ПОВЕЌЕ

    ОД СЛИКИЧКИ ЗА 10 ЛИРИ ДО НАЈГОЛЕМИОТ АЛБУМ ДОСЕГА: Како Панини го претвори Светското првенство во глобална треска

    Време зa читање: 5 минути

    За милиони луѓе низ светот, Светското првенство не почнува со првиот судиски свиреж. Почнува многу порано, со првото отворено пакетче сликички, со мирисот на нов албум, со потрагата по играчот што недостига и со размената на дупликати.

    Зад оваа навидум детска игра стои еден од најинтересните бизниси во спортската индустрија. Панини не продава само сликички. Панини продава навика, носталгија, колекционерска страст и дел од фудбалската култура.

    Од мал семеен бизнис во италијанскиот град Модена, компанијата прерасна во глобален бренд присутен во повеќе од 150 земји. Денес Панини не е само синоним за фудбалски албуми, туку и за колекционерски картички, стрипови, јапонски стрипови, детски изданија, книги и други колекционерски производи.

    Но, токму фудбалот останува срцето на нејзината приказна. А Светското првенство е најголемата сцена на која Панини ја претвори хартијата во милијардерски бизнис.

    Четворица браќа, киоск и сликички од 10 лири

    Приказната за Панини почнува во 1961 година во Модена, Италија. Основачи се браќата Џузепе, Бенито, Франко и Умберто Панини.

    Според приказната што често се поврзува со почетоците на компанијата, браќата Панини налетале на непродадена серија фудбалски сликички, произведени од друга компанија. Ги купиле евтино, по околу две италијански лири, ги препакувале и ги продале по 10 лири.

    Продажбата поминала толку добро што сфатиле дека тука има нешто многу поголемо од обична препродажба. Така се раѓа идејата Панини да произведува сопствени сликички.

    Во 1961 година излегува првиот албум „Calciatori“, посветен на италијанските фудбалери и клубови. Тоа што во почетокот било локална италијанска фудбалска приказна, за неколку години ќе стане глобален колекционерски феномен.

    Вистинскиот глобален пробив доаѓа со Светското првенство во Мексико во 1970 година. Тогаш Панини го објавува првиот официјален албум поврзан со Светско првенство.

    Токму тој албум ја отвори ерата во која Светското првенство почна да се собира, лепи, разменува и чува. Албумот за Мексико 1970 денес има и колекционерска вредност. Но, неговата најголема вредност е историска, од таму започнува глобалната „Панини треска“.

    Панини 2026 – најголемиот албум досега

    Светското првенство во 2026 година ќе биде најголемо досега, со 48 репрезентации. Тоа автоматски го прави и албумот на Панини најголем досега.

    Колекцијата за Мундијалот 2026 содржи 980 сликички и има 112 страници. За секоја од 48-те репрезентации има по 20 сликички – портрети на фудбалери, тимска фотографија и грб на федерацијата. Дополнително, во колекцијата има и 68 специјални сликички, поврзани со турнирот и историјата на Светските првенства.

    Во едно пакетче има седум сликички. Теоретски, ако не постои ниту еден дупликат, за комплетирање на албумот би биле потребни 140 пакетчиња. Но, во реалноста тоа е речиси невозможно.

    Дупликатите се составен дел од играта, а токму тие ја зголемуваат вистинската цена за пополнување на албумот. Колку повеќе се полни албумот, толку поголема е веројатноста новите пакетчиња да донесат сликички што веќе ги имате.

    Ова е делот каде детското хоби станува сериозна финансиска математика. Колку повеќе репрезентации, толку повеќе сликички. Колку повеќе сликички, толку повеќе пакетчиња. А колку повеќе пакетчиња, толку поголема продажба за Панини.

    Според анализи објавени во странски медиуми, пополнувањето на албумот без активна размена на дупликати може да чини и околу 1.300 долари. Причината е едноставна: со секое ново пакетче расте можноста колекционерот да добие сликички што веќе ги има.

    Но, токму тоа е дел од магијата на Панини. Дупликатите не се само „проблем“, туку гориво за цела колекционерска култура. Тие ја создаваат размената, групите на социјалните мрежи, средбите на колекционери и чувството дека албумот не се пополнува сам, туку заеднички.

    Од албум до глобален бизнис

    Светските првенства се златен период за Панини. Во мундијалски години продажбата на сликички експлодира, а интересот не е ограничен само на деца. Голем дел од купувачите се возрасни луѓе кои пораснале со Панини и сакаат повторно да го доживеат истото чувство.

    Според информации што ги пренесуваат меѓународни и регионални спортски медиуми, повикувајќи се на податоци поврзани со спорот околу лиценците, Панини од производите за Светското првенство 2022 остварил околу 720 милиони долари нето-продажба.

    За Мундијалот 2026 се споменуваат проекции од околу 1,48 милијарди долари, а за Светското првенство 2030 околу 1,5 милијарди долари. Дел од регионалните медиуми овие бројки ги пренесуваат и како околу 1,2 милијарди евра за 2026 година и околу 1,3 милијарди евра за 2030 година.

    Мундијалот 2026 ја засилува „Панини треската“

    Мундијалот 2026 дополнително ја засилува оваа треска, бидејќи се игра во САД, Канада и Мексико. Тоа ќе биде прво Светско првенство со 48 репрезентации и најголем турнир во историјата на ФИФА.

    За Панини, тоа значи и најголем албум досега. За колекционерите, тоа значи најголем предизвик досега. За бизнисот, тоа значи уште поголем пазар.

    Особено интересен е американскиот пазар. Во САД, каде што фудбалот традиционално не бил најдоминантен спорт, интересот за Светското првенство 2026 расте уште пред првиот натпревар. Со оглед на тоа што дел од натпреварите ќе се играат токму таму, очекувањата се дека продажбата на албуми и сликички ќе биде значително посилна од претходните мундијалски циклуси.

    Во дел од американските медиуми веќе се пишува дека пакетчињата брзо се распродаваат во одредени продавници, што покажува дека Панини не е само европска навика, туку глобален производ што сè посилно влегува и на пазарите каде што фудбалот допрва добива уште поголема комерцијална сила.

    Панини 2026 не е само уште еден албум. Тоа е најголемиот албум во историјата на Светските првенства и најдобар доказ дека фудбалот одамна не се продава само преку билети, ТВ-права, спонзорства и дресови.

    К.М.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично