ПОВЕЌЕ

    НЛБ Банка: Бранко Грегановиќ ќе го предводи Управниот одбор и во наредните четири години

    Време зa читање: 2 минути

    Бранко Грегановиќ е реименуван за претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, а неговиот нов четиригодишен мандат официјално започнува на втори јануари 2024 година.

    Актуелниот челник доби претходна согласност со Решение издадено од Народната банка.

    За првпат оваа значајна функција Грегановиќ ја презеде на први јануари 2022 година. Дојде од НЛБ Банка Белград, каде што седум години ги извршуваше функциите претседател на Управниот одбор и главен финансиски директор.

    Во изминативе две години откако Грегановиќ ја води НЛБ Банка Скопје, Банката испорача силна кредитна поддршка за населението и за бизнис секторот. Бележи раст во сите сегменти од работењето, давајќи придонес во стабилноста на макроекономскиот и финансискиот амбиент на државата. Исто така, има значаен влог во локалната заедница преку поддршка на општествени организации и институции, спортски клубови и асоцијации, уметност, култура итн.

    Бранко Грегановиќ има повеќе од 30 години искуство на високи позиции во банкарскиот и корпоративниот сектор на словенечкиот, австрискиот и српскиот пазар, но и богато искуство во јавниот сектор, извршувајќи високо стручни функции во словенечкото Министерство за финансии и Централната банка. Грегановиќ има универзитетска диплома по економија и две одбранети магистерски тези од областа на економијата, една на Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, а втората на Лондонската бизнис школа при Универзитетот во Лондон.

    Конкретните резултати од раководењето на Грегановиќ со НЛБ Банка Скопје се согледуваат во финансиските извештаи од работењето.

    На крајот од 2022 година Банката оствари нето добивка во износ од 39,4 милиони евра, за 9,7 проценти повисока од последниот ден на 2021.

    Тој износ е надминат по трите одработени годинешни тримесечја, кога добивката на НЛБ Банка Скопје го достигна нивото од 39,6 милиони евра.

    Освен тоа, НЛБ Банка Скопје доби и официјална потврда дека е најатрактивна за вработување во рамките на својата фела – беше прогласена за „Најпосакуван работодавач“ за 2022 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично