ПОВЕЌЕ

    НАЈГОЛЕМИОТ ДИГИТАЛЕН ГРАБЕЖ ДОСЕГА: Хакери украле 1,5 милијарди долари криптовалути од берзата Bybit

    Време зa читање: 3 минути

    Размената за криптовалути „Bybit“ ги повика „најсветлите умови“ во сајбер-безбедноста да и помогнат да врати 1,5 милијарди долари украдени од хакери – што се смета за најголемата поединечна дигитална кражба во историјата.

    Крипто платформата со седиште во Дубаи соопшти дека напаѓачот добил контрола над паричникот на Ethereum, една од најпопуларните дигитални валути по биткоинот, и ја префрлил содржината на непозната адреса.

    Bybit веднаш се обиде да ги увери своите клиенти дека нивниот имот на криптовалути е безбеден, додека нејзиниот главен извршен директор на социјалните мрежи рече дека Bybit ќе ги врати парите на сите засегнати, дури и ако хакираната валута не биде вратена.

    „ Bybit е солвентен дури ако оваа загуба од хакирањето не се врати, сите средства на клиентите се покриени 1 на 1, можеме да ја покриеме загубата“, објави Бен Џоу, ко-основачот и главен извршен директор на Bybit на X.

    Тој додаде дека компанијата поседува 20 милијарди долари во средства на клиентите и ќе може да ги покрие сите неповратени средства сама или преку заеми од партнери.

    Bybit, кој има повеќе од 60 милиони корисници ширум светот и е втора по големина берза за криптовалути во светот според обемот на тргување, рече дека веста за хакирањето довела до пораст на барањата за повлекување.

    Џоу напиша дека компанијата добила повеќе од 350.000 барања од клиенти за повлекување на нивните средства, што може да доведе до одложување на обработката.

    Bybit рече дека хакирањето се случило кога компанијата правела рутински трансфер на Ethereum од офлајн „ладен“ паричник во „топол“ паричник, кој го покрива нејзиното секојдневно тргување. Напаѓачот ги искористил безбедносните контроли и можел да ги пренесе средствата. Џоу рече дека сите други паричници на берзата не се засегнати.

    Цената на Ethereum падна за речиси 4% по веста за хакирањето во петокот, но оттогаш речиси се врати на претходните нивоа.

    Компанијата ги повика „најпаметните умови во сајбер безбедноста и крипто-аналитиката“ да и помогнат во обидот да ги врати хакираните средства и нуди награда од 10% од повратениот износ, што би можело да изнесува вкупно 140 милиони долари доколку се врати целата хакирана сума.

    „Bybit е решен да се издигне над неуспехот и суштински да ја трансформира нашата безбедносна инфраструктура, да ја подобри ликвидноста и да биде постојан партнер на нашите пријатели во крипто заедницата“, рече Џоу во изјавата.

    Хакирањето е неуспех за крипто-индустријата, која закрепна во последниве месеци откако имаше корист од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа и неговите ветувања дека ќе ги направи САД „крипто главен град на планетата“ во услови на полабава регулатива .

    Иако идентитетот на напаѓачот Бибит е непознат, некои извештаи сугерираат дека сторителите би можеле да бидат севернокорејски државни хакери , како што е групата Лазарус, кои беа обвинети за претходни големи грабежи, вклучително и за кражба од 615 милиони долари од блокчејн-проектот Ronin Group во 2022 година.

    Нападот изгледа сличен на оние извршени против крипто берзата WazirX и протоколот за заеми Radiant Capital, според Шахар Мадар, потпретседател за безбедност и доверливи производи во Fireblocks, кој му помага на Bybit во истрагата.

    „Двата случаи на крајот и се припишуваат на Северна Кореја“, рече Мадар во интервјуто. „Во сите случаи, ова се искусни луѓе, ова укажува на многу напреден напаѓач“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично