ПОВЕЌЕ

    Од септември поголеми пензии: За линеарните 2.500 денари месечно потребни плус 13,86 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Во септември пензионерите ќе имаат на располагање дополнителни 2.500 денари. Со тоа, власта ќе ја реализира првата рата од ветеното линеарно зголемување на пензиите за пет илјади денари. Втората ќе биде во март идната година.

    Што ќе биде понатаму, како пензиите ќе се усогласуваат со промените кај просечната плата и инфлаторната стапка, кон кој начин на корекција ќе се пристапи – процентуален или линеарен, ќе зависи од кондицијата на државната каса. Така вели премиерот, кој патем потврди дека се прават подготовките за линеарната исплата.

    „Законот е во подготовка за линеарното покачување, а не како што беше досега, и за овој септември и за во март, така што оние пет илјади денари кои што беа ветени, ќе легнат на сметката на пензионерите. Со ребалансот се предвидени овие средства за оваа година, но исто така со буџетот ќе ги предвидиме и за следната година. Во зависност од тоа во каква кондиција ќе биде буџетот, ќе видиме какви одлуки ќе носиме за следното усогласување во септември, дали ќе имаме повторно процентуално зголемување, или ќе имаме повторно линеарно зголемување, она што го бараа пензионерите“, наведе премиерот Христијан Мицкоски.

    Доколку се остане на оваа линија, власта ќе треба да направи законски измени, што и не претставува ниту голем проблем, ниту голем зафат. Суштински е да се обезбедат доволно пари за таа намена. Според неодамнешните изјави на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, за се уште актуелниот начин на усогласување месечно се потребни 664 милиони денари, додека за линеарката – 845 милиони денари. Или 10,79 милиони евра, наспроти 13,73 милиони евра. Разликата, месечна, е близу три милиони евра.

    Според последните податоци од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, кои се однесуваат за јуни, во државата има 341.146 корисници на пензија. Кога овој број ќе се помножи со 2.500, излегува дека во старт се неопходни дополнителни 852.865.000 денари, односно 13,86 милиони евра. До март и за исплата на шест пензии со додани 2.500 денари, во буџетот ќе треба да има плус 5.117.190.000 денари (83,2 милиони евра). По втората рата, уште толку. Воедно, ПИОМ одамна е буџетски зависник.

    Пензионерите бараа линеарно зголемување иако се добар дел од нив се свесни дека пензискиот систем се соочува со преголеми трошоци – сам за себе троши од 2 до 2,5 проценти од БДП. Па, заложбите беа и се уште се проблемот со најниските пензии да се решава со посебен закон за минимална пензија.

    По јунската статистика на ПИОМ, просечната пензија е 21.241 денар, а 87.860 лица ги примаат најниските законски дозволени пензии. Највисоката пензија од 80.280 денари ја користат 27 пензионери – забележан е еден корисник кои овие пари ги добива по основ на семејна, а 26 како стекната старосна пензија.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично