ПОВЕЌЕ

    По „Ла тераца дојранска“ ќе има и водњанска: Кој е новиот концесионер на „Македонско село“?

    Време зa читање: 3 минути

    Од први јуни повторно ќе заживее „Македонско село“. Комплексот лоциран на падините на Водно ќе го возобнови и со него ќе стопанисува во наредните 15 години концесионерот „Ла тераца“. На државата ќе и плаќа месечен надомест од 3.500 евра.

    Изборот е направен по пат на електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува и оперира Министерството за финансии. Имало две понуди, од кои едната била за дел од објектот.

    „Комплексот ‘Македонско село’ повторно ќе стане центар на културата, автентичната архитектура и македонска традиција наскоро ќе се врати на туристичката и културната мапа на Македонија.

    Концесионерот има обврска да ги преземе сите потребни активности за оспособување на комплексот за почеток со работа од 1.06.2025 година“, информираа од владината Служба за општи и заеднички работи. Воедно и појаснуваат дека во текот на последниве седум, во кои објектот не е во функција, СОЗР редовно ги намирувал трошоците за осигурување и обезбедување, со што има финансиски загуби од над 350 илјади евра.

    Портите на атрактивниот комплекс кој се наоѓа наспроти манастирот „Св. Пантелејмон“ во Нерези, се затворени од 2018 година, согласно одлуката на тогашниот менаџмент кој се соочи со нерентабилност и загуби. Концесионер беше Владимир Тодоровиќ, сопственикот на „Тинекс“ и екс градоначалник на Центар.

    Поради состојбата на запуштеност и потребата од реновирање, концесионерот од септември ќе стартува со плаќање на закупнината. А, сето тоа што ќе го инвестираат, останува во сопственост на државата, велат од СОЗР. Инаку, веќе е дадена и банкарска гаранција во висина на пет отсто од вкупната сума за 15-годишниот закуп.

    „Ла тераца“ е познато име во кафеанско-хотелиерскиот бизнис. По локалот на скопскиот Плоштад „Македонија“. И по хотелот во Дојран, а веројатно, нема кој не ја видел и слушнал рекламата за „Ла тераца дојранска“. Всушност, тоа се двете активни подружници на ХСХ Груп ДОО Скопје. Ова друштво за производство, угостителство, трговија и услуги постои од мај 2012 година. Основано е од Оливера Милковска, која е мнозински сопственик, а содружник и управител е Саша Ќипровски.

    Според податоците од БизнисМрежа, фирмата има позитивни ефекти од работењето. Приходите се зголемуваат, трошоците се намалуваат, а согласно тие движења расте и добивката. Какви биле постигнувањата лани, засега нема информации, но во 2023 година се забележани: приходи од 20.785.364 денари, за 0,13% повисоки од тие во 2022 (20.758.569 денари) и расходи пониски за 10,66%, во износ од 18.031.551 денар (во 2022 – 20.183.643 денари). Оттаму и процентуалниот висок скок кај профитот – за 324,44 насто и сума од 2.402.064 денари, наспроти 565.940 денари во 2022.

    Бонитетната оцена на ХСХ Груп е Ц.

    „Со изборот на концесионер, правиме сериозен чекор кон враќање на животот во еден уникатен простор кој ќе биде отворен за сите граѓани, туристи и љубители на традицијата“, истакнуваат од СОЗР.

    Во рамките на „Македонско село“ се 12 тематски куќи – беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора. Во нив има простории во кои се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои ррасполагаат и со ресторански дел. Концесионерот има обврска да му ја врати душата на запуштениот комплекс и да ги врати посетителите и туристите.

    Оттаму и оччекувањата дека со повторното отворање се стимулира развојот на туризмот, а тоа ќе се рефлектира и во локалната економија и воопшто во домашниот туристички сектор.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично