    *Информациите се преземени од страницата на Пејпал.

    Кај нас, измените по Одлуката се очекува да се усвојат на наредната седница на Советот на Народната банка на Република Северна Македонија закажана за 29 август 2019 година. Додека моменталната Одлука којашто е во важност од 25 февруари 2016 година, достапна е на интернет страницата на Народната банка на следниот линк: Одлука.

    Се надеваме дека со измените на Одлуката ќе се зголемат можностите и начините за плаќање од и кон странство за граѓаните и компаниите во земјава, што пак ќе придонесе кон зголемување на бројот на електронски и плаќања со мобилен телефон.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично