Следуваат промени во редовите на Советот на експерти на МАПАС. Од челната позиција ќе замине Максуд Али, а управувањето ќе го преземе Ремзи Бајрами. Предлогот за разрешување на актуелниот и за именување нов претседател на телото што раководи со Агенцијата за супервизија на капиталното финансирано пензиско осигурување, од Владата произлегол на 25 март.
Овој предлог е поставен на дневниот ред од 43-та собраниско заседание, кое почна вчера. Парламентарците сѐ уште не стигнале до оваа точка, не е закажано продолжение на седницата, но сепак, смената наскоро ќе биде верификувана.
Во образложението не се наведуваат конкретни причини за смената, односно за дадениот предлог, освен одредбите од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, кои предвидуваат кој (не) може да биде избран за член. Притоа, задолжително е македонското државјанство, исто како и високото образование, странските јазици и потребно е номинираните да немаат забрана за вршење дејност.
Според приложената биографија, потенцијалниот кандидат за претседател на Советот на експерти е од ИТ областа. Високото образование го заокружил во рамките на компјутерските науки, на Универзитетот на Југоисточна Европа. Бајрами има повеќегодишно работно искуство стекнувано уште од студентските денови, почнувајќи од УЈЕ каде што го одржувал софтверот. Работел и во приватниот и во државниот сектор. Во МАПАС доаѓа од Општина Тетово, каде што од 2023 година раководи со ИТ секторот. А, пред тоа неполни две години бил ангажиран во Државниот завод за статистика, како раководител на Регионалното одделение Тетово.
Исто така, во CV-то на Бајрами е наведено дека освен мајчиниот албански, на напредно ниво му е познавањето на англискиот, германскиот и македонскиот, а на основно францускиот јазик. Како лични квалификации ги посочува независноста, како и ориентираноста кон резултатите и тимската работа.
Според описот на обврските и работните задачи, како претседател на Советот на експерти Бајрами ќе раководи, ќе го претставува и застапува МАПАС во односите со трети лица. Ќе носи решенија за видот и обемот на контрола на субјектите под супервизија, согласно годишниот план за спроведување контрола, донесена од Советот. Ќе поднесува пријави или ќе дава овластување на други лица за поведување постапка пред надлежен орган за дела кои се казниви со закон и како што пишува на веб-страницата, ќе „врши други работи кои му се доверени со закон, Статутот на МАПАС и други акти на МАПАС“.
На сѐ уште актуелниот претседател, ова му е втор мандат. Со оглед дека неговата смена доаѓа по истекот на две години од петгодишниот мандат, порталот Пари побара изјава од Максуд Али. Како што ни рече во телефонскиот разговор, за претстојната смена не добил службено известување. Односно, за намерата и предлогот од Владата дознал од собранискиот портал.
„Го дадов најдоброто од себе. Во текот на работењето предност им дадов на стручните служби. Во ова време нема партиски вработувања во МАПАС, бев против тоа. Впрочем, за работата на МАПАС говорат наодите од надворешната ревизија. Исто така и од Државната комисија за спречување на корупцијата, особено за 2023 и 2024 година. Доброто работење на МАПАС и добрите практики се заслуга на вработените, на кои им давам целосна поддршка“, вели Али, додавајќи дека во текот на мандатот не користел средства од МАПАС за службени патувања и ручеци.
Извештајот од спроведениот мониторинг на имплементацијата на системот за интегритет за 2024 година ја рангира МАПАС на високото трето место меѓу петте институции за кои ДКСК нагласува дека се „пример на добра практика, ориентирани кон отчетност, етичка дисциплина и транспарентност, и заслужуваат јавна пофалба“. Интегритетот на МАПАС е 80,77%.
Во Советот на експерти има пет членови со мандат од пет години и можност за реизбор. Во сегашната постава, покрај Максуд Али, се и Ментор Јакупи, Дарко Саздов, Борче Божиноски и Марина Макенџиева.
МАПАС, под чии ингеренции се пензиските фондови, одговара пред Собранието, каде што доставува годишни извештаи за своето работење и за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување.