ПОВЕЌЕ

    Мундијалот се игра и на Волстрит: кои акции се во најдобра позиција за гол?  

    Време зa читање: 4 минути

    Светското првенство во фудбал за инвеститорите е глобален настан што во период од еден месец концентрира огромна потрошувачка во повеќе индустрии – спортска опрема, хотелиерство, платежни системи, пијалаци, медиуми и туризам.

    Најголемите светски инвестициски куќи како Голдман Сакс, Бернштајн и Барклис веќе ги издвојуваат компаниите што би можеле да имаат директна корист од Мундијалот во САД, Канада и Мексико. Едноставно, првенството ќе биде најголемо во историјата со 48 репрезентации, 104 натпревари и очекувани милиони посетители.

    Податоците од Катар 2022 и проекциите за Мундијалот 2026 покажуваат дека најголемите добитници најчесто се глобалните компании кои преку спонзорства, продажба на опрема, платежни услуги, туризам и медиуми се директно поврзани со најголемиот фудбалски настан во светот.

    Најк и Адидас: борба за секој дрес

    Според анализите на Бернштајн, Мундијалот може да донесе раст на продажбата од неколку проценти кај фудбалските програми на Најк и Адидас, пред сѐ преку дресови, обувки и навивачка опрема. Адидас има дополнителна предност како официјален партнер на ФИФА и производител на официјалната топка за турнирот.

    Двете компании заедно контролираат околу 80 проценти од глобалниот пазар на фудбалска опрема, што ги прави најизложени на мундијалската еуфорија.

    Во Катар 2022, Адидас беше официјален партнер на ФИФА и снабдувач на официјалната топка и дел од репрезентациите, додека Најк обезбедуваше опрема за повеќе од десет национални селекции, меѓу кои Бразил, Франција и Англија.

    За Мундијалот 2026, аналитичарите на РБЦ Капитал Маркетс проценуваат дека само Најк би можел да оствари дополнителни приходи од околу 1,3 милијарди долари.

    Хотелите очекуваат милиони ноќевања

    Хотелските синџири се меѓу најспоменуваните добитници.

    Според проценката на Б. Рајли, Светското првенство би можело да генерира околу 13,1 милион посетители и повеќе од 21 милион хотелски ноќевања. Аналитичарите посочуваат дека најголема изложеност имаат хотелските групации Мериот и Хилтон поради нивното силно присуство во градовите домаќини.

    Дополнително, Мериот е и официјален партнер на турнирот преку својата програма Бонвој.

    Во Катар, ФИФА оствари 243 милиони долари приходи само од хоспиталити програмата – сегментот на ВИП-пакети и угостување, а беа продадени повеќе од 259.000 премиум пакети.

    За 2026 година се очекува приходите од билети и ВИП-пакети да достигнат околу три милијарди долари. Тоа значи огромна побарувачка за хотелско сместување во 16 градови домаќини.

    Виза и Мастеркард – секое плаќање е провизија

    ФИФА има долгогодишно партнерство со Виза, која е официјален платежен партнер на светските првенства. Според компанијата, Светското првенство е една од најголемите глоблни маркетиншки можности. Секое плаќање со картичка за билет, хотел, ресторан или сувенир генерира приход преку трансакциските провизии и надоместоци.

    Инвестициските анализи укажуваат дека прекуграничната потрошувачка значително расте за време на вакви глобални настани, што создава дополнителен обем на трансакции и за Виза и за Мастеркард.

    Со очекувани 6,5 милиони посетители на стадионите и десетици милиони туристи кои ќе патуваат низ САД, Канада и Мексико, аналитичарите прогнозираат значително зголемување на обемот на плаќања со картички во текот на турнирот.

    Кока-Кола и АБ ИнБев победници надвор од теренот

    Кока-Кола е еден од најстарите партнери на ФИФА (од 1978 година) и има ексклузивни маркетиншки права за безалкохолни пијалаци. За 2026 година, раководството на компанијата веќе го означи Мундијалот како најважна глобална маркетинг програма.

    АБ ИнБев, преку брендовите Будвајзер, Корона и Стела Артоа е официјален спонзор на турнирот и традиционално бележи зголемена продажба за време на големите фудбалски натпреварувања. Во Катар 2022, иако продажбата на алкохол на стадионите беше ограничена непосредно пред почетокот на турнирот, компанијата остана еден од највидливите глобални партнери на ФИФА.

    ОД СЛИКИЧКИ ЗА 10 ЛИРИ ДО НАЈГОЛЕМИОТ АЛБУМ ДОСЕГА: Како Панини го претвори Светското првенство во глобална треска

    Голдман Сакс ги издвојува токму производителите на пиво како една од групите што најмногу добиваат од Светските првенства, поради значителниот раст на потрошувачката за време на натпреварите и навивачките собири.

    За разлика од репрезентациите, чијшто успех и заработка зависат од дадените и примените голови, индиректно инволвираните не ги засега многу резултатот на теренот. Фудбалерите се  борат за престижната титулата, а корпорациите се обидуваат да освојат дел од милијардите долари што ќе се потрошат за време на најголемиот Мундијал досега.

    ПАНИНИ ПРЕД ГОЛЕМ ПРЕСВРТ: Продажба, берза или нов инвеститор за 5 милијарди евра?

    Додека репрезентациите ќе се борат за подобар пласман, а најдобрите за светската титула, корпорациите ќе се натпреваруваат за дел од милијардите долари што ќе ги изнедри најголемиот Мундијал. За нив вистинскиот резултат се мери со постигнатите приходи и профит.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    ГОЛЕМА ВОЗБУДА, УШТЕ ПОГОЛЕМИ ОЧЕКУВАЊА: Какви ќе бидат економските ефекти на Мундијалот на американскиот континент?

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично