Анализа: Како да се задоволат основните месечни потреби?
Износот што го пресмета Сојузот на синдикати од 58.998 денари, кој е неопходен за функционирање на едно четиричлено семјство, во март за многумина е недостижен ако се следат платите во државава. Последни податоци за просечна нето-плата Државниот завод за статистика објави за јануари, кога таа изнесувала 39.542 денари. Но, како што може да се забележи од бројните реакции на социјалните мрежи или во медиумите, оваа плата, според размислувањето на граѓаните, е далеку од просечната, па често се коментира дека нејзиниот просек е како од онаа народната „Некој јаде месо, некој зелка, а заедно јадат сарма“.
Каква ќе биде покриеноста на кошницата со платите во март, ќе се дознае кога ќе се објави и мартовската плата. Сеако, ќе има раст со оглед на растот на минималната плата од сегашните 21.192 денари на најавуваните 22.567 денари . Но, за да се види каков е трендот, порталот „Пари“ ја анализираше покриеноста на јануарската кошница со штотуку објавената јануарска плата.
Бројките покажуваат дека со две просечни нето-плати може да се задоволи синдикалната кошница и да има плус пари, за да не се живее по минималните стандарди применети за нејзиата пресметка. Во таков случај, плусот во јануари бил 21.921 денар (јануарската кошница беше 57.163 денари). Ако во семејството има една просечна плата, тогаш таа би ги задоволила 69,17% од потребите. Со две минимални плати од 20.175 денари, синдикалната кошница се покрива со 70,58 проценти, а со една минимална плата 35,29%, покажува анализата на „Пари“.
Покриеност на синдикалната кошница во јануари
Факт е дека кошницата од јануари до март поскапела за 1.835 денари и да се задржи јануарската покриеност, за толку би требале и да се зголемат платите, но кај многумина тие воопшто не мрднале од јануарското ниво! И со новата минимална плата која порасна за 1.375 денари не се покрива оваа разлика.
Мартовската кошница значајно се зголеми во однос на февруари, а најголемо зголемување има во делот кај храната и пијалаците кои за март изнесуваат 22.681 денар, споредено со февруари, кога изнесувала 21.219 денари, што значи зголемување за дури 1.462 денари.
Движење на потрошувачката кошница откако почна да се објавува по новата методологија
СЕ ШТЕДИ ЗА ОДМОР ВО ДОЈРАН
Од декември минатата година, Сојузот на синдикати поинаку ја пресметува синдикалната кошница, па не е можно да се прават подолгорочни споредби на податоците. Новата кошница, за разлика од порано, е така конципирана што семејството има и еден помал автомобил и си дозволува еден скромен годишен одмор, за што секако, потребни се месечни издвојувања.
„Семејството ги купува само основните прехранбени производи и притоа прават споредби на производите барајќи ги тие со пониски цени. Можат да си ги дозволат само основните производи за домаќинството. Кога купуваат облека секогаш предимство им даваат на производите коишто имаат попуст. Поседуваат еден мал автомобил, а повозрасното дете има и месечен билет за автобуски превоз. Сите членови на семејството се здрави и користат главно превентивни или најнеопходни здравствени услуги. Не можат да си дозволат да јадат во ресторани, единствено два пати месечно можат да си дозволат храна од сендвичара и одат на одмор во бунгалов во Дојран 7 дена во јуни“, ја објасни пресметката Сојузот на синдикати.
ВО ЦРНА ГОРА ПОТРОШУВАЧКАТА КОШНИЦА ДУРИ 1.850 ЕВРА
Од регионот, Унијата на слободни синдикати на Црна Гора објави синдикална потрошувачка кошница (СПК) за четвртиот квартал од 2023 година. Според нивните пресметки таа е 1.850 евра, од кои 580 евра се за храна.
Методологијата за создавање на СПК, како што појасниле од Синдикатот, се заснова на компаративни искуства и анализи на синдикатите од околината, чии потреби и начин на живот се мошне слични со куповните навики на потрошувачите во Црна Гора.
„Исто така, при развивањето на методологијата се погриживме да исполниме одредени меѓународни стандарди, како и компаративни податоци од бројни меѓународни веб-страници кои се занимаваат со статистика и анализа на потребите на потрошувачите во одредени земји, односно делови од Европа и светот“, се наведува во соопштението од црногорскиот синдикат.
Во Босна и Херцеговина редовно се објавува синдикална кошница, а и таа е утврдена на повисоко од нашето ниво и во февруари била 2.898 конвертабилни марки (91.142 денари), од кои 44,42% се за храна.
Во Србија, синдикатите повремено излегуваат со укажувања на трошоците во потрошувачката кошница, а последното е дека само за храна на едно тричлено семјство му требаат 50.000 динари (околу 26.000 денари).
K.A.