ПОВЕЌЕ

    ПАРИ АНАЛИЗА: Претприемачка треска – основани 630 нови компании повеќе во првите шест месеци во однос на лани

    Време зa читање: 5 минути


    Во многу параметри кризната 2020 година ќе биде оној податок од серијата кој отскокнува во повеќето графикони. Иако остави голем број на негативни последици врз реалниот бизнис, сепак е доста битно да се стават бројките од 2021 година во корелација со остварените резултати во 2020 година. Ваквите анализи во голема мера ќе дадат одговор на прашања поврзани со исплатливост на бизниси, можности за инвестирање, оправданост на одредени економски политики, согледување на резултати од одредени стимулативни пакети(субвенции и грантови), територијална атрактивност, демографски промени и сл.

    Токму затоа порталот Pari.com.mk согласно податоците на компанијата Таргет Груп и платформата за бонитетни информации БизнисМрежа.мк ги објавува податоците за ново формираните компании со пресек 30.06.2020 и 30.06.2021 година.

    Првиот заклучок е дека полека, но стабилно, има придвижување во реалниот сектор и дека кризата само во одредена мера ги одложила бизнис замислите, а токму во 2021 година дошло до реализација на истите. Бројките за првите шест месеци од 2021 се навистина охрабрувачки. Ако во 2020 година за истиот период се отворени 2240 нови форми, во првата половина годинава оваа цифра скокнала за дури 630 новоотворени фирми, односно 2870.

    Позитивните бројки за првото полугодие од 2021 година нека бидат поттик за сите оние кои сеуште се на крстопатот за влез во “големата игра”. Дел од бизнисите беа поттикнати и промовирни токму поради пандемијата и увидовме дека во голема мера пандемијата ги промени навиките на луѓето, а сето тоа резултираше со нови можности за претприемачите. Впечатлив е порастот на корисници на здравствени услуги, фармацевтски производи, здрава исхрана, ИТ опрема, превозни средства и слично, но да видиме што кажуваат официјалните податоци.

    Прв сегмент кој ќе го анализираме е географската дисперзија на ново отворените компании. Согласно платформата за бонитетни на БизнисМрежа.мк на ниво на држава има високо ниво на концентрација во одредени региони, а од друга страна постојат и т.н. црни точки – градови каде вработени во централните регистри скоро и да немаат работа.

    Новите фирми сконцентирирани најмногу во Скопје и Западна Македонија 

    ГрадПрва половина 2021 г.Прва половина 2020 г.Разлика
    Скопје16391340+229
    Тетово201132+69
    Битола 159130+29
    Гостивар 156116+40
    Куманово 15598+57
    Охрид 151109+42
    Струга11371+42
    Кавадарци 10474+30
    Прилеп 9875+23
    Струмица 9495-1
    Вкупно28702240+630

    Извор: БизнисМрежа.мк

    43% од новооснованите компании во 2021 година се сконцентрирани во Скопје. Ваквите бројки се само потврда за миграциските движења во државата и можностите за генерирање нови работни места. Тетово, Гостивар и Битола се исто така градови каде е забележана поголема активност во обем, додека во градовите од источниот дел на државата нема особен интерес за започнување нови бизниси. Споредбените податоци за период од првите 6 месеци во 2021 и 2020 година укажуваат на тоа дека во сите градови од топ 10 листата има позитивен тренд, односно во 2021 година се отворени повеќе нови компании. Ова особено доаѓа до израз во Скопје, Тетово и Куманово.

    Вториот сегмент е месечното отворање на нови компании. Тука се забележува влијаието на кризата во 2020 година, кога во месеците март и април евидентирани се надолни трендови, со драстичен пад, во однос на првите 2 месеци од годината. Од друга страна, во 2021 година токму март е месецот кога на ниво на држава се отворени најмногу компании, со тоа што загрижува опаѓачкиот тренд во наредните 3 месеци.

       Во март месец отворени најмногу компании

    Извор: БизнисМрежа.мк

    Од аспект на правниот облик во кој се основаат овие компании, може да се заклучи дека доминараат компаниите раководени од едно лице или ДООЕЛ. Се смета дека тоа е најпрактичниот начин за започнување со работа на една компанија, но од друга страна се занемаруваат предностите кои може да ги понуди здружениот капитал. Во однос на овој сегмент нема некои значителни отстапки помеѓу 2021 и 2020 година, односно евидентирани се слични процентуални застапености.

    Што се однесува до изборот на индустрија во која делуваат овие компании може да се изведат следните заклучоци:

    • Водечка индустрија во која се сместени најголемиот број на ново формирани компании за двете последователни години е Трговија на големо и мало.
    • Стабилен пораст на нови компании регистриран е во индустријата “Објекти за сместување и сервисни дејности со храна”.
    • Во 2021 година забележана е зголемена активност во секторите градежништво, каде отворени се 154 компании повеќе во споредба со 2020 година, а истиот тренд е евидентиран и кај преработувачката индустрија, со пораст од 85 компании.

    Најголем број од новоосновените компании се од трговијата на големо и мало

    Извор: БизнисМрежа.мк

    Генерално, првите 6 месеци од 2021 година носат надеж дека се расчистува небото над стартап заедницата и дека мотивот за започнување нов бизнис е на високо ниво. Ваквите трендови се очекува да продолжат и до крајот на годината, додека долгорочно мора да се направи национална стратегија околу стимулирањето на бизнисмените за управување со компании кои ќе имаат поголем обем на работа и ќе имаат поголем удел во националната економија. Она што сега се форсира како тренд, а тоа е услужна дејност и производство на полупроизводи, може да се врати како бумеранг во првиот момент кога во друга држава ќе се создадат поевтини услови за работа.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично