Силна, модерна и ефикасна Царинска управа е клучна за стабилни јавни финансии, заштита на економијата и поддршка на стопанството, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на настанот по повод одбележувањето на 14 Април – Денот на Царинската управа. Оваа година се навршуваат 34 години од основањето на институцијата.
Министерката во своето видео-обраќање истакна дека Владата останува цврсто определена за модернизација и дигитализација на Царинската управа, како и за континуирано јакнење на нејзините институционални и човечки капацитети, со главна цел поефикасна наплата на буџетските приходи, олеснување на трговијата и создавање предвидлива и сигурна деловна средина.
Таа нагласи дека царинската служба има централна улога во спроведувањето на трговските политики, администрирањето на договорите за слободна трговија и заштитата на домашната економија, што ја прави еден од клучните столбови на системот на јавни финансии.
„Царинската служба има клучна улога во олеснувањето на трговијата, администрирањето на договорите за слободна трговија, унапредување и заштита на националната економија, наплата на буџетските приходи. Доброто функционирање на секоја царинска служба претставува посебен општествен и државен интерес и приоритет“, истакна министерката.
Во услови на глобални економски и енергетски предизвици, министерката потенцираше дека Владата презема навремени мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството, и покрај нивното влијание врз буџетските приходи. Притоа, останува приоритет одржувањето на фискалната стабилност и обезбедувањето одржлив раст.
„Остануваме посветени на спроведување на реформите во секторот царина, како и во вложувањето и стручната поддршка на царинските работници и царината во целост. Само така ќе одговориме на новите предизвици кои доаѓаат од брзата глобализација на трговијата и финансиските системи кои наметнуваат нови очекувања во борбата против нелегалните финансиски текови, организираниот криминал и даночната евазија“, рече Димитриеска-Кочоска, која упати благодарност до сите вработени во Царинската управа за професионалноста, посветеноста и придонесот во изминатите 34 години.
Аналитика








