ПОВЕЌЕ

    ПОСКАПУВАЊЕ ИЛИ ПРЕТЕРУВАЊЕ: Дали навистина исчезнуваат евтините летови?

    Време зa читање: 6 минути

    „Евтини летови повеќе нема да постојат, подгответе се за драстично поскапување на авио билетите“, е секојдневен муабет што се врти по медиумите и авиокомпаниите. Слични предупредувања деновиве ги полнат медиумите: цената на авионското гориво рапидно расте, авиокомпаниите ќе ги префрлат трошоците врз патниците, Европа воведува еколошки такси…, со еден збор патувањето со авион ќе поскапува. Овие најави сосема разбирливо создаваат страв и неизвесност кај граѓаните дека летањето ќе стане финансиски тешко достапно.

    Главни виновници за растот на цените се огромниот бран патувања по пандемијата (т.н. „revenge travel“ бум) и ограничената понуда затоа што авиокомпаниите го намалија капацитетите во 2020/21 година и сега побавно ги обновуваат, а побарувачката е голема и ги крева цените. Дополнително влијаат поскапување на горивото поради војната на Блискиот Исток и новата европска шема за емисии на стакленички гасови (ETS), поради која авиокомпаниите ќе плаќаат се поскапи СО2 кредити. Авиопревозниците велат нема друг излез освен поскапување на билетите.

    Сето ова звучи застрашувачки за обичниот патник и изгледа како крај на ерата на евтините летови и почеток на период кога војни, гориво и клима ќе го направат авиопревозот привилегија на подлабок џеб. Колку овој страв ги плаши македонските граѓани?

    Бројките на аеродромите растат. Патниците во Македонија и во Европа летаат повеќе од кога и да е во последните неколку години. Двата македонски аеродрома (Скопје и Охрид) ја завршија минатата година со рекордни 3,5 милиони, што е годишен раст од 9%. Во споредба со претпандемиската 2019 година претставува зголемување 800.000 патници (+30%), а во споредба со 2010 година е повеќе од петкратно зголемување. Македонија во 2023 година беше лидер во Европа со годишен раст на бројот на патници од 47,2%.

    Слична е приказната и во цела Европа. Во земјите од ЕУ во 2024 година се превезени околу 1,11 милијарда патници, што малку повеќе отколку во 2019 година, кога биле 1,08 милијарди. Многу јужни и источни пазари ги надминаа претходните рекорди, како на пример Грција, Турција, Полска, Албанија, Србија. Грција имаше 8,4 милиони повеќе авионски патници во 2024 отколку во 2019 (+26%); Полска +5 милиони (+19%), Малта +0,8 милиони (+23%). Само уште неколку западноевропски држави (Германија, скандинавските земји) сè уште заостануваат зад 2019. Германија имаше 105,3 милиони патници во 2024, што е 15% помалку отколку во 2019.

    Во однос на бројот на патници по глава на жител (иако треба да се напомене дека ова ги вклучува и странските туристи кои ја посетуваат земјата, не само резидентите), Македонија во 2023-2024 имала 1,5 патници по жител годишно. Европскиот просек е значително повисок – во ЕУ, бројките за 2023–2024 покажуваат 2,2-2,5 патници по жител. Но, треба да се земе предвид дека помалите земји без голем туристички влез природно имаат понизок однос. Највисоки бројки на патници по жител во Европа вообичаено имаат мали туристички држави и транзитни центри, како Црна Гора (3–4 патници по жител), Малта и Кипар (8 патници по жител во 2024), Исланд (над 19 патници по жител).

    За разлика од нив, Босна и Херцеговина во 2023 година имала 0,5 патници по жител, но голем дел од босанската дијаспора користи аеродроми во соседни земји или копнен транспорт. Србија во 2023 имаше 1,2 патници по жител, што е е пониско и од Македонија (1,5 по жител). Албанија во регионот е најдобра со над 2,5 патници по жител во 2023 и 3,5 по жител во 2024 година.

    Граѓаните можеби негодуваат заради високите цени, но авионите се полни. Како се објаснува овој привиден парадокс? Експертите велат дека пазарот за летови е исклучително „еластичен“ и конкурентен. Во услови на инфлација на билетите, однесувањето на патниците се прилагодува, но не колабира. На пример, многумина реагираат на најавите за поскапување со тоа што резервираат порано за да обезбедат поевтини билети или бараат алтернативни рути и нискобуџетни опции. Податоците покажуваат дека и покрај генералниот раст на цените, патниците успеваат да пронајдат поповолни зделки.

    Според ИАТА (меѓународното здружение на авиопревозници), просечната цена што европските патници реално ја платиле во јуни 2023 година била „само“ 16% повисока отколку во 2019. Трикот е во конкуренцијата и во ловот на поволни билети: патниците избегнуваат премногу скапи термини, патуваат со една компанија, а се враќаат со друга или полетуваат од/до алтернативни аеродроми каде што е поевтино. Ниско-тарифните авиопревозници (Wizz Air, Ryanair и др.), пак. одиграа клучна улога со тоа што отворија десетици нови линии последниве години, вклучително и во Македонија, што го намали притисокот на цените.

    И самата побарувачка е многу силна, особено во земји како нашата. Голем дел од македонските патници се наши граѓани кои живеат и работат во странство или туристи од странство, групи кои патуваат „по секоја цена“ заради семејни, работни или туристички причини. Статистиката покажува дека најфреквентни дестинации од Скопје во 2023 и 2024 година биле Истанбул, Базел, Цирих, Минхен, Дортмунд, Виена, градови со значајна македонска заедница или туристички проток. Тоа значи дека голем дел од летовите се нужност или силна желба (посета на семејство, важен настан, летен одмор), така што и да поскапи билетот за 20-30 евра овие патници ќе продолжат да летаат.

    Сето ова води до заклучок дека стравот на Македонците од поскапување на авиобилетите е реален, но, засега, веројатно нема драматично да влијае врз нивното однесување. Граѓаните изгледа го надминаа периодот на ограничувања кога станува збор за патување со авион. Вљубениците во патувањата продолжуваат да летаат, дијаспората не се откажува од доаѓање дома, туристите не се откажуваат од одмор.

    Предизвик останува зголемување на фреквенцијата на летање по жител, односно доближување на навиките на Македонците до европскиот просек – што би можело да се случи со отворање на уште нови линии, развој на економијата и туризмот и со дополнително влегување на нискотарифни авио превозници.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично