„Алкалоид“ ќе инвестира во Rophibio, компанија од Јужна Кореја, со купување малцински удел. Тоа ќе го направи со докапитализација на своето новоформирано друштво ALKALOID Pharma International од Хрватска.
Преку ова вложување во Јужна Кореја, во противвредност од еден милион американски долари, „Алкалоид“, покрај сопственичкиот удел во таа компанија, ќе добие и право на првенство при лиценцирање на производите за регионите во кои има свои операции, информираат од најголемата македонска фармацевтска куќа.
„Земајќи го предвид потенцијалот на пазарот, како и искуството на тимот кој ја предводи компанијата Rophibio, АЛКАЛОИД АД донесе одлука за инвестиција во оваа истражувачко-развојна компанија, која во моментов е во напредна фаза на развој на биослични лекови“, се вели во објавата.
„Алкалоид“ е интернационална генеричка фармацевтска компанија која тежнее да биде присутна во сите сегменти на овој бизнис и да им понуди на здравствените системи и на пациентите достапност до што поголемо портфолио и типови на лекови по прифатлива цена. Покрај вообичаените генерички лекови, има стратешка цел да настапи на пазарот и со биослични лекови. Оттаму и преземениот чекор со цел навремен настап на тој растечки бизнис-сегмент во фармацевтската индустрија.