ПОВЕЌЕ

    СТАРТУВААТ МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА: Големи горештини со температури во портокалова фаза

    Време зa читање: 3 минути

    По прашањето за човековата толеранција на горештините, науката утврдила дека точката кога почнува опасноста е температура на воздухот од 40 степени Целзиусови, а сознанијата се важни токму поради обезбедувањето прифатливи услови за работа

    Метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи укажува дека од утре, па во наредните четири дена земјава (од 13 до 16 јули) ќе биде зафатена од високи температури кои влегуваат во портокаловата фаза. Со тоа стапуваат во сила препораките за намалување на ризиците од високите температури, информираат од Владата.

    Поради тоа што сите региони – скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза, Владата препорачува:

    – ослободување од работни обврски на најранливите групи население – бремените жени и лица на возраст над 60 години;

    – во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

    – единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.

    Исто така, поради тоа што одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, Владата ги потсетува работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

    Оттаму, Владата одлучи државните органи, јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките. А, пак, на приватниот сектор му препорачува да го организира работното време, со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Активностите на отворено да се стопираат во тој период од денот, што особено се однесува на градежните работници. Исто така, препорачуваат градинките да го организираат работното време од 7:00 до 17:00 часот, а децата по 11:00 да не се изнесуваат на отворено.

    Кога станува збор за човековата толеранција на горештините, науката утврдила дека точката кога почнува опасноста е температура на воздухот од 40 степени Целзиусови. Ова се наведува во неодамнешниот извештај изработен врз база на истражувањето спроведено од тимот на професорот Луис Хелси од Универзитетот Рохемптон во Велика Британија.

    Причина за тоа е стапката на метаболизмот во мирување, која може да биде повисока кога луѓето се изложени на превисоки температури.

    „Голем дел од работата е веќе завршена по прашањето за температурниот спектар во кој опстојуваат различните животински видови и за минималната стапка на метаболизмот во мирување, а со самото тоа и за малата потрошувачка на енергија. Што се однесува до луѓето, интересно е дека постојат многу помалку информации на таа тема“, наведува Хелси.

    Инаку, сфаќањата за то кои температури се превисоки за луѓето е клучно токму поради обезбедувањето прифатливи услови за работа.

    „Се чини, овој јули ќе биде најтоплиот во историјата, што значи во период од некои 120.000 години“, вели д-р Карстен Хостин, кој ја истражува атмосферската радијација на Универзитетот Лајпциг во Германија.

    Всушност, се спорведуваат дополнителни истражувања за тоа како превисоките температури можат да резултираат со зголемена потрошувачка на метаболичката енергија.

    „Откривме значителни промени во реакциите кај функцијата на срцето на топлина кај различни категории луѓе. Последната во низата е полот. Во просек, мажите и жените покажуваат одредени клучни разлики во реакцијата на кардиоваскуларниот систем на високи температури. Ова истражување дава клучни сознанија за тоа како реагираме на околината која не е оптимална и колку поимот ‘оптимално’ се разликува меѓу луѓето со различни карактеристики“, посочува Хелси.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично