
Три милиони долари годишна плата звучи импресивно за секој вработен на планетава – но за новиот шеф на најскапата компанија во светот, тоа е само ситница во однос на вистинската сума што ја чека на крајот на годината. Џон Тернус, кој на 1 септември официјално седна на столот на извршен директор на „Епл”, доби пакет за наградување чијашто вкупна вредност изнесува дури 58 милиони долари – износ во кој основната плата зазема помалку од пет отсто.
Тернус, дотогашен потпретседател за хардверски инженеринг во компанијата, го наследи Тим Кук, кој 15 години ја водеше „Епл” пред да премине на новата функција извршен претседател на одборот на директори. Според регулаторниот документ поднесен до американската Комисија за хартии од вредност (SEC), новиот директор ќе прима годишна основна плата од 3 милиони долари – зголемување во однос на неговата претходна улога, чиешто ниво компанијата не го обелодени, но раководители на тоа ниво во „Епл” типично заработуваат околу 25 милиони долари годишно, вклучувајќи акции, плата и бонуси.
Вистинскиот дел од сметката, сепак, доаѓа преку акции. За фискалната 2027 година, на Тернус му е одобрена годишна награда во акции со целна вредност од 55 милиони долари – износ значително поголем од неговата основна плата. Структурата на таа награда е внимателно осмислена: 75 отсто од акциите се исклучиво зависни од учинокот, односно ќе се стекнат само доколку вкупниот принос за акционерите на „Епл” ги надмине резултатите на другите компании во индексот S&P 500. Останатите 25 отсто се врзани за времето поминато на функцијата и се стекнуваат постепено, во еднакви делови од по 12,5 отсто на секои шест месеци во период од четири години.
Пресметката значи дека доколку „Епл” во годината пред неа заостане зад пошироките берзански движења, дел од очекуваната награда на Тернус едноставно нема да се материјализира – модел на плаќање кој директно го поврзува финансискиот интерес на новиот директор со реалните перформанси на компанијата на берзата, а не само со фактот дека акциите поскапуваат воопшто. Дополнително, за неколкуте недели во кои Тернус ја извршуваше функцијата CEO пред крајот на тековната фискална 2026 година, „Епл” му додели и посебна, пропорционално пресметана награда во акции во вредност од 2,5 милиони долари.
Целата структура, всушност, е речиси идентична со онаа што ја имаше Тим Кук во својата последна целосна година како извршен директор – иста комбинација од 75 отсто перформанс-акции и 25 отсто временски врзани акции, со истиот критериум на споредба со S&P 500. Разликата е првенствено во бројките – пакетот на Тернус е нешто поголем во делот на акциите (55 наспроти 50 милиони долари целна вредност за Кук во претходната година), додека сè уште нема информација дали новиот директор ќе добие и годишен готовински бонус, елемент кој кај Кук во минатото значително ја зголемуваше вкупната сума.
Кук, пак, нема да остане со „празни раце“ во новата улога. Како извршен претседател, тој ќе прима годишна плата од 2 милиони долари, заедно со целна награда во акции од 45 милиони долари за фискалната 2027 година – пакет вреден вкупно околу 47 милиони долари. Иако тоа е помалку од неговата вкупна компензација како извршен директор за фискалната 2025 година, којашто изнесуваше околу 74,3 милиони долари, разликата не е драстична – околу една третина помалку, за улога која сега вклучува одржување односи со светски политичари и регулатори, во време кога „Епл” се соочува со Законот за дигитални пазари на Европската Унија, антимонополски постапки во повеќе земји и трговско опкружување што умее да се промени од месец во месец.
Тернус ја презема компанијата во момент кој тешко може да се нарече едноставен. Пазарот на паметни телефони веќе одамна е зрел и стагнира, додека компаниите фокусирани на вештачка интелигенција растат со експлозивно темпо. Покрај тоа, новиот директор ќе мора да се справи и со прашањето за иднината на „Епл” во забавната индустрија, каде „Apple TV” и „Apple Music” остануваат клучни столбови на бизнисот со услуги на компанијата. Својата прва јавна презентација пред пошироката јавност како извршен директор, Тернус ќе ја има на 9 септември, на настан насловен „Изненадување и сјај”, на којшто редовно се претставуваат новите генерации „iPhone” уреди.
Аналитика








