ПОВЕЌЕ

    Која е разликата помеѓу првиот столб, вториот и третиот столб на пензиско осигурување

    Време зa читање: 3 минути

    Пензискиот систем во Република Македонија е составен од пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност и капитално финансирано пензиско осигурување, со што им се овозможува на граѓаните на Република Македонија обезбедување материјална и социјална сигурност.

    Структурата на повеќеслојниот пензиски систем се темели врз три вида (столба) на осигурување и тоа:

    1. Задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб) Фондот на ПИОСМ,
    2. Задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб) – со кои управуваат:
    • КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје,
    • Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд и
    • Триглав отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје

    3. Доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб) со кои управуваат:

    • КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје
    • Сава пензија плус и
    • Триглав отворен доброволен пензиски фонд-Скопје

    Задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб) е осигурување организирано, според принципот на тековно финансирање (pay-as-you-go), што значи дека сегашните осигуреници плаќаат за сегашните пензионери. Овој столб функционира на принципот на дефинирани пензии, односно преку него се обезбедуваат пензии според однапред утврдена формула која зависи од висината на платите и годините на пензискиот стаж на осигуреникот.

    Преку овој столб се обезбедува остварување на права од пензиското и инвалидското осигурување во случај на старост, инвалидност и смрт, што значи дека се исплаќа дел од старосната пензија, потоа  инвалидска пензија, семејна пензија, како и најнизок износ на пензија.

    Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб) е осигурување врз основа на капитализација на средствата, на принцип на дефинирани придонеси, при што постои тесна поврзаност и зависност помеѓу обемот на вложените средства – придонесите и идните пензиски надоместоци што ги остварува секое лице засновани на пазарните законитости.

    Имено, овој начин на осигурување е заснован врз принцип на собирање на средства преку плаќање на придонеси на индивидуални сметки чии средства понатаму се инвестираат и добивката намалена за трошоците на работењето на системот се додава (акумулира) на средствата на индивидуалните сметки.

    Доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб) исто така е осигурување врз основа на капитализација на средствата, на принцип на дефинирани придонеси, но на доброволна основа. Значајно за ова осигурување е што во него можат да бидат вклучени сите лица кои сакаат да обезбедат повисок обем на материјална сигурност покрај задолжителното осигурување, како и сите лица кои не се опфатени со задолжително осигурување (во првиот и вториот столб). Покрај тоа, со третиот столб се овозможува и основање и финансирање на професионални пензиски шеми.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично