ПОВЕЌЕ

    Невработеноста и феноменот „Хистереза“ во услови на Ковид 19

    Време зa читање: 4 минути

    Поимот хистереза е позајмен од физиката и означува зависност на индукцијата од состојбата на магнетизмот во претходниот период. Преведено со економска терминологија, а насочено кон проблемот со невработеноста, означува дека природната стапка на невработеност во голема мера е резултат на некоја мината состојба на невработеност. Во услови на Ковид 19 предизвикот кај економистите е да не се дозволи сегашните стапки на невработеност да влијаат врз идните состојби на пазарот на труд.

    Во сите предизвици со пандемијата свое огромно значење има и пазарот на труд. Токму овој сегмент е реалниот одраз и од таму започнуваат да се кројат сите идни политики за справување со последиците. Теоретската економија детектираше 4 шокови кои во голема мера ги поместија воспоставените нормативи.

    1. Огромен број на луѓе ги загубија своите работни позиции.

    Во САД преку 40 милиони луѓе беа отпуштени, додека во Европа таквите бројки беа значително пониски, но сепак трендот е сличен. Проблемот ќе настане во пост-ковид периодот. Имено, политиките на компаниите за вработување ќе бидат многу поразлични него ли пред кризата, а токму тука се осеќа хистерезата. Отпуштањата беа катализатор на атрактивноста на автоматизацијата, а тоа доведува до нејзина целосна имплементација во процесите.

    1. Голем број на вработени научија да работат од дома.

    Статистичките податоци покажуваат дека 40-70% од вработените во САД и Европа работеле од дома за време на пандемијата. За да биде ова возможно компаниите вложуваа значителни износи на средства во дигитална трансформација, а виртуелното менаџирање на тимовите стана реалност. Ова ќе придонесе до значителни промени во одлуките за вработување, со оглед на тоа што компаниите може да останат да функционираат онлајн, а со тоа не се врзани да вработуваат луѓе од ист град/држава. Работниците во држави со пониски барања за плати ќе станат атрактивни, а тоа на фирмите ќе им заштеди значителни износи на средства.

    1. Деловните објекти се многу поскапи со оглед на протоколите за работа.

    Овој тренд се очекува дека ќе има најмали последици, бидејќи нема да трае долго, но краткорочните ефекти се зголемени трошоци и потреба од поголем простор со значителни инвестиции за заштита на здравјето на вработените. Оттука, за компаниите повторно ќе биде поатрактивно вработување на работници кои ќе работат од дома.

    1. Финансиските последици од ковид-19

    Голем број на фирми беа погодени директно врз нивните баланси, а сето тоа води кон дополнително кратење на трошоци и настојување на примена на на вештачка и далечинска интелегенција.

    Што не учи историјата во врска со проблемот на хистерезата и како треба да се делува во услови кога сакаме да го решиме проблемот со невработеноста?

    Бизнис циклусите и големите рецесии укажуваат на два клучни параметри: инфлација и невработеност. Предизвикот е после секоја криза (без разлика која е причината) да се одржи ниско ниво на инфлација и да се намали невработеноста.  Новите кејнзијанци ја изучуваат хипотезата за хистереза преку последиците од првиот и вториот нафтен шок во текот на 70-тите години на минатиот век. Имено, после кризата и во САД и во Европа започна борбата со стагфлацијата. Во САД монетарниот микс се состоеше од големи монетарни рестрикции, проследени со лабава буџетска политика, додека во Европа владееше остра монетарна политика со стегната буџетска политика. Исходот од таквите политики беа справување со инфлацијата и невработеноста во САД, додека Европа ја доби битката само со инфлацијата. Ниското ниво на буџетски трошења дополнително го зголеми процентот на невработеност.

    Оттаму прашањето со хистерезата е од големо значење за идните владини политики, како на локално, така и на меѓународно ниво. Носителите на монетарните и фискалнити политики мора во своите видувања правилно да ги антиципираат можните последици, а за тоа да биде одржливо неопходна е експертска анализа во која своја тежина ќе има и професорската фела.

    Од аспект на фирмите и поединците, првите ќе мора да го прифатат забрзаниот тренд на глобализација и тоа е во нивен интерес, додека поединците мора да се прилагодат на новата побарувачка за работна сила, а таа сигурно ќе ја има при деловни односи за кои неопходна е тет-а-тет интеракција.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично