ПОВЕЌЕ

    5,4 милиони евра за 1.385 нови вработувања – компаниите можат да аплицираат до 24 јули

    Време зa читање: 2 минути

    Со мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ ќе се поддржи отворање на 1.385 нови работни места во микро, мали и средни претпријатија. Пред претставниците на најголемите деловни заедници во државата – Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија, оваа можност ја презентираше заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

    Станува збор за мерка од Оперативниот план за вработување за 2026 година, преку која се обезбедува финансиска поддршка за отворање нови работни места во микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации.

    Според Ристески, за мерката се обезбедени 332,65 милиони денари, односно околу 5,4 милиони евра, а целта е да се поддржи вработувањето на 1.385 лица.

    „Креирањето нови работни места е приоритет за Владата и Министерството за економија и труд. Со оваа мерка им помагаме на компаниите да го зголемат бројот на вработени, а истовремено придонесуваме за отворање на нови можности на пазарот на трудот“, истакна Ристески.

    Една компанија може да добие поддршка за најмногу пет нови работни места, во износ од 800.000 до 1.250.000 денари, во зависност од бројот на одобрените вработувања и целната група. Највисоката субвенција, до 250.000 денари, е предвидена за вработување млади лица до 29 години.

    Од Министерството за економија и труд и стопанските комори ги повикаа сите заинтересирани компании што ги исполнуваат условите да поднесат апликација во центрите на Агенцијата за вработување.

    Јавниот повик е отворен до 24 јули. Дополнителни информации се достапни во центрите за вработување, на телефон 02/3111-850 и на веб-страницата на Агенцијата за вработување.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично