Народна Банка донесена нова одлука за методологијата за управување со ликвидносниот ризик

Датум на објава: 29.05.2020

Време зa читање: 3 минути

Разгледана Годишната информација за плаќањата во 2019 година и донесена нова Одлука за методологијата за управување со ликвидносниот ризик со цел натамошно усогласување со базелските стандарди и регулативата на ЕУ

Советот на Народната банка одржа редовна седница на којашто ја разгледа Годишната информација за плаќањата во 2019 година. Податоците презентирани во Информацијата потврдуваат дека граѓаните и компаниите сè повеќе од плаќањата во земјата ги вршат со посредство на банките преку користење на кредитните трансфери и платежните картички. Вкупниот број плаќања извршени минатата година забележа годишен раст од 11,7%, при што е забележан поизразен раст на користењето на платежните картички, со што нивното учество во вкупните плаќања се зголеми и се изедначи со учеството на плаќањата преку кредитни трансфери. Во однос на кредитните трансфери, во рамки на Годишната информација нагласено е дека електронските кредитни трансфери растат засилено во споредба со кредитните трансфери иницирани на хартија. При годишен раст од 5,2% на вкупните кредитни трансфери минатата година, електронски иницираните кредитни трансфери растеа побрзо со стапка од 6,2% во споредба со кредитните трансфери иницирани на хартија, коишто се зголемија за 4,4%.

Според платежната статистика за минатата година, плаќањата со картички стануваат сè поприсутни во секојдневното купување на производи и услуги. Податоците покажуваат дека продолжува интензивниот раст на плаќањата во трговијата со платежни картички и на годишна основа во 2019 година изнесува 20,7%. Воедно, се зголемува и бројот на трансакции на физичките места на продажба со 20,4%, но уште посилно растат плаќањата со картички на интернет со 29%, на годишна основа. Притоа, процентот на население во земјата кое купува преку интернет се зголемува постојано и минатата година достигна 29% од населението кое користело интернет.

На седницата, Советот разгледа и донесе и нова Одлука за методологијата за управување со ликвидносниот ризик, со којашто се прави понатамошно усогласување на домашната регулатива со базелските стандарди (Базел III) и пред сѐ со одредбите на Регулативата на Европската Унија бр. 575/2013, како и со нејзините придружни акти, коишто се однесуваат на базелскиот ликвидносен стандард – стапка на покриеност со ликвидност (Liquidity Coverage Ratio – LCR).

Меѓу другото, со донесената одлука се воведуваат значајни новини во врска со стапката на покриеност со ликвидност на банките, којашто претставува сооднос помеѓу висококвалитетната ликвидна актива и нето паричниот одлив и се пресметува на месечно ниво, врз основа на состојбата на крајот на секој месец.

Со оваа Одлука се воведува нов ликвидносен стандард за нашиот банкарски систем, со којшто покрај тоа што се врши усогласување со европската регулатива, може да се влијае позитивно и врз развојот на домашниот финансиски пазар. Поконкретно, меѓу другото со Одлуката се пропишуваат различни видови финансиски инструменти коишто банките ќе можат да ги користат за добивање ликвидност. Оттука, се очекува по отпочнувањето на примената на оваа Одлука да се зголеми мотивираноста за појава на нови инструменти на домашниот пазар или евентуално за вложување на домашните банки во нови инструменти на странските пазари.

Со оглед на новините коишто се воведуваат со Одлуката и потребата за соодветно приспособување на системите на банките кон новите барања, таа ќе се применува од почетокот на следната година. Со отпочнување на примената на Одлуката и воведувањето на стапката на покриеност со ликвидност, ќе престане обврската за банките за утврдување и одржување на постојните стапки на ликвидност до 30 и 180 дена.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

Прочитајте и ...  Волстрит изгледа оптимистички после објавените резултати за вакцината против Ковид-19

Тагови: домашен пазар, ликвидносниот ризик, Народна банка, нбрм, ризик,

Facebook профил: pari.com.mk

Инстаграм профил: pari.com.mk

@pari.com.mk

© Преземањето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови и изјави во авторска сопственост на порталот pari.com.mk е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува. Секое преземање фотографија означена со лого, без претходна согласност со pari.com.mk, е строго забрането.


Сподели: