ПОВЕЌЕ

    На многу компании од бизнисот со НАФТА И ГАС им се заканува одземање на лиценцата?!

    Време зa читање: 4 минути

    Течат роковите за дури 8 компании од бизнисот со нафта и гас, за кои Регулаторната комисија за енергетика поведе постапка за одземање на лиценца. Решенијата се донесени на 10 август, а компаниите имаат временски период од 30 дена да ја исправат својата грешка. На 14 јули биле известени дека постојат причини за отпочнување на постапката, но не доставиле докази со кои би го разубедиле Регулаторот.

    Постапка за одземање на лиценца е почната за: ДЕТОИЛ ДОО – Куманово, ДАДИ ОИЛ ДООЕЛ Јакимово- Виница, Пертинакс ДООЕЛ Скопје, Унион гас Ивел – Скопје, Башино гас – Велес, Моби петрол – Охрид, Шимов-транспорт компани Богданци, Еуро петрол – Чешиново Облешево. Зедничко за сите одлуки на Регулаторот за почнување на постаките за одземање на лиценца е складиштен простор и законски утврдени количества залиха, нешто на што овие компании „заборавиле“.

    Друштвото за производство и трговија на големо и мало, увоз-извоз ДЕТОИЛ ДОО Куманово треба да достави доказ дека објектот за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива или горива за транспорт (склад) има резервоари со минимална зафатнина согласно Правилникот за условите за евидентирање на количините и потребниот капацитет. Регулаторот ја почнал постапката со оглед на тоа дека моментален резервоарски капацитет за складирање на Еуросупер БС 95 и течен нафтен гас (ТНГ) не ги исполнува условите.

    На Друштвото за производство и трговија и услуги ДАДИ ОИЛ ДООЕЛ Јакимово Виница постапката за одземање лиценца му е отпочната поради недоволниот моментален капацитет за складирање на Екстралесно масло за домаќинствa (ЕЛ1) и Еуросупер БС 95.

    Започната е постапка за одземање лиценца за вршење енергетска дејност трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогоривa и горива за транспорт – трговија на големо со Мазут-М1 и Еуросупер БС 95, издадена на Друштвото за трговија, градежништво и услуги ПЕРТИНАКС ДООЕЛ, поради тоа што носителот на лиценцата не ја врши дејноста за која е издадена лиценцата на начин и под услови пропишани со Законот за енергетика и други закони, како и прописите и правилата донесени врз основа на Законот за енергетика. Компанијата се задолжува во рок од 90 дена од денот на прием на одлуката да ги преземе сите потребни активности заради отстранување на причините поради кои е започната постапката за одземање на лиценцата и да достави доказ дека објектот за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива или горива за транспорт (склад) има резервоари со минимална зафатнина согласно Правилникот.

    УНИОН ГАС – ИВЕЛ ДООЕЛ нема доволен резервоарски капацитет за складирање на течен нафтен гас (ТНГ).

    Друштвото за трговија со технички гас и опрема БАШИНО ГАС извоз-увоз ДООЕЛ Велес нема доволен резервоарски капацитет за складирање на Еуродизел БС и Екстра лесно масло за горење (ЕЛ1) и не ги исполнува условите.

    Друштвото за производство, трговија и услуги МОБИ ПЕТРОЛ ДООЕЛ Охрид нема доволен резервоарски капацитет за складирање на Екстра лесно масло за домаќинства (ЕЛ-1) и Еуродизел БС.

    Друштвото за производство, трговија и транспорт ШИМОВ ТРАНСПОРТ КОМПАНИ ДОО с. Богданци – Гевгелија нема доволен резервоарски капацитет за складирање на Екстра лесно масло за домаќинства (ЕЛ-1).

    Трговијата на големо со Еуродизел БС, издадена на Друштвото за транспорт, производство, трговија и услуги ЕУРО ПЕТРОЛ ДОО Чешиново, Чешиново-Облешево е доведена во прашање поради резервоарскиот капацитет за складирање на Еуродизел БС.

    Согласно член 2 од Правилникот за условите за евидентирање на количините и потребниот капацитет, на објектите за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива или горива за транспорт („Службен весник на РСМ“ бр.13/21 и 290/22), објект за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива или горива за транспорт (склад) треба да има резервоар со минимална зафатнина од: 100m³ за биогориво, 100m³ за гориво тип 1 (ГМ-1) за млазни мотори, 200m³ за течен нафтен гас (ТНГ) и 500m³ по дериват за останатите деривати и горива за транспорт. Во случај на постоење на повеќе објекти за складирање на различни локации на еден трговец, вкупниот резервоарски капацитет на сите објекти за складирање треба да ја задоволува минималната наведена зафатнина.

    Сите овие снабдувачи, согласно дадените лиценци, требале да ги исполнат условите од Правилникот, но немале доволно складишен капацитет.

    Од друга страна, како што е познато, бизнисот со нафта и со гас е еден од најдоходовните.

    НАФТЕНИОТ БИЗНИС ЦУТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Прометот се мери во милијарди, профитите во милиони евра

    К.А
    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично