ПОВЕЌЕ

    Наскоро реализација на антикризниот пакет – пари за олеснување или предизборно додворување?

    Време зa читање: 6 минути

    Првите пари што како поддршка следуваат од последниот деветти антикризен пакет, би требало да бидат исплатени до крајот на месецов. Тоа се однесува на пензионерите, учениците и на сите приматели на правата опфатени со антикризните мерки. Но, прво Владата, а потоа и Собранието ќе треба да го усвои законот за финансиска поддршка, рече министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска. Процедурата би завршила некаде во теот на идната недела. Па, ќе следи исплата за пензионерите, а сите други ќе мора да аплицираат, откако ќе ги добијат потребните насоки за начинот на кој тоа ќе се изведува.

    Овој пакет тежи 662 милиони евра, од кои 155 милиони се за ранливите категории граѓани, а 492 милиони евра се за приватниот сектор. Поентата е да го заштити животниот стандард, да се влијае позитивно врз ликвидноста на компаниите и кај развојот на економијата. Како што наведе вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, во последниве четири години преку антикризните пакети кај македонските граѓани и бизниси се слеале повеќе од две милијарди евра, како поддршка за премостување на проблематичнот период.

    Сите досегашни пакети беа критикувани како недоволни, несоодветни, ненавремени, лошо прилагодени…, иако на одреден дел од популацијата и завршија работа во дадениот момент. Но, под најголем удар е токму последниот. Доаѓа во предизборие, со термини кои истекуваат до одржувањето на изборите. Оттаму и забелешките дека и овојпат не се отстапува од практиката присутна дваесеттина години наназад – додворување на граѓаните со нивните пари.

    Неодамна и „Finance Think“ излезе со анализа, каде што исто така предупреди на поврзаноста мерки – избори:

    „Овој пакет антикризни мерки е со зајакната компонента на таргетираност кон граѓани, домаќинства и компании кои се ранливи или имаат оправдана потреба од тековна и структурна поддршка. Сепак, одредени мерки по својот обем, како и одредени мерки кои не се директно поврзани со кризата, но помогаат во поглед на нејзините последици, се донесени во време кога земјата влегува во изборен циклус и во време кога инфлациските очекувања остануваат подигнати. Во таа смисла, проценуваме дека таквите мерки носат значајни ризици“.

    Како што се наведува, последниот пакет по обем е сличен со претходниот кој беше во износ од 760 милиони евра. Но, се нагласува, јачината на кризата и фазата во која беше економијата во 2022 споредено со денес се драстично различни. Тогаш енергетската криза го достигна врвот како резултат на рекордните цени на примарните производи од храна и енергија. Денес, пак, цената на енергентите и производите од храна на глобалните пазари се стабилизирани или намалени, а домашната понуда на електрична енергија е зголемена.

    „Ако минатата година имавме акутна состојба и постоеше реално оправдување за обемен пакет антикризни мерки, оваа година се наоѓаме во излезна фаза од кризата. Оттука, вкупниот планиран буџет е несоодветен на моменталната потреба. Истовремено, иако пакетот е наречен антикризен, мерките опфаќаат и цели кои не се директно поврзани со кризата, што може да предизвика погрешна перцепција, особено имајќи предвид дека државата влегува во предизборен период. Во тој поглед, клучната препорака е наместо постојан кризен фокус, во оваа фаза тој да се префрли на градење отпорност и одржливост на економијата“, се препорачува во анализата.

    Во таа насока и образложението дека од вкупно 26 мерки, 13 се надоврзуваат на мерките објавени лани, „од кои шест се картактеризираат како антикризни мерки, а останатите седум како мерки кои придонесуваат за ублажување на ефектите од кризата, но постоеја или веројатно би постоеле и доколку криза немаше“. Понатаму се вели дека шест се нови мерки кои пружаат времена поддршка на доходот на ранливи категории граѓани и имаат карактер на нови антикризни мерки, но преостанатите четири се нови мерки кои не се директно поврзани со кризата.

    „Од аспект на структурата, поддршката само за домаќинствата зафаќа 17% од вкупниот буџет (не вклучувајќи ги субвенциите на цената на електрична и топлинска енергија), додека за компаниите изнесува 74%. Сепак, поддршката за домаќинствата во 2023/24 година е зголемена, што повторно се должи на зајакнување на таргетираната компонента на пакетот. Таргетираните мерки во новиот антикризен пакет за категориите граѓани: ученици, студенти и пензионери кои се ранливи се оправдани. Вкупниот планиран буџет за овие мерки е 70,1 милион евра и нивното учество во вкупниот пакет е 10,5%“, анализираат од „Finance Think“.

    Притоа се посочува дека вкупниот планиран буџет за компаниите е зголемен трипати.

    „Сепак, половина од мерките опфаќаат поволни кредитни линии за поддршка на компаниите во износ од вкупно 249,8 милиони евра или 37,7% од буџетот. Овие кредитни линии се најчесто обезбедени од Развојната банка или во соработка со меѓународните финансиски институции (ЕБОР, ЕИБ, Банка за развој на Советот на Европа, Светска Банка и Француската агенција за развој).

    Една од клучните мерки за компаниите, а посредно и за вработените, е мерката за субвенционирање на придонесите за зголемување на платите на работниците во распон од 3.000 до 9.000 денари“, велат и укажуваат дека оваа мерка носи ризици од „манипулација на основната плата која ќе биде земена како споредбена основа за зголемување на платата“. Затоа, се нагласува, неопходно е како споредбена основа да се земат месеци за кои платите се веќе исплатени, односно тоа би биле август, септември и октомври.

    Дополнително беа објавени и системските мерки за ублажување на ефектите од ценовната и енергетска криза за 2023 и 2024 година, во износ од 516 милиони евра.

    Овие мерки се состојат од зголемување и усогласување на пензии и плати во јавниот сектор. За зголемени пензии за над 338.000 пензионери планирани се 278 милиони евра (100 милиони евра за зголемување и 178 милиони евра за усогласување со новата методологија), велат од „Finance Think“ и потсетуваат на нивното претходно укажување дека растот на пензиите, кој е поголем од законската рамка за усогласување, го доведува под ризик трендот на стабилизација на пензискиот систем и долгорочната самоодржливост.

    „За платите во јавниот сектор се предвидени средства и за зголемување од 10% согласно Општиот колективен договор и за регрес за годишен одмор (52 милиони денари), како и за зголемување на платите во 2024 година од 150 милиони евра. Иако овие мерки се важни за поддршка на животниот стандард на примателите, нивното невнимателно ставање во функција е спротивно на процесот на стабилизација на инфлациските очекувања и може да влијае инфлаторно, со тоа смалувајќи ги напорите на носителите на политиките за поскоро постигнување ниска и одржлива инфлациска стапка. Дополнително, овие мерки се промовираат во време кога земјата влегува во изборен циклус“, се предупредува во анализата.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично