ПОВЕЌЕ

    1,65 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО ТРГОВИЈАТА СО ХРАНА – ако прометот расте, зошто профитот се намалува?

    Време зa читање: 4 минути

    Повеќе од милијарда и пол евра се вртат во трговијата на големо со храна, што ја позиционира меѓу најмоќните стопански гранки во земјава. Но, прометот и профитот се во расчекор: на едната страна има зголемување, а на другата намалување.

    Во текот на минатата година 947 компании оствариле вкупен приход од 1,65 милијарди евра, за 4,1 насто повеќе од претходната година. Вкупната добивка се намалила за 5,13 насто и изнесувала 56,4 милиони евра. Можеби конкуренцијата се заострува, па трговците сѐ потешко ги претвораат растечките приливи во повисока заработка. Анализата на Пари заснована врз податоците од Бизнис Мрежа покажува дека најголемите компании и натаму го контролираат најголемиот дел од пазарот, при што некои дополнително зајакнуваат, други се соочуваат со пад на продажбата, а трети успеваат значително да ја подобрат профитабилноста.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ТРЕТИНА ОД ПРОМЕТОТ ГО ПРАВАТ ДЕСЕТ КОМПАНИИ

    Освен од квалитетот на стоката, продажбата зависи и од умешноста на трговците. Така се издвоиле и десетте трговци на големо со храна, кои заедно инкасирале 504,2 милиони евра, за 7,35 насто повеќе од претходната година. Нивната реализација претставува речиси една третина од вкупниот промет во секторот.

    Со приход од 89,6 милиони евра на лидерската позиција е Еуро Табак. Сепак, најголемиот дистрибутер во државата лани не успеал да го задржи темпото од претходната година – приходот опаднал за 4,14 насто.

    Двоцифрен раст бележи Атлантиц траде. Со зголемување на приходот за 12,3 насто, компанијата стигнала до 84,4 милиони евра, дополнително намалувајќи ја разликата зад лидерот.

    Сличен тренд има и Алма-М, еден од најголемите домашни дистрибутери на прехранбени производи: растот од речиси 10 насто обезбедил приливи од 65,4 милиони евра.

    Поголем раст е забележан во Атлантик (+ 21,7 %). Апетит Груп, пак, го зголемил прометот за 23,5 насто, а тоа е највисоката стапка меѓу десетте најприходни компании. Солиден е и растот на Колид Фудс, компанија од струмичкиот регион којашто го зголемила приходот за 15,7 насто, надминувајќи 55 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ДОБИВКАТА НЕ ГО СЛЕДИ СЕКОГАШ ТЕМПОТО НА ПРИХОДОТ

    Најпрофитабилните десет фирми имаат заедничко профитно остварување од 20,57 милиони евра. Финансискиот резултат, на годишно ниво, е повисок за 24,5 насто. Или, без оглед што секторската добивка опаднала, најуспешните успеале дополнително да ја зацврстат својата профитабилност.

    Со заработката од 3,77 милиони евра, најпрофитабилен е Атлантик, а добивката е за 55 насто поголема од претходната 2024 година. Оваа компанија не само што го зголемила прометот, туку успеала и да ја подобри профитната маржа.

    И покрај регистрираниот пад од безмалку 13 насто, второрангиран е Адријус од скопското село Глумово со 3,5 милиони евра. Стабилност во деловните активности е присутна кај Алма-М (+ 2,80 %), чијашто заработка е над 3 милиони евра, а Апетит Груп лани го надминал прагот од 2 милиони евра (+ 4,97 %).

    За речиси шест пати, односно за респектибилни 494,9 насто е повисока добивката на Чезакомерц. Од само 387 илјади евра во 2024 година стигнала на 2,3 милиони евра лани. Притоа, со прометот од 10 милиони евра компанијата не влегла меѓу најприходните, а процентите на раст (+ 34,57 %) заостануваат многу зад тие на профитот.

    Речиси двојно подобар резултат има и Подравка Македонија, каде што е запишано зголемување од 99,6 насто. И во Еуро-Грандс е остварен трицифрен раст од близу 300 насто, но со пониски крајни вредности – од 216,69 илјади евра на 862,34 илјади евра.

    Немале сите големи брендови успешна година. Нестле Адриатик Македонија ја намалила добивката за 24 насто, но со износот од 1,43 милиони евра останува во конкуренцијата на најпрофитабилните во секторот.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Храната секогаш ќе се продава, но тоа не значи дека секој трговец ќе заработува повеќе од претходно. Успехот не го носи само големиот обем на продажба, туку и умешноста секое евро приход да се претвори во заработка.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично