ПОВЕЌЕ

    Нафтената криза може да го забрза крајот на фосилната ера

    Време зa читање: 3 минути

    Додека цената на нафтата се искачува над 105 долари за барел, а стравувањата од прекини во снабдувањето го држат пазарот во неизвесност, шефот на International Energy Agency, Фатих Бирол, испраќа порака што оди многу подалеку од актуелната криза. Според него, војната со Иран може трајно да ја промени глобалната енергетска слика и да го забрза оддалечувањето од нафтата.

    Во интервју за Гардијан, Бирол оценува дека нарушената доверба во сигурноста на фосилните горива ќе ги турне владите кон побрзи инвестиции во обновливи извори, нуклеарна енергија и електрификација. Земјите изложени на ризиците поврзани со Ормускиот теснец, според него, ќе почнат поинаку да ја пресметуваат цената на геополитичката зависност.

    Неговата оценка доаѓа во момент кога пазарот испраќа сосема поинакви сигнали. Ограничената понуда и растечките ризици ја туркаат нафтата нагоре, додека проценките на Goldman Sachs велат дека производството во Заливот е намалено за 57 проценти во однос на нивото пред војната. Во меѓувреме, аналитичарите на JPMorgan Chase предупредуваат дека цените можеби ќе мора дополнително да растат за да се предизвика пад на побарувачката.

    Токму затоа изјавата на Бирол се издвојува. Додека пазарите гледаат недостиг, ИЕА гледа можен пресврт.

    Неговата теза е дека кризата не е само моментален ценовен шок, туку предупредување. Ако светската економија може да биде, како што вели, „заложник на теснец од 50 километри“, тогаш енергетските стратегии неизбежно ќе се менуваат. Во таа логика, ова не е само војна што ја качува цената на нафтата, туку конфликт што може да ја смени иднината на самата индустрија.

    Бирол испрати и порака до Велика Британија, предупредувајќи дека плановите за проширување на дупчењата во Северното Море тешко дека ќе понудат брзо решение. Според него, тие нема да донесат значајни количини нафта и гас со години, а можно е и да немаат економска логика.

    Но, аргументот не останува без контрастав. За многумина, актуелната криза не покажува слабост на фосилните горива, туку токму спротивното, колку светот и натаму зависи од нив. Високите цени, стравот од недостиг и геополитичкиот ризик можат подеднакво да поттикнат и нов циклус инвестиции во нафта и гас.

    Затоа прашањето не е само дали кризата ќе ја намали побарувачката за нафта, туку дали ќе го забрза преминот кон нов енергетски модел. Според Бирол, процесот веќе почнал. Пазарите, засега, не изгледаат убедени. И токму во таа судирна линија меѓу краткорочниот недостиг и долгорочната транзиција се крие суштината на сегашната енергетска криза.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично