Лидер според остварениот прометот во 2024 е акцијата на „Македонијатурист“. Највисоката пазарна капитализација ја има Комерцијална банка, чии акции се единствените со вредност од над една милијарда евра. Овие постигнувања се издвојуваат на листата составена од котираните друштва на Македонска берза.
Освен најголемата, со пазарната капитализација се истакнуваат и Стопанска Скопје и НЛБ банка, а по нив следат „Алкалоид“ и „Макпетрол“.
Инаку, на оваа листа се наведени податоците на 34 друштва, кои во текот на минатата година забележале промет од над еден милион денари. Под таа граница се сите останати, со заеднички 118 трансакции, промет од 5.737.183 денари, односно 93.271 евро и пазарна капитализација од 29.004.532.854 денари или 471,6 милиони евра.
Акцијата на „Македонијатурист“, за која во втората половина од 2024 беше прикажан значителен интерес од страна на инвеститорите, е на самиот врв со прометот од 4,25 милијарди денари, а во евра 69,19 милиони. Просечната цена на акцијата е во износ од 7.974,18 денари, а максималната 10.950 денари. Се тргуваше на официјалниот пазар, а бројни беа и блок-трансакциите. Особено од јуни до крајот на декември, кога статистиката регистрираше 85 блокови. Пазарната капитализација на компанијата достигна 3,82 милијарди денари (62,14 милиони евра). Исходот од сето ова е целосна промена на сопствениците. Кои, засега, ги прават првите потези во поглед на распоредувањето на силите во раководната шема и управувањето со хотелско-угостителската компанија.
Прагот од милијарда евра пазарна капитализација Комерцијална банка го надмина кон средината на декември. Годината ја заврши на нивото од 64,8 милијарди денари, што е противвредност на 1,05 милијарди евра. Толку вредат сите 2.279.067 издадени акции. Со тоа е најголемото друштво меѓу тие што котираат на Македонската берза. Просечната цена на акцијата е 20.654,75 денари, додека максималната достигна 29.200 денари. Запишаните 8.284 трансакции покажуваат висок степен на интерес од инвеститорите, што и го обезбедува водечкото место меѓу најтргуваните.
Со промет од 1,4 милијарди денари (22,96 милиони евра) и просечна цена од 22.376,45 денари, на третата позиција е скопски „Алкалоид“. Достигнатиот ценовен максимум е 29.000 денари, што го истакнува статусот на компанијата како една од најстабилните и најреспектабилните, со континуиран раст. Пазарната капитализација е во износ од 40,43 милијарди денари или 657,49 милиони евра.
Раздвиженост имаше и кај тргувањето со акциите на „Окта“, при што како најголем купувач се истакна доминантниот акционер ЕЛ.П.ЕТ од Грција. Годишниот промет достигна 713,29 милиони денари (11,59 милиони евра). Пазарната капитализација на снабдувачот со горива е 4,4 милијарди денари (71,5 милиони евра).
Според пазарната капитализација од 47,96 милијарди денари (779,94 милиони евра), НЛБ банка е на третото, а по прометот од 619,36 милиони денари (10,06 милиони евра) на петтото место. Максималното ценовно ниво кај акцијата е 57.500 денари, а просекот 38.863,89 денари.
Акциите на „Макпетрол“ се меѓу оние со највисоки просечни цени, достигнувајќи 78.751,78 денари. Максимално забележаната е 93.200 денари. А, пак, сите 112.382 издадени акции ја сочинуваат пазарната капитализација од 10,4 милијарди денари (169,5 милиони евра).
За место меѓу десетте нај акции се избори и таа на Стопанска банка Битола. Со просечна цена од 3.092,16 денари и со промет од 364,6 милиони денари (5,9 милиони евра). И, со пазарна капитализација од 1,17 милијарди денари, односно 19,07 милиони евра.
„Реплек“ има 259.200 акции, чија вредност е 4,3 милијарди денари / 69,9 милиони евра. Берзанскиот промет во 2024 изнесува 280,1 милион денари (4,5 милиони евра). За поголема достапност до заинтересираните инвеститори, компанијата направи поделба на акциите во однос еден спрема десет. Значајно е што оваа акција стана дел од основниот берзански индекс.
Како деветтопозициониран следи битолскиот ЗК „Пелагонија“ со промет од 238 милиони денари (3,87 милиони евра). Просечната цена за акција е 3.599,39 денари. Комбинатот има издадено 202.891 акција, а пазарната капитализација изнесува 732,4 милиони денари, односно 11,9 милиони евра.
Топ 10 се заокружува со Стопанска банка Скопје. Со акцијата која во текот на минатата година остварила просек од 1.816,48 денари, направен е промет од 218,7 милиони денари (3,5 милиони евра). Емитуваните 17.460.180 акции и ја определуваат капитализацијата од 51,9 милијарди денари или 844,18 милиони евра. Вредност, според која е на второто место меѓу друштвата што котираат на Македонска берза.
Македонската берза ја заврши 2024 година со исклучителна активност и високи резултати. Акциите од релативно малата понуда го привлекоа вниманието на инвеститорите, меѓу кои сѐ уште е недоволен бројот на странци. Сепак, вкупниот промет на котираните друштва покажува дека интересот расте, а податоците за најтргуваните акции не само што говорат за апетитите на вложувачите, туку упатуваат и на доза оптимизам во однос на идните движења и развојот на домашниот пазар на капитал.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Прометот зголемен за 190%, блоковите за 230%, индексот рекорден – 2024 златна година за Берзата