ПОВЕЌЕ

    Мизо: Македонија пред сериозни предизвици – да се задржат постојните и да се привлечат нови инвеститори

    Време зa читање: 6 минути

    Виктор Мизо, директорот на КОСТАЛ Македонија неодамна беше избран за претседател на Советот  на странски инвеститори при Стопанската комора. Во интервју за специјалната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ на специјализираниот портал Извоз.мк зборува за активностите на новото раководство на Советот за подобрување на бизниси климата и зголемување на инвестициите, за забавувањето на германската економија, како и за трендовите и случувањата во автомобилската индустрија и ефектите врз компаниите во земјава од индустријата за автомобилски делови кои се меѓу најголемите извозници и вработувачи.

    Пренесуваме делови од интервјуто.

    Од неодамна сте на чело на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Р.С.Македонија. Како постојните инвеститори гледаат на условите за работа во земјава? Кои се најголемите проблеми и предизвици со кои се соочуваат, а за што даваат добри оценки?

    Мизо: Советот на странски инвеститори ги претставува компаниите со странски капитал кои се присутни и работат тука и има за цел да придонесe во подобрување на бизнис и инвестициската клима во Македонија. Тоа значи подобрување на условите за работа со кои ние како компании се соочуваме, но, исто така, и за сите други домашни компании. Иако Советот на странски инвеститори не е активно вклучен во официјалните процедури и сегменти на процесот на привлекување инвеститори, сепак, задоволството или незадоволството на компаниите од нивното работење во Македонија може да влијае врз одлуките како за реинвестирање на постоечките компании, така и на одлуките на идните потенцијални инвеститори.

    Непредвидливоста на економското работење е еден голем проблем со кој се соочуваат сите комании. Најнов пример за тоа е воведувањето на солидарниот данок. Постапката за донесување на Законот за данок на солидарност беше ад-хок, во втората половина на деловната 2023 година, за оданочување на добивката остварена за 2022 година, и со тоа предизвикува потешкотии во финансиското менаџирање на компаниите и, воопшто, лошо планирање на деловното работење на компаниите.

    Советот на странски инвеститори реагираше на донесувањето на овој Закон, и заедно со Стопанската комора ќе продолжи да се залага за спречување на вакви и други штетни закони и решенија.

    Пред Македонија стојат сериозни предизвици на кои мора да се работи за да го задржи задоволството кај постојните и да предизвика интерес за инвестирање кај нови инвеститори. Овде пред се мислам на унапредување на бизнис климата, што значи намалување на корупцијата, бирократијата, унапредување на владеењето на правото, подобрување на инфраструктурата, почитување на договорите и законите од државните и локални служби итн.

    Геополитичките тензии предизвикуваат промени во тековите на трговија и инвестирање, при што многу компании се одлучуваат да го диверзифицираат и донесат производството поблиску до пазарите. Како гледате на позицијата на Македонија во овој процес и како земјата треба да се позиционира или какви политики и мерки треба да води за да привлече повеќе нови инвестиитори и поголеми инвестиции од постојните инвеститори?

    Мизо: За нас особено се важни европските и светски производители кои во периодот од почетокот на пандемијата, и подоцна случувањата во Украина, интензивно бараат локации надвор од Кина и Азија заради нивно доближување до европските производни центри, како и преселување на производството од Украина.

    Иако имавме неколку најави за идни инвестиции, Македонија, за жал, не покажа доволен фокус во овој правец во процесот на привлекување на нови странски инвестиции, преку сериозни секторски анализи да се одредат основните сегменти од индустриите кои сакаме да ги привлечеме; преку активно промовирање на државата како дестинација за инвестирање, директно пристапување до вратите на заинтересираните компании и презентирање на можностите во државата. Голем број инвестиции не одминаа, дел се лоцираа во соседството и за жал, не успеавме како држава да привлечеме повеќе нови брендови. Странските инвестиции засега се воглавно реинвестирања на постојните инвеститори, и инвестиции во обновливи извори на енергија и градежништво, но многу малку во реално производство како преработувачка дејност.

    Македонија како мала држава би можела да се позиционира подобро и да поентира од овие динамични текови само преку креативни и конзистентни политики, сериозни анализи и професионално дејствување.

    Привлекувањето на странски инвеститори, како и грижата за постоечките странски инвестиции, коишто, реално многу полесно и побргу би се одлучиле за проширување на своите капацитети во земјата, треба да е фокус на професионална организација и институција која има соодветно едуциран и обучен кадар со меѓународно искуство и знаење, како што е пракса насекаде во земјите од Европа и пошироко. Статистички игри и политиканството се за домашни потреби и треба да се остават на страна во овој сегмент.

    КОСТАЛ Македонија станува навистина важен центар за германската групација КОСТАЛ. Досегашниот раст на компанијата е импресивен, но уште поголеми се плановите за иднина. Какви се проценките за производството, извозот и вработувањата за следниот период?

    Мизо: Изминаа седум години од почетокот на работа на КОСТАЛ во Македонија. Во овој период, многу побрзо од првичните планови и проекции, достигнавме бројка од 1.000 вработени со извоз од над 100 милиони евра. Но, многу поважен е фактот што во Охрид се произведуваат најкомплексните компоненти од енергетска електроника и мехатроника од сите европски локации на КОСТАЛ и идните планови за раст и развој се концентрирани на нашата локација. Минатиот месец глобалниот инженерски менаџмент тим помина цела недела тука разгледувајќи идни планови и можности за прогрес и дополнителни компетенции на глобално ниво, но со посебен фокус на развојот на македонскиот оддел. Фокусот, посветеноста, напорната работа и желбата за локализација на нови и комплeксни производи и процеси од страна на тимот во Охрид беа пресудни и во одлуката за реинвестирање за планираниот иден развој со производи за електрични возила на VW групацијата и напредни мехатронски системи за Мерцедес.

    Во блиска иднина, секако зависно од брзината на закрепнување на автомобилскиот пазар и економијата во Европа, очекуваме и извозот да порасне над 200 милиони евра на годишно ниво, и дополнителни над 250 работни места.

    Нови проекти и диверзификација на клиентите е во план за идниот период, вклучувајќи и можни дополнителни инвестиции и на други локации низ Македонија, ако најдеме разбирање од страна на државата. Доколку овие планови се исполнат, не исклучувам и можен годишен извоз од над 500 милиони евра во догледно време.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично