Месечните примања на функционерите нема да се зголемат. Коефициентите според кои се одредува висината на платите ќе се намалат со законски интервенции, за што се задолжени министерствата за правда и за економија и труд. Одлуките донесени на последната владина седница ги соопшти портпаролката Марија Митева.
„Имајќи ја предвид тенденцијата на пораст на просечната плата за 2024 во однос на просечната плата за 2023 година, Владата донесе одлука за изменување и дополнување на законите во кои се утврдени коефициентите за пресметка на платите на избраните и именувани лица, судиите, членовите на судски совет, јавните обвинители и на членовите на совет на јавни обвинители и за таа цел ги задолжи Министерство за економија и труд и Министерство за правда, секој во своја надлежност да достават изменување и дополнување на законите, на тој начин што ќе се изврши намалување на утврдените коефициенти за пресметка на платите. Се со цел да не се направи дополнителна штета“, посочи Митева.
Воедно, нагласи, и покрај тоа што актуелните законски решенија предвидуваат раст на платите на избраните и именуваните лица, Владата ја донеела одлуката за да го заштити јавниот интерес и да нема дополнителни фискални импликации врз Буџетот. Сепак, рече, со измените и дополн увањата на законите нема да се загрози и влоши состојбата на функционерите.
Исто така, Митева рече дека се обезбедени околу една милијарда денари во билансот на буџетот за исплата на К-15, што е законска обврска за сите работодавачи.
Меѓу владините одлуки е и препораката наменета за сите органи на државната управа – „да не се врши исплата на 13-та плата за 2024 година, како би успеале да обезбедиме фискална стабилност без преголеми оптоварувања врз средствата на граѓаните“, истакна портпаролката Митева.