Анализа: Што предвидува Буџетот за 2025 година за развој на земјоделството?
Многу самоуверено настапи министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, кога на последната прес-конференција рече: „Земјоделците овојпат имаат вистински партнер во Владата и во Министерството, каде што заедно ќе креираме нови мерки за наредната 2025 година, нови политики со цел да го вратиме македонското земјоделство на пиедесталот во нашата држава“.
Пари ги стави под лупа бројките од буџетот за 2025 година. Колку пари се предвидени за оваа значајна стопанска гранка?
Буџетските расходи за земјоделство, шумарство, лов и риболов изнесуваат 9,7 милијарди денари (157,8 милиони евра). Самата поддршка во земјоделството, според изјавите на министерката за финансии, Гордана-Димитриеска Кочоска, е 8 милијарди денари (130 милиони евра). Во владините програми, кои се финансираат од основниот буџет, предвидено е по Нова година да се трошат и 20,2 милиони евра за рурален развој, но руралниот развој се споменува и во многу други книговодствени раздели.
Буџетски проекции за 2025 година
Извор: Буџет за 2025 година
Клучните проекти се капитални инвестиции коишто се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства, пишува во Буџетот за 2025 година.
НАВОДНУВАЊЕТО – КЛУЧНО ЗА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ
Инвестициите во хидросистемите се клучни за справување со климатските промени. Во програмата, в година има пари за хидросистемот Злетовица, за хидросистемот Лисиче, за Програмата за наводнување на Јужната долина на Вардар. Според проекциите на Министерството за земјоделство, површините што се наводнуваат во 2025 година ќе се зголемат за 5 насто.
„Во наредниот период продолжува реализацијата на проектот Програма за наводнување на Република Северна Македонија со цел одржливо зголемување на земјоделскиот аутпут (производство и продуктивност) преку подобра достапност и ефикасно користење на водните ресурси со рехабилитација и изградба на четири системи за наводнување во рамки на речниот слив на Вардар (ХС Лисиче, ХС Конско, ХС Пепелиште и ХС Јужен Вардар)“, пишува во Буџетот за 2025 година.
Основна и приоритетна намена на ХС Злетовица е долгорочно решавање на проблемот со водоснабдување на 100.000 жители во североисточниот дел од државата (прва фаза), а додека со останатите фази ќе се реши и проблемот со наводнување (втора фаза) и производството на електрична енергија (трета фаза). За хидросистемот Злетовица за в година се предвидени 195.000 евра, за 2026 година – 276.000 евра, а за 2027 година ‒ речиси 6,4 милиони евра, при што најголем дел е заем.
Хидромелиоративниот систем Лисиче е повеќенаменски објект за водоснабдување на населението во градот Велес, водоснабдување на околните населени места што гравитираат на системот, снабдување на индустријата со технолошка вода, наводнување на плодна земјоделска површина, ревитализација на езерото Младост, обезбедување на биолошки минимум на реката Тополка, како и подобрување на микроклимата во регионот.
За овој проект во 2025 година се наменети 329.000 евра, во 2026 година – 336,4 илјади евра, а во 2027 година – 335,4 илјади евра.
Завршени се првата и втората фаза од Проектот за наводнување на Јужната долина на реката Вардар, кој ќе придонесе за подобрување на условите за живеење на земјоделската популација. Со реализацијата на втората и третата фаза од проектот, преку рехабилитација и модернизација на системите за наводнување се овозможи 4.650 хектари земјоделска површина да биде можна за наводнување.
За овој проект во 2025 година се наменети 948.000 евра, во 2026 година – 934 илјади евра, а во 2027 година – 920 илјади евра.
Хидросистеми и наводнување
Извор: Буџет за 2025 година
ПРОДОЛЖУВА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕТО
Во пракса продолжува субвенционирањето на земјоделците.
„Земјоделските субвенции обезбедуваат поддршка на земјоделскиот сектор, со цел зголемување на домашното растително и животинско производство, стимулирање на приносите, зголемување на продуктивноста и конкурентноста преку опремување, како и амортизирање на ценовните притисоци на основните прехранбени производи“, пишува во Буџетот, но не е наведена точната сума за субвенции.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги спроведува мерките и инструментите на политиката за уредување и поддршка на земјоделските пазари, директни плаќања и рурален развој, извршување на мерките за директните плаќања во земјоделството, интервенции на пазарот на земјоделски производи, имплементација на производните квоти, извршување мерки за рурален развој, реализација на средствата од претпристапна помош на Европската Унија за рурален развој, и спроведување мерки за државна помош во земјоделството.
Буџетот на оваа агенција за наредната година е 133 милиони евра, но секако, освен плаќањата кон земјоделците од него треба да се исплатат и платите на 218 вработени во оваа агенција, како и други трошоци што ги има.
„Програмата ИПАРД ги поддржува проектите коишто ќе овозможат достигнување на стандардите на ЕУ воспоставени во областа на земјоделското производство, преработката на храна и руралниот развој. Помошта преку оваа компонента е насочена кон поддршка на проекти поврзани со инвестиции во земјоделски и преработувачки капацитети и маркетинг на земјоделски производи и риба, како и кон подобрување и развој на руралната инфраструктура и обука на земјоделците“, пишува во Буџетот.
Буџетот за Министерството за земјоделство е планиран на речиси 30 милиони евра и е поголем од годинешниов, кој изнесува 28,6 милиони евра.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска