ПОВЕЌЕ

    „Епл“ подготвува очила и AirPods со камери – но, кој ќе нè заштити од снимање без дозвола?

    Време зa читање: 8 минути

    Apple подготвува две нови категории паметни уреди – очила со вградени камери и нови AirPods што ќе можат да ја препознаваат околината на корисникот. Според најновите информации на Блумберг, паметните очила би можеле да бидат претставени во јуни 2027 година, а продажбата да започне до крајот на истата година. Во сличен период се очекуваат и слушалките со камери, со што Епл ќе влезе на пазарот на кој веќе доминира Meta.

    Но, додека технолошките компании гледаат огромен деловен потенцијал, сè поголем број граѓани, организации и регулатори предупредуваат дека очилата што снимаат можат да ја претворат секојдневната комуникација во постојан ризик за приватноста.

    Како што објави Блумберг, Епл веќе тестира прототипови на паметни очила со кодно име N50. Тие се потенки од дел од конкурентските модели на Мета, имаат камери интегрирани во рамката и ќе бидат поврзани со дигиталниот асистент Siri.

    Камерите ќе овозможуваат вештачката интелигенција да го препознава она што го гледа корисникот. На пример, очилата би можеле да прочитаат сообраќаен знак, да препознаат зграда, да преведат текст на странски јазик или да предложат рецепт врз основа на намирниците во фрижидерот.

    Корисникот би можел да испраќа пораки, да телефонира, да слуша музика и да управува со апликации преку гласовни команди, без да го вади телефонот од џебот.

    Првата генерација нема да прикажува виртуелни објекти пред очите, како кај очилата за проширена реалност. Наместо тоа, ќе се потпира на камерите, звукот и вештачката интелигенција, а поголемиот дел од обработката ќе се одвива преку поврзан iPhone.

    И новите AirPods ќе имаат камери, но не за класично фотографирање и видеоснимање. Според Блумберг, станува збор за сензори со ниска резолуција, кои ќе ѝ помагаат на вештачката интелигенција да ја разбере околината на корисникот. Тоа би овозможило попрецизни насоки при движење, препознавање предмети и дополнителни контекстуални информации.

    Иако производите се во напредна фаза на развој, Епл сè уште нема официјално потврдено датум на претставување, цена или конечни технички карактеристики. Според медиумските извештаи, проблемите со софтверот и развојот на вештачката интелигенција сè уште можат да го одложат нивното појавување на пазарот.

    Влезот на Епл на пазарот на паметни очила може да биде пресвртница за индустријата, но и за јавната дебата за приватноста.

    МЕТА ПРОДАВА ОЧИЛА СО КАМЕРА И ПОКРАЈ КОНТРОВЕРЗИТЕ

    За разлика од Епл, Мета веќе неколку години продава паметни очила со камера, во партнерство со производителот на очила EssilorLuxottica.

    Најпознати се моделите Ray-Ban Meta, кои овозможуваат фотографирање, видеоснимање, телефонски разговори, слушање музика и користење вештачка интелигенција.

    Компанијата не само што продолжува со продажбата, туку во септември 2026 година претстави и нова, трета генерација Ray-Ban Meta, со камера од 12 мегапиксели и можност за снимање видео во 3K резолуција. Почетната цена во САД изнесува 449 долари.

    Мета продава и спортски модели Oakley Meta, како и очила Meta Ray-Ban Display со мал екран вграден во стаклото.

    Според податоците на аналитичката компанија Omdia, што ги пренесе Ројтерс, моделите на Мета сочинувале 81,3 отсто од глобалните испораки на паметни очила со вештачка интелигенција во првата половина од 2026 година.

    Но „Мета“ не е единствената компанија што продава вакви уреди. Кинеската Xiaomi уште во јуни 2025 година претстави очила со камера од 12 мегапиксели, додека Alibaba ги лансираше своите Quark AI очила во ноември истата година. На пазарот е присутна и компанијата Rokid, со очила што комбинираат камера, превод во реално време и приказ на информации пред очите.

    Дополнително, на 12 ноември Google и Samsung најавија нови паметни очила развиени со Warby Parker и Gentle Monster, кои ќе започнат да се продаваат на 10 декември. Нивните цени започнуваат од 395 долари, а ќе го користат системот Gemini за препознавање на околината, превод и други функции.

    КОНТРОВЕРЗИ ОКОЛУ ПРИВАТНОСТА

    Токму ширењето на ваквите уреди предизвикува сè поголеми контроверзии.

    За разлика од мобилниот телефон, кој најчесто мора видливо да се насочи кон лицето што се фотографира или снима, камерите на паметните очила се речиси незабележливи. Лицето со кое разговараме може да носи очила што изгледаат сосема обично, а притоа да снима видео.

    Иако Мета има вградено светлосен индикатор што покажува кога камерата работи, критичарите предупредуваат дека малото светло не секогаш е доволно забележливо, особено во јавни простори.

    Проблемот веќе има конкретни последици.

    Во август годинава CBS News објави случај на жена која дознала дека непознат маж тајно ја снимал со паметни очила додека разговарал со неа. Видеото потоа било објавено на социјалните мрежи, каде што собрало повеќе од 200.000 прегледи, без таа да даде согласност.

    Слични случаи истражуваа и Гардијан и Лос Анџелес тајмс. Според нивните извештаи, очилата се користат за снимање непознати луѓе во кафулиња, фитнес-центри, клубови и на улица, а снимките неретко се објавуваат на социјалните мрежи како забавна содржина.

    Големото прашање е дали правото на корисникот да снима автоматски треба да биде поважно од правото на другите луѓе да знаат дека се снимани.

    Дополнителна загриженост предизвикува можноста вештачката интелигенција да ги анализира снимените лица, разговорите и предметите околу нив. Со развојот на технологијата, ризикот повеќе не е ограничен само на фотографирање, туку и на собирање информации за луѓе што воопшто не користат вакви уреди.

    Во март 2026 година, Мета се најде во центарот на дополнителен скандал, откако истражување на шведски медиуми откри дека вработени во компанија во Кенија, ангажирани за обработка на податоци за вештачка интелигенција, имале пристап до снимки направени со паметните очила.

    Според сведочењата, меѓу материјалите имало и чувствителни снимки од приватниот живот, вклучително и луѓе во бањи и спални соби, како и лични и финансиски информации.

    Откритијата доведоа до колективни тужби во САД. Според Лос Анџелес тајмс, повеќе од 70 лица се приклучиле кон постапки во кои се тврди дека приватни снимки биле изложени на надворешни соработници без соодветна согласност.

    Станува збор за наводи што се предмет на судски постапки, а не за правосилно утврдена одговорност.

    „Мета“ наведува дека применува мерки за заштита на податоците и дека светлосниот индикатор на очилата е дизајниран да го предупредува окружувањето кога се снима.

    НЕКОИ ЗЕМЈИ ПРЕДЛАГААТ ЗАБРАНИ ЗА УПОТРЕБА

    Паметните очила опремени со камера (како оние од Meta и Google) создаваат големи предизвици за приватноста и надзорот и за минувачите и за самите носители. Поради овие ризици, училиштата, бизнисите, теретаните и јавните места во големите градови почнаа да ги забрануваат паметните очила во своите простории. Податоците за отпечаток, гласовните снимки и видео снимките снимени преку паметните очила често се пренасочуваат кон cloud сервери.

    Додека компании како Google наведуваат дека не користат визуелни снимки од камерата за таргетирање на реклами или обука на модели, други платформи историски се потпирале на стандардни поставки каде што интеракциите на корисниците и медиумите се прегледуваат од автоматизирани системи или човечки изведувачи.

    Норвешката влада најави предлог за привремена забрана на паметни очила со камери во простори каде што приватноста е особено важна, како болници, соблекувални, училишта и други места на кои престојуваат деца.

    Не станува збор за општа забрана, туку за ограничувања што допрва треба да бидат разгледани и усвоени.

    Во Велика Британија, кинооператорите воведуваат ограничувања за носење очила со камера поради стравувања од нарушување на приватноста и нелегално снимање филмови.

    Во Холандија, синџирот продавници за очила Hans Anders ја суспендираше продажбата на Ray-Ban Meta, наведувајќи ја јавната и политичката дебата за употребата на ваквите технологии.

    И Австралија разгледува ограничувања за користење паметни очила со камери во државните институции.

    КОМПАНИИТЕ НАЈАВУВААТ СИГУРНОСНИ МЕРКИ

    Свесни за растечката недоверба, новите производители се обидуваат да ја претворат приватноста во конкурентска предност.

    Google соопшти дека новите очила развиени со Samsung, Warby Parker и Gentle Monster ќе имаат индикатор за снимање што не може едноставно да се исклучи или покрие, бидејќи во тој случај камерата ќе престане да работи.

    Компанијата ветува и дека снимките направени со очилата нема да се користат за обучување на нејзините модели за вештачка интелигенција, дека лицата на случајните минувачи ќе бидат замаглувани при одредени обработки и дека ќе биде забрането користењето на препознавање лица на минувачите.

    Но дури и ваквите мерки не го решаваат целосно проблемот. Случајните минувачи и понатаму можат да бидат снимени, а потоа снимките да се чуваат или споделуваат од корисникот.

    За Епл, кој со години ја истакнува заштитата на приватноста како една од главните предности на своите производи, предизвикот ќе биде особено чувствителен.

    Според досегашните информации, компанијата тестира дополнителни механизми за известување кога камерата е активна, но конечните правила за обработка, чување и користење на податоците сè уште не се објавени.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично