Капитациониот бод на матичните доктори од општа медицина и гинекологија се зголемува од 75 на 100 денари, или за 33 проценти. За матичните стоматолози предвиден е растот од 23 насто, односно од 61 на 75 денари. На Светскиот ден на здравјето, добрата вест ја соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
„Денес сакам да ви соопштам една добра вест за јакнење на столбот на здравствената заштита, за јакнење на примарната здравствена заштита во македонското здравство. Донесена е одлука за историско зголемување на капитациониот бод за матичните доктори од општа медицина, гинекологија и стоматологија, почнувајќи од април. Зголемувањето на капитацијата на матичните лекари значи повисоки плати и помотивирани лекари“, нагласи Мицкоски, додавајќи дека зголемувањето доаѓа по „повеќегодишна стагнација во периодот 2019-2022 година кога бодот изнесува 63 денари и 48 денари“.
Според него, поради потценетоста на примарната здравствена заштита, бројот на амбулантите по општа медицина е за 34 намален лани во однос на 2023 година, а по стоматологија за 24. Посебно намалување има во руралните и помалите места, за кои уште во јануари се донесоа посебни мерки.
„Државата издвојува околу 4.5 милијарди за матичните лекари, гинеколози и стоматолози, а за ова зголемување ќе се издвојат околу 550 милиони денари или над девет милиони евра“, истакна Мицкоски, кој посочи дека оваа одлука е дел од владината стратегија за унапредување на здравствениот систем, „препознавајќи ја клучната улога на матичните лекари во превенцијата и лекувањето“.