ПОВЕЌЕ

    Национален план со 61 мерка за енергетска трансформација до 2030 година

    Време зa читање: 2 минути

    Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, стратешки документ што ја дефинира насоката на енергетската трансформација на државата, со фокус на одржлив развој и усогласување со европските политики, соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Планот, кој е изработен по нивен предлог, претставува клучен инструмент за модернизација на енергетскиот сектор, како и за исполнување на обврските од Енергетската заедница и европската регулатива.

    Документот содржи 61 мерка, распределени во неколку области: 26 мерки за декарбонизација; 20 за енергетска ефикасност; 3 за енергетска безбедност; 11 за внатрешен пазар на енергија; 1 мерка за истражување, иновации и конкурентност.

    Главниот фокус е насочен кон намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на учеството на обновливите извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност.

    Во следниот период се предвидуваат конкретни активности, меѓу кои инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воспоставување систем за цена на јаглерод во согласност со европските стандарди, развој на капацитети за складирање енергија, модернизација на енергетската инфраструктура и постепено намалување на зависноста од јаглен.

    Планот предвидува и зајакнување на енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови интерконекции, како и понатамошна либерализација и интеграција на пазарот на електрична енергија.

    Документот е подготвен низ широк и транспарентен процес во кој учествуваа институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери. Во него се вградени препораките на Секретаријатот на Енергетската заедница и актуелните европски политики.

    За Планот е спроведена и Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, која ги опфаќа ефектите врз воздухот, водите, почвата, биодиверзитетот, климатските промени и здравјето на граѓаните. Извештајот е усвоен по јавни расправи и консултации, вклучително и со соседните држави.

    Со имплементацијата се очекува подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска стабилност и независност, нов инвестициски циклус во енергетиката и забрзување на зелената транзиција.

    Планот се оценува како стратешка рамка за долгорочна енергетска политика, со цел одржливост, иновации и приближување кон европските стандарди.

    (Фото: Freepik)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично