ПОВЕЌЕ

    МИНИМАЛНИТЕ ПЛАТИ НА БАЛКАНОТ И ВО ЕУ: Еден минималец во Луксембург како девет во Македонија

    Време зa читање: 3 минути

    Минималната плата, од март годинава, ќе го надмине прагот од 20 илјади денари. Со претстојното усогласување со порастот на трошоците за живот и со порастот на просечната плата, што ќе се случи во март, се очекува зголемување за 12-13 насто, со што ќе се дојде до износ од околу 20.200 денари, или речиси 330 евра, наместо досегашните 18 илјадарки.

    Придвижувањето го обезбедува методологијата за пресметка на минимална плата, која почна да се применува минатата година. Сепак, во актуелните услови малку е веројатно дека растот од две илјади денари може да им парира на инфлаторните притисоци и на сиромаштијата. Едноставно, секојдневните трошоци, кога ќе се сумираат на месечно ниво, неколкукратно се поголеми од минималецот.

    Синдикалната минимална кошница која ја пресметува ССМ, во декември изнесувала 51.234 денари (830 евра), или во текот на 2022 забележала раст од 15.424 денари. Притоа, речиси 45 отсто од трошоците се за храна и пијалаци, следуваат режиските расходи, а најмалку пари остануваат за културни активности и за негување на здравјето. Или, се’ се врти околу проблемот – како да се преживее.

    КАДЕ Е НАЈМАЛИОТ МИНИМАЛЕЦ ВО РЕГИОНОВ?

    Ако е за утеха, има и полоши од нас, иако би било многу помотивирачки и за граѓаните и за државата, доколку се споредуваме со подобрите, од аспект на вложување вистински напори за напредок.

    Најниска минимална плата од 264 евра се исплатува на Косово. Со минатогодишните измени, минималниот надомест за работен час изнесува 1,5 евра.

    Од септември лани, по зголемувањето од 17 евра, минималната заработка во Албанија е 284 евра. Овој потег на албанската влада беше во рамките на антикризните мерки.

    И во Босна и Херцеговина се помести границата. Од 280, минималецот порасна на речиси 305 евра.

    Со почетокот на годинава, Србија пресметува минималец од 40.020 динари или околу 340 евра (зголемување од нецели 43 евра). Пропишано е дека минималната цена на трудот за работен час, без даноци и придонеси, е 230 динари, или 1,96 евра.

    И Бугарија, една од најсиромашните членки на ЕУ, 2023 ја стартуваше со пораст на минималната плата. Се работи за износ од 390 евра (780 лева).

    На позавидно ниво се Црногорците кои имаат минимална плата од 450 евра. Минатата година тамошните власти го зголемија минималецот за 80 проценти. Односно, пред тоа минимумот изнесувал 250 евра.

    КАКО Е ВО ЕУ?

    Промени на ова поле има и во Хрватска. Од први јануари минималецот е 560 евра, чист износ неоптоварен со даноци и придонеси. Тука се работи за зголемување од околу 12 насто.

    Словенија одскокнува во регионот по многу нешта, па и по минималната плата. Најнискиот праг на вреднување на месечниот труд е 1.203,36 евра, откако пред неколку дена стапи во сила зголемувањето од 12 проценти. Инаку, минималните трошоци за живот лани во октомври изнесувале 669,83 евра.

    И помеѓу развиените земјите од ЕУ има разлики во поглед на минималната плата. На врвот од листата, со износ од 2.776 евра, е Луксембург. Следи Белгија со 1.954, Холандија со 1.934, Германија – 1.800 евра, Франција 1.709 евра. Станува збор за минимална заработка без даноци и придонеси.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично