ПОВЕЌЕ

    ПАРИ АНАЛИЗИРА: КОИ ФИРМИ ИМААТ РАСТ НА ДОБИВКАТА НАД 1.000 проценти?

    Време зa читање: 5 минути

    Енергетската криза не само што драстично ги зголеми приходите на компаниите од енергетскиот бизнис и бизнисот со мазут, што беше логично со растот на цените, туку на дел од нив значително им ја зголеми и добивката. Сепак, не може да се каже за сите дека ја (зло)употребија кризата. Некои, едноставно, работеле повеќе. Но, факт е дека половина од десетте компании што направиле скок на добивка од над 1.000 проценти се токму од енергетскиот сектор или од дејности поврзани со него!

    Порталот Пари, во соработка со БизнисМрежа.мк, ги анализираше податоците на 100те најголеми фирми по добивка во 2022 година и откри дека многу од нив во 2021 година воопшто не биле во ова друштво и дека за да го направат скокот направиле огромни добивки.

    Во 100 најголеми компании по добивка во 2022 година, 10 компании имаат скок на добивката од над 1.000 проценти, при што рекордер е ЕТМТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје со раст на добивката од 5.505 проценти, но може да се каже дека големиот раст се должи и на тоа што фирмата не работела цела 2021 година, односно била формирана во март.

    Компании со раст на добивка од над 1.000 проценти, кои се рангирани во 100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ДОБИВКА

    ЕТМТ ЕНЕРЏИ е фирма формирана во март во 2021 година, а нејзин сопственик е фирма од Албанија. Минатата година, таа најмногу купувала ноќни вишоци на струја од АД ЕСМ, појава што беше остро критикувана од ВМРО-ДПМНЕ, наспроти информациите дека со домашното производство се задоволуват домашните потреби, а со продажбата на вишокот финансиски се подобрува состојбата на домашната енергетска компанија. ЕТМТ ЕНЕРЏИ лани направила 15 милиони евра и тоа ја рангирало на 11. место, наспроти 2021 година, кога била на 977. место.

    АТС Груп е фабрика отворена во јули 2019 година во индустриската зона Визбегово, и произведува опрема за војска и полиција. Нејзин сопственик е Шефкет Демировски, кој е и сопственик на неодамна отворената фотоцентрала „Новаци“, за која беше кажано дека е најголема на Балканот. АТС груп има раст на добивка од 3.473 проценти и лани заработила 11,8 милиони евра што ја позиционирала на високо 16. место, а претходната година по добивка била на 792. место.

    Со одличен скок на добивка е и холандската компанија за автобуси Ван хол. Растот на добивката е дури 2.842 проценти, профитот е 4,2 милиони евра и позиционираноста е на 48. место, а во 2021 година била на 1.670. место.

    Државната команија за бизнис со струја ЕСМ продажба лани успеала добро да заработи – направила профит од 4.9 милиони евра, што е скок за 2.839 проценти и обезбедено 39. место на листата 100 најголеми по добивка, за разлика од 2021 година, кога се наоѓала на 1.482. место.

    Компанијата РКМ поврзана со бизнисот со мазут и често споменувана во јавноста заедно со нејзиниот сопственик Ратко Капушевски, исто така имаше огромен скок, од 2.746 проценти, што лани ѝ донесе профит од 6,6 милиони евра и ја позиционира на 29. место по добивка, наспроти претходната година, кога беше позиционирана на 1.168. место.

    И МАРКОВСКИ КОМПАНИ Борче ДООЕЛ увоз-извоз Битола на индиректен начин е поврзана со енергетскиот сектор, затоа што таа е чест добитник на тендерите за ископ на јаглен на РЕК Битола. Лани заработила 6,6 милиони евра и тоа е скок на добивката за 1.535 проценти во однос на 2021 година. Лани била рангирана на 28. место по добивка, а во 2021 година на 633. место. Не е за изненадување, затоа што лани имаше многу голем ископ на јаглен со цел што е можно поголемо домашно производство.

    МАКОШПЕД е прва и најстара шпедитерска команија, која финансиски лани се враќа на сцена со раст на добивка од 1.520 проценти и профит од 2,8 милиони евра, што ја рангира на 83. место, а претходната година по добивка била на 1.445. место.

    ЕУ СИНЕРГИ ДООЕЛ Скопје е друштво за медицински материјал. Лани направило добивка од 3,2 милиони евра, што е раст од 1.396 проценти во однос на 2021 година. Затоа, лани било рангирано на 65. место, а претходната година на 1.208. место.

    Претпријатието за градежни материјали АКО ГРАДБА лани остварило промет од 4,3 милиони евра и имало раст на добивка од 1.369 проценти. Со таква добивка тоа лани било рангирано на 43. место, додека преклани било далеку од ТОП 100 по добивка и се наоѓало на 889. место по добивка.

    Дуферко МК врши трговија со електрична енергија и лани направила чист профит од 5,2 милиони евра, што е за 1.124 проценти повеќе од 2021 година, кога била позиционирана на 615. место според добивка, за разлика од 2023 година, кога бил на 34. место.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично