ПОВЕЌЕ

    Девизните резерви откако во јули се стопија за речиси половина милијарда евра, повторно растат

    Време зa читање: 2 минути

    Девизните резерви се повторно во пораст откако летото се стопија за речиси половина милијарда евра. Според податоците на Народната банка девизните резерви на крајот на октомври 2021 изнесуваат 3.650,7 милиони евра. Тоа пак значи дека во однос на месец јули кога девизните резерви беа на најниско ниво од почетокот на годината до крајот на октомври пораснале за повеќе од 100 милиони евра.

    Во јули девизните резерви се намалија на 3.547 милиони евра, поради отплата на 500 милиони евра долг од еврообврзницата.

    ,,Промената на резервите е движена од редовното сервисирање на обврските на државата кон странство(отплата на обврски врз основа на издадена еврообврзница). Во овој период интервенциите на Народната банка, како и новата алокација на специјални права на влечење придонесоа за зголемување на резервите”, информираат од Народната банка.

    Најголем дел од девизните резерви во октомври месец се пласирани во хартии од вредност (73,2%) по што следуваат валутите и депозитите (12,9%) и монетарното злато (9,4%).

    Може да се забележи дека во однос на септември месец има пораст кај резервите на злато, во септември биле 8,9% и хартиите од вредност(72,7%), додека се намалува учеството на валутите и депозитите кои во деветиот месец изнесувале 13,9% од девизните резерви.

    Официјални девизни резерви по месеци во 2021

    МесецДевизни резерви (во евра)
    Јануари3,335,74
    Февруари3,298,00
    Март3,939,17
    Април4,003,51
    Мај4,019,81
    Јуни4,031,07
    Јули3,547,15
    Август3,691,58
    Септември3,690,73
    Октомври3,650,38

    Девизните резерви се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс и/или за други цели. Останатите девизни средства се составени од девизните средства на централната банка коишто не ги исполнуваат основните критериуми за нивно вклучување во девизните резерви.

    Девизна ликвидност е поширока дефиниција на девизните резерви, опфаќајќи ги од една страна, девизните средства расположливи веднаш на властите (монетарната власт и централната влада) за задоволување на побарувачката за девизи, а од друга страна, краткорочните девизни обврски и вонбилансните активности, преку планираните и потенцијалните нето-одливи на девизни средства врз оваа основа.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично