ПОВЕЌЕ

    Нова студиска програма на Бреинстер Некст колеџ! Какви кадри ќе добијат компаниите

    Време зa читање: 12 минути

    Само една година по основањето, првиот практичен ИТ-факултет во земјава, Бреинстер Некст колеџ (Brainster Next College), ќе го збогати својот опус со нова и уникатна додипломска студиска програма – Примена на ИТ – UI/UX и графички дизајн – која во моментот е во процес на акредитација.

    Ова е единствената програма што ги комбинира изучувањето на информатичката технологија и дизајнот на корисничкото искуство/интерфејс со принципите на графичкиот дизајн. Таа ги подготвува студентите за кариери во ИТ-индустријата или други улоги во технолошката индустрија кои вклучуваат создавање дигитални производи кои се прифатливи за корисниците и се визуелно привлечни.

    Kомпаниите ќе добијат дипломирани студенти што имаат екстензивно практично искуство за време на студиите, што сработиле минимум 3 реални проекти за клиенти. Ова ќе им овозможи на компаниите веднаш да ги вклучат студентите во работниот процес. Тие ќе учат повеќе софтверски програми, апликации и програмски јазици на практичен начин кои се идентични со оние што ги употребуваат најголем дел од компаниите.

    Акредитираниот ИТ-факултет кој почна со работа минатата академска година, имаше успешен уписен рок нa програмата Софтверско инженерство и иновации и првпат во регионот понуди револуционерен модел за финансирање на студиите, Студирај сега плаќај по вработување“.

    Повеќе за новата студиска програма на Бреинстер Некст колеџ, до каде се подготовките, како и тоа зошто се одлучиле да ја понудат оваа програма на матурантите и идните студенти годинава дознаваме од Александар Клашниновски, генерален менаџер на факултетот и Ема Кастратовиќ, академски координатор.

    Покрај студиската програма Софтверско инженерство и иновации, за новата академска година подготвувате уште една програма, Примена на информациски технологии – Дизајн на кориснички интерфејс/искуство и графички дизајн. Зошто се решивте да понудите ваква опција?

    Александар Клашниновски: Одлуката да ја понудиме оваа програма која е уникатна во нашата држава се базираше на екстензивна анализа. Прво ја анализиравме понудата на вакви кадри на нашиот пазар, при што одржавме средби со дел од нашите партнери од ИТ-индустријата (македонски и интернационални компании) за да дознаеме колку лесно се наоѓаат овој тип на кадри кај нас, а исто така направивме квантитативна и квалитативна анализа на резултатите и исходите од академиите за графички дизајн и UI/UX кои ги организира нашиот основач и мајка фирма – Бреинстер (Brainster) во делот на вработливоста на нашите студенти и успешните приказни.

    Потоа се фокусиравме на анализа на делот на побарувачката на овој тип на кадри, каде што покрај средби со нашите партнери од ИТ-индустријата, направивме анализа на над 100 огласи за работа за графички дизајнери и UI/UX дизајнери објавени кај нас и интернационално за да определиме кои точно знаења, вештини и компетенции се бараат од страна на компаниите. Третиот дел од нашата анализа ги опфати овој тип на додипломски програми од најдобрите факултети и универзитети во Европа и светот, со цел нивна евалуација и пресликување на најдобрите практики кај нас, секако, адаптирани на нашите услови и барањата на компаниите. На крај, нашата анализа ја завршивме со евалуација на понудата на овој тип додипломски програми во Македонија, при што заклучивме дека иако постојат две додипломски програми во делот на графички дизајн, тие се во поинаква насока од тоа што е потреба на ИТ-индустријата која изискува кадри кои имаат практични знаења и вештини за работа со повеќе софтверски алатки и примена на информатичка технологија во делот на графичкиот дизајн. Исто така, заклучивме дека, она што е понуда на нашиот пазар воопшто не го вклучува делот на UI/UX (дизајнирање на кориснички интерфејс и искуство) или е само површно опфатен преку еден предмет.

    Заклучокот од нашата анализа е дека моментално на нашиот пазар нема ваков тип на практична додипломска програма која ги опфаќа и UI/UX дизајнот и графичкиот дизајн како комплементарни области, која се фокусира на софтверските алатки и примената на информатичка технологија во овие делови и која ќе понуди дипломирани студенти кои ќе поседуваат знаење и компетенции кои се барани на пазарот на труд, не само во Македонија туку и глобално.

    Имајќи ги предвид резултатите од горенаведената анализа, се одлучивме да ја оформиме и понудиме оваа студиска програма, и истата во моментот е во процес на акредитација од страна на Одборот за акредитација на високото образование.

    Веќе спомнавте дека ваква студиска програма нема на нашиот пазар. Може ли да ни споделите нешто повеќе и за курикулумот?

    Александар Клашниновски: Ова е единствена и уникатна додипломска студиска програма кај нас, бидејќи во својот курикулум содржи предмети од областа на графичкиoт дизајн, UI/UX дизајнот, фронтенд програмирање, 3Д моделирање и анимации кои како вештини и компетенции се барани од страна на компаниите. Ние сме и практичен ИТ- факултет, што значи дека овие предмети ќе се изучуваат практично, преку работа на реални проекти, решавање на практични предизвици и работа со мали групи на студенти. Секако дека нема да ја занемариме и теоријата, меѓутоа таа е во служба на праксата на нашиот колеџ.

    Курикулумот на програмата е креиран во консултација со нашите партнери од ИТ-индустријата при што во него се вклучени голем дел од барањата на компаниите, како и најдобрите искуства од најпознатите светски универзитети во делот на графички и UI/UX дизајнот.

    Во првата година ќе се фокусираме на изучување на графичкиот дизајн што ќе опфаќа предмети и софтвери кои се изучуваат на најдобрите светски универзитети, адаптирани на потребите на индустријата и компаниите кои вработуваат вакви кадри. На крајот на прва година, последниот предмет е работа на реален проект во делот на графичкиот дизајн, за реален клиент каде што се синтетизираат сите практични вештини, како и теоретски знаења добиени од предметите кои се изучуваат и истите се применуваат во реална средина. Ова ќе ги подготви студентите за работа во реални услови и веќе веднаш да бидат спремни за пракса во нашите компании партнери.

    Во втора година фокусот е на предметите и софтверите кои се дел од UI/UX дизајнот и кои се изучуваат на начин и секвенца што ќе им овозможи на студентите полагање на последниот предмет од оваа година, кој слично како и во прва година, е работа на реален проект во делот на UI/UX за клиент. Трета година фокусот е на изучување на фронтенд програмирање (HTML, CSS и JavaScript) кое е must за сите модерни графички и UI/UX дизајнери согласно анализираните огласи за работа, потоа изучување на анимација, 3D моделирање како и дизајн на игри, една од најперспективните професии во регионот и светот.

    Со овој курикулум, под услов истиот успешно да се совлада, подготвени сме да им гарантираме вработување на сите успешно дипломирани студенти на оваа додипломска студиска програма на нашиот колеџ.

    Каков наставен кадар ќе предава на новата програма? Што е специфично за вештините што ги поседува овој кадар што ќе пренесува знаење?

    Ема Кастратовиќ: Наставниот кадар кој ќе ја спроведува програмата е сочинет од професори кои се реномирани експерти во ИТ-индустријата, односно во делот на UI/UX и графички дизајн, не само во нашата држава туку и во странство, и имаат долгогодишно и практично искуство покрај академската титула која ја поседуваат.

    Во оваа насока, професорите кои се дел од редовниот наставен кадар се грижат не само за пренесување на зададената материја во рамки на еден предмет, или, пак дел од програмата, туку се грижат и за пренесување на нивните стручни знаења и меки вештини стекнати во текот на нивното долгогодишно искуство како професионалци во областа на ИТ- секторот.

    Од голема важност е да се посочи дека покрај нивното професионално портфолио и академски достигнувања, нашите професори се воедно и исклучителни предавачи, кои индивидуално ќе се посветуваат на менторирање на секој од студентите при изведбата на практичната настава и работата на реалните проекти. Покрај редовните професори и експертите од ИТ- индуструјата, а со цел да се даде дополнителна интернационална димензија на наставата, ќе бидат вклучени и гости предавачи во рамки на одредени предмети од глобални ИТ-гиганти, како и претприемачи и професори од познати светски универзитети.

    Што значи за пазарот на труд, за компаниите, отворањето на ваква студиска програма и креирање на ваков тип на кадар?

    Александар Клашниновски: Со оваа програма компаниите ќе добијат дипломирани студенти што имаат екстензивно практично искуство за време на студиите, што сработиле минимум 3 реални проекти за клиенти. Ова ќе им овозможи на компаниите веднаш да ги вклучат студентите во работниот процес.

    Исто така со оваа програма студентите учат повеќе софтверски програми, апликации и програмски јазици на практичен начин кои се идентични со оние што ги употребуваат најголем дел од компаниите. Со ова ќе се надмине една од најголемите забелешки што ја има индустријата во однос на дипломираните студенти кај нас, односно студии базирани на теорија, немање практично искуство и учење на застарени концепти со што дипломираните студенти не се подготвени за работа и самите компании мора да инвестираат во нив за да можат ефикасно да се вклучат во работниот процес.

    Ема Кастратовиќ: Компаниите ќе имаат можност во текот на студирањето да им понудат пракса на нашите студенти, па ќе може да се запознаат со нив и нивните знаења и вештини уште во текот на студирање. Ова ќе им овозможи одличен pipeline за регрутација на идни вработени.

    Конечно, оваа додипломска студиска програма е единствена програма која во својот курикулум содржи графички дизајн, UI-дизајн, UX-дизајн, анимација, 3D моделирање и фронтенд програмирање што ќе им овозможи на студентите да изберат една од повеќе потенцијални кариери во овие области во која најмногу ќе се пронајдат. На компаниите, пак, ќе им овозможи кадар кој без проблем ќе може да се специјализира во еден домен од овие области или вработени коишто ќе бидат генералисти, односно ќе може да покријат повеќе области во исто време што е особено важно за стартапите и малите компании кои во раните фази од својот развој имаат потреба од овој тип на кадри.

    Она што е најбитно за компаниите, без разлика дали им требаат генералисти или специјалисти од областа на графичкиот дизајн и UI/UX дизајнот е фактот дека сите наши дипломирани студенти во текот на студирањето ќе се здобијат со практични вештини и работа на најпознатите софтвери во овие делови. Со тоа, тие ќе бидат подготвени веднаш да се вклучат во работниот процес на компаниите кои ќе ги регрутираат.

    Бреинстер Некст колеџ е применет ИТ-факултет, што значи дека многу се обрнува внимание на праксата и реалните проекти во програмите, тоа веќе го спомнавте. Како конкретно, овој практичен дел ќе се преслика и во Примена на ИТ – UI/UX и графички дизајн?

    Александар Клашниновски: Оваа студиска програма ќе се изучува на практичен начин преку здобивање на практични вештини за работа на повеќе видови софтвери во делот на UI/UX дизајн, графички дизајн, анимација, 3D моделирање, како и изучување на фронтенд прогрaмски јазици како технички вештини кои компаниите ги бараат во огласите за работа за графички и UI/UX дизајнери, не само во Македонија туку и глобално.

    Пример, во текот на прва година, покрај другите предмети, се изучува како да се работи во Adobe Illustrator во делот на векторска графика. Потоа се изучува растерска графика во Adobe Photoshop, како и компјутерска подготовка на печатени и дигитални медиуми во Adobe InDesign. Сите овие софтвери заедно со стекнатото знаење и вештини од останатите предмети се имплементираат во предметот базиран на имплементација на реален проект кој ќе им овозможи на студентите да работат во реална околина, со реален клиент и предизвици што ќе ги подготви веднаш по дипломирањето, па дури и пред дипломирањето да бидат подготвени да започнат со работа во компанија или пак да си формираат своја компанија.

    Во втора година ќе се запознаат со софтверите Figma, Figjam како и со алатки за квантитативна анализа како Excel и Google Sheets, кои што се неопходен дел од арсеналот на вештини на еден модерен UI/UX дизајнер.

    Во трета година ќе се запознаат со фронтенд програмските јазици како HTML, CSS и JavaScript коишто компаниите ги бараат од графичките и UI/UX дизајнерите за да можат да го сфатат целиот концепт на креирање веб-страници, апликации и други типови на софтвери за кои ќе креираат графички решенија, интерфејс и корисничко искуство. Понатаму ќе го изучуваат софверот Adobe After Effects кој е еден од водечките софтвери во делот на анимација како и соодветен софтвер за 3D моделирање.

    Сите овие софтвери и вештини, исто како во прва година, покрај што ќе се изучуваат практично за време на соодветните предмети, ќе бидат имплементирани во реални проекти на крајот на секоја година и како дел од дипломската теза што ќе им овозможи на нашите студенти all-round практични знаења и вештини барани на пазарот на труд, што ќе им овозможи веднаш да ја започнат својата ИТ-кариера како графички или UI/UX дизајнери.

    Што ќе може да се работи по дипломирање, колку се платени овие вештини?

    Ема Кастратовиќ: Резултатите од истражувањето на ИТ.мк покажаа доста шаренолики резултати во овој дел, иако треба да се напомене дека во делот дизајн, бројот на испитаници беше прилично мал споредено со бројот на испитаници во другиот дел на анкетата. Ова истражување покажа дека просечната нето-плата на овој тип на кадри кои работат во претставништво на странска компанија кај нас е 59.000 денари, оние коишто работат remotely за домашна компанија е 60.000 денари, додека просечната нето-плата на вработените кои работат remotely за странска компанија која не е базирана во Македонија е 90.000 денари.  За жал, Државниот завод за статистика сѐ уште не ги води овие професии како посебни.

    Во овој дел е важно да се напомене дека 53% од партнерите од индустријата на Бреинстер и Бреинстер Некст колеџот се странски компании кои remotely  вработуваат наши кадри да работат за нив. Заедно имаме над 150 партнерски компании од ИТ-индустријата.

    Повеќе информации за студиските програми на Бреинстер Некст колеџ, може да најдете на овој  ЛИНК.

    ПР објава

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично