Русија подготвува нов закон кој ѝ дозволува да ја преземе контролата врз локалните бизниси на западните компании кои одлучуваат да заминат по инвазијата на Москва на Украина, зголемувајќи ги влоговите за мултинационалните компании кои се обидуваат да излезат, донесува Ројтерс. Законот, кој би можел да стапи во сила во рок од неколку недели, ќе ѝ даде на Русија огромни овластувања да интервенира таму каде што има закана за локалните работни места или индустријата, што ќе им отежне на западните компании брзо да си заминат од земјата, освен ако не се подготвени да претрпат голем финансиски удар.
Законот за запленување на имотот на странските инвеститори следи по егзодусот на западните компании, како што се Starbucks, McDonald’s и пиварата AB InBev, и го зголемува притисокот врз оние што сѐ уште се таму. Овој потег доаѓа во време кога руската економија, сè повеќе отсечена поради западните санкции, паѓа во рецесија во услови на двоцифрена инфлација.
Италијанскиот заемодавател Уникредит, австриската банка Рајфајзен, најголемиот светски бренд за мебел, ИКЕА, синџирот за брза храна Бургер Кинг и стотици помали фирми сè уште имаат бизнис во Русија. Секој што се обидува да ја напушти се соочува со оваа построга линија.
ИКЕА, која ги паузираше сите операции во Русија, рече дека внимателно го следи развојот. Рајфајзен, рече дека ги проценува сите опции, вклучително и внимателно управуван излез. Уникредит одби да коментира, додека Бургер Кинг не одговори веднаш на барањето за коментар.
Предлог-законот го отвора патот Русија да назначи администратори над компаниите во сопственост на странци во „непријателските“ земји, кои сакаат да ја напуштат Русија бидејќи конфликтот со Украина ја влече нејзината економија.
Москва вообичаено ги нарекува земјите како „непријателски“ доколку имаат наметнато економски санкции кон Русија, што значи дека сите фирми во Европската унија или САД се изложени на ризик.
Европската Комисија во средата предложи заострување на сопствениот став за да го направи прекршувањето на санкциите на ЕУ против Русија како злосторство, дозволувајќи им на владите на ЕУ да конфискуваат имот на компании и поединци кои ги избегнуваат ограничувањата против Москва.
Во меѓувреме, во чекор што може да ја турне Москва поблиску до работ на неисполнување на обврските, администрацијата на Бајден објави дека нема да го продолжи откажувањето што и овозможи на Русија да им плаќа на сопствениците на обврзници во САД.
ЕКОНОМСКА БОЛКА
Заминувањето на западните фирми ги налути руските политичари. Поранешниот претседател Дмитриј Медведев, кој сега е заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, беше особено гласен критичар на западните компании кои заминаа, напаѓајќи ги „непријателите кои сега се обидуваат да го ограничат нашиот развој и да ни ги уништат животите“.
„Владата е заинтересирана за зачувување на работните места и даночните приходи“, рече Сергеј Сучанов, адвокат со консултантска компанија за управување со ризик и усогласеност RSP International. „Прво и најважно, Владата ќе ги применува правилата за големите компании. За да избегнат поставување администратор, компаниите мора да покажат дека не ги оставаат своите руски бизниси на цедило“, вели тој.
Улф Шнајдер, консултант кој работи со германски компании во Русија и експерт во регионот со германската индустриска групација BVMW со средна големина, рече дека тој и другите работат на предлози за да им се дозволи на странските компании доброволно да ја предадат контролата на повереник по нивен избор.
Тоа би можело да ја убеди Русија дека тие се одговорни, а во исто време се дистанцираат. „Продажбата е опција, но условите за продажба не се добри“, рече Шнајдер.
Нацрт-законот опишува како Русија би можела да назначи администратор на фирми каде што најмалку 25 отсто од акциите се во „непријателски“ странски раце.
Тој поставува широк опсег на критериуми за интервенција, како на пример кога компанијата игра клучна улога како локален работодавач или обезбедува важни услуги. Тоа јасно покажува дека државата може да го оправда преземањето контрола врз многу основи.
Нацрт-законот го цитира примерот на компаниите што произведуваат медицински помагала, но наведува и мноштво други сектори, како што се транспортот и енергијата, како и секоја фирма чие затворање би можело да ги зголеми цените на продавниците.
На администраторот назначен од државата, исто така, ќе му биде дозволено да го продаде конфискуваниот бизнис, додека на неговите поранешни сопственици ќе им биде забрането да работат во Русија.
Судот или Министерството за економски развој може да одлучи да постави администратор во некој странски стопански субјект, како, на пример руската развојна банка ВЕБ.
Предлог-законот го помина првото читање во Долниот дом на парламентот, или Дума, оваа недела, но сепак се соочува со две дополнителни читања и преглед на Горниот дом пред да биде потпишан од претседателот Владимир Путин. Тоа може да потрае неколку недели. Руското Министерство за економија соопшти дека ќе избира компании само во „критични случаи“ каде што е неопходно да се заштити производството или работните места.