ПОВЕЌЕ

    СЕ ОДМОТУВА КЛОПЧЕТО СО КРИПТО ИЗМАМАТА ВО ХРВАТСКА: Тргувањето со криптовалути било само параван, BitLucky е пирамидална шема

    Време зa читање: 5 минути

    Аферата со измамничката крипто-компанија BitLucky од Риека и натаму е во фокусот на јавноста во Хрватска, а надлежната домашна агенција за надзор на финансиското работење објави дека БитЛаки воопшто не била ниту регистрирана за тргување со криптовалути.

    Во аферата, според досегашните сознанија се оштетени помеѓу 800 и 1000 граѓани, чиишто влогови во криптовалути, проценети на околу 70 милиони евра исчезнале заедно со сопственикот на компанијата, Лука Буразер, за кого се претпоставува дека во меѓувреме ја напуштил Хрватска.

    НЕМАЛЕ ДОЗВОЛА ЗА РАБОТА СО КРИПТОВАЛУТИ, ПАЗЕТЕ СИ ГИ ПАРИТЕ

    Во своето соопштение за случајот со BitLucky  хрватската агенција за надзор на финансиските услуги (ХАНФА) објави соопштение во кое, меѓу другото, се наведува дека компанијата БитЛаки не е регистрирана за инвестирање во криптовалути. „Активностите поврзани со виртуелни средства во моментов не се регулирани со посебни регулативи во Хрватска, а ХАНФА не издава работни дозволи на субјекти кои вршат такви активности, не ги лиценцира нивните раководни членови, ниту пак е овластена да врши надзор над обезбедувањето на таквите услуги“, стои во соопштението. Компанијата BitLucky била регистрирана во Судскиот регистар за повеќе дејности, но ниту една од нив не е дејност на размена на виртуелни и фидуцијарни валути или услуга за чување паричник. Поради тоа, компанијата BitLucky не била на списокот на ХАНФА ниту во опсегот на надзорот на агенцијата.

    „Бидејќи овие или слични измами поврзани со инвестиции во крипто-средства се вообичаени насекаде низ светот, уште еднаш ги потсетуваме хрватските граѓани да не наседнуваат на телефонски повици од непознати лица, разни реклами и повици преку социјалните мрежи, како и преку разни веб-страници кои ветуваат високи приноси. Исто така, нека не ги вложуваат своите пари во финансиски производи кои не ги разбираат и за кои не ја провериле автентичноста и овластувањето на финансиските посредници, без разлика на видот на инвестицијата. Поради исклучителната нестабилност, овој пазар е ризичен и нема гаранција или враќање на изгубените пари во случај на пад на вредноста на криптовалутите“, стои во соопштението на ХАНФА.

    Според пишувањата на хрватските медиуми, до вчера непознатата риечка компанија BitLucky ги собрала парите на инвеститорите ветувајќи им голем профит со тргување со криптовалути. Но, се испоставило дека по неколку „лоши трансакции“ парите испариле од компанијата, како и нејзиниот сопственик Лука Буразер. Непосредно пред да исчезне, Буразер на клиентите им испратил мејл во кој стоело: „Почитувани клиенти, со низа лоши тргувања и погрешни одлуки, за жал, ја доведов состојбата на компанијата во кризна состојба. Повеќе информации ќе имаме во наредните денови“. Но, ова била и последната негова комуникација со клиентите, по што тој ги избришал сите контакти, сите профили на социјалните мрежи и – исчезнал.

    Наводно, од компанијата испариле меѓу 40 и 70 милиони евра, сума што инвеститорите му ја дале на Буразер да управува со неа. Според хрватските медиуми, граѓаните вложувале големи суми пари, од неколку стотици, па до неколку десетици илјади евра, многу често и целата своја заштеда, во БитЛаки, привлечени од можноста брзо и лесно неколкукратно да заработат.

    „Минатата година преку BitLucky добив уплата од 50.000 евра и продолжив да вложувам пари, но сега не можам да стигнам до мојот влог, сопственикот не одговара, а не можам да стигнам до останатите 120.000 евра, што потоа го инвестирав, а не знам што да правам“, вели инвеститор од Риека. „Донесов многу повеќе инвеститори во компанијата бидејќи добивав добра провизија за секој нов“.

    Според описите на клиентите, се работи за чиста пирамидалната Понзи шема, а тоа е клучот зошто луѓето масовно инвестирале во компанијата, која, според документите објавени на социјалните мрежи, наплатувала од клиентите помеѓу 20 до 40 проценти за влогови од 15.000 до 500.000 куни проценти (!), покрај кои наплатувала такса од 500 до 5000 куни.

    Но, ниту толку високите давачки не биле пречка за инвестирање во БитЛаки, раскажува соговорничка од Бјеловар. „Почнав да инвестирам во криптовалути, како и сите маси луѓе во 2018 година. По оглас на социјална мрежа, испратив мејл до BitLucky бидејќи сакав некој друг да ги „врти“ парите за мене. Многу брзо се договоривме и склучивме договор на една година, по што беше извршена исплата, па склучување нов договор и така до пред неколку месеци. Навреме излегов од БитЛаки, а кај нив остана само мал дел од парите“, ни раскажува оваа соговорничка и смета дека сепак добро поминала во целата афера.

    „ДИРЕКТОРОТ ПОЛУДЕ“

    „Отпрвин не верував во толку брз профит, но кога сите од мојата компанија почнаа да инвестираат преку BitLucky, почнав и јас, иако никогаш не добив одговори на прашањата како и со инвестирање во кои криптовалути се остварува толку голем профит додека целиот пазар стагнираше или паѓаше. Му верував на Буразер, а сега ми должи десет илјади евра“, раскажува еден вработен во ИТсектор.

    Неколку дена пред да излезе аферата, Лука Буразер на клиентите им пратил мејл во кој објаснил дека по неколку „лоши тргувања и погрешни одлуки, за жал ја довел состојбата на компанијата во кризна ситуација” . Откако луѓето, загрижени, почнале да се јавуваат во седиштетот на компанијата, На неколку инвеститори, кои се јавиле во компанијата во Риека, секретарката телефонски наводно им кажала дека „директорот полудел и ги потрошил сите пари“.

    Полицијата во Риека почнала да го истражува овој случај. Се прибираат податоци за да се утврдат елементите за преземање мерки и дејствија кои би биле во надлежност на полицијата, а со оглед на тајноста на истрагата не сме во можност да дадеме повеќе информации“, соопштија од полицијата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично