ПОВЕЌЕ

    Јулската плата со нова распределба на придонесите – примањата остануваат исти

    Време зa читање: 3 минути

    Од исплатата на јулската плата, која ќе се врши кон крајот на месецов или во август, почнува примената на новите стапки за придонесите од задолжителното социјално осигурување. Управата за јавни приходи (УЈП) ги повика работодавачите, сметководствените бироа и другите даночни обврзници навреме да ги ажурираат софтверските системи за пресметка на платите, за да нема проблеми при поднесувањето на МПИН-пресметките.

    Измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување беа објавени во „Службен весник“ на 6 јули и ќе важат до исплатата на декемвриската плата.

    Најголемата промена е прераспределбата на придонесите. Стапката за задолжително пензиско и инвалидско осигурување се зголемува од 18,8 на 19,9 проценти, додека придонесот за осигурување во случај на невработеност се намалува од 1,2 на 0,1 процент. Стапките за здравствено осигурување остануваат непроменети – 7,5 проценти за задолжително здравствено осигурување и 0,5 проценти за осигурување во случај на повреда на работа и професионално заболување.

    Иако се менува распределбата на средствата, вкупната стапка на придонесите останува 28 проценти од бруто-платата. Или, нема дополнителен финансиски товар ниту за работодавачите, ниту за вработените, а нема да има промени ниту кај нето-платите. Парите што досега се издвојуваа за осигурување во случај на невработеност сега ќе се пренасочуваат кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ).

    Практично, кај бруто-основица од 50.000 денари, придонесот за невработеност досега изнесуваше 600 денари, а со новите стапки ќе биде само 50 денари. Разликата од 550 денари ќе заврши во пензискиот фонд.

    Целта на оваа привремена мерка е да се подобри финансиската состојба на ПИОМ, кој се соочува со зголемени расходи поради серијата линеарни покачувања на пензиите. Наспроти тоа, Агенцијата за вработување располага со доволно средства за редовно финансирање на надоместоците за невработените.

    Измените не влијаат врз правото на паричен надоместок при невработеност, бидејќи условите за негово користење се регулирани со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.

    Новина има и за самовработените лица кои плаќаат персонален данок според паушално утврден нето-доход. Наместо тие самите да ги пресметуваат придонесите, тоа отсега ќе го прави Управата за јавни приходи, додека обврската за нивна уплата останува на самите самовработени лица.

    Покрај основната стапка од 19,9 проценти за пензиско и инвалидско осигурување, законот предвидува и посебни стапки за лицата кои работат на работни места со стаж на осигурување со зголемено траење, во зависност од категоријата на работното место.

    Од УЈП апелираат сите работодавачи, правни лица и сметководствени бироа навремено да ги усогласат своите системи со новите законски стапки, за да се обезбеди непречена обработка на платите за јули.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично