ПОВЕЌЕ

    Пешевски: Без плата од минимум 50-60 илјади денари приватниот сектор не ќе може да ги задржи работниците

    Време зa читање: 3 минути

    Илјадници вработени не примиле плата, не им се исплатени додатоците или регресот. Хаосот со неисплатените плати и со сите прекршувања на работничките права мора да престане. Сојузот на синдикатите на Македонија ќе поднесе кривични пријави, а на работниците им нуди бесплатна правна помош – изјави потпретседателот на ССМ за приватен сектор, Иван Пешевски. Воедно, истакна, во периодот на утврдување на репрезентативноста на синдикатите, членовите пријавуваат напади и притисоци да се повлечат од членството.

    Како што нагласи, приватниот сектор е главен двигател на македонската економија. Доколку се оди кон одржување на состојбата со квалификуваниот кадар, потребни е да се овозможат безбедни услови за работа и повисоки плати.

    Во трудоинтензивните дејности и во приватниот сектор платата не смее да биде помала од 50 или 60 илјади денари, а достоинствена плата не е минималец од 500 евра, туку 500 евра помножени со коефициентот за сложеност. До нас постојано пристигнуваат пријави за неисплатен регрес и за неисплатени додатоци на плата. Дури 12.234 работници кои се обратија до ССМ, добија бесплатна правна помош. Протестите во Македонски шуми, Пошта, Водостопанство, ЗКП Пелагонија, Фени, МАНУ и оние на администрацијата кои ги организираше УПОЗ, вродија со потпишување колективни договори и исплата на плати“, истакна Пешевски.

    Ова барање се однесува на сите работодавачи од приватниот сектор – особено на тие кои пред некој ден се изјаснија дека недостасува кадар во државата.

    „Уште повеќе ќе недостасува доколку не зголемите плата. Со сета почит кон одредени работодавачи од приватниот сектор кој почитуваат и Закон и колективен договор, па овие проблеми се одамна надминати, но тоа е сосема мал процент од вкупниот број вработени“, рече Пешевски.

    Воедно, тој ги охрабри работниците да не подлегнуваат на актуелните притисоци и напади за откажување од синдикалното здружување. А, на работодавачите и на Владата им порача вината да ја побараат кај себе.

    Ги повикуваме работниците да не наседнуваат на ваквите притисоци и да се приклучат кон првомајскиот протест. А, Владата и газдите конечно треба да ја побараат вината во себе за да не останеме и без овие работници кои ги имаме. Конечно, треба да престане прекршувањето на работничките права, особено онаму каде што нема организиран синдикат, оти газдите може да лежат и во затвор“, дециден е Пешевски.

    Потпретседателот на ССМ повика на масовно присуство на протестот закажан на Меѓународниот ден на трудот, 1 Мај, на кој синдикатите настапуваат со три клучни барања – повисоки плати, безбедни услови за работа и почитување на законските права.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично