ПОВЕЌЕ

    Mакедонски Телеком: Приходот од продажба 191,4 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Инвестиции во нови технологии, ширење на мрежата, раст на корисничката база и лидерска позиција во повеќето сегменти, се ефектите од работењето на Македонски Телеком во текот на минатата година. Во таа рамка е и пет процентното зголемување, во однос на 2021, на приходите од продажбата, кои се во износ од 191,4 милиони евра (11,8 милијарди денари).

    Сепак, врз работењето се одразиле ефектите произлезени од глобалните економски трендови и од зголемувањето на цената на електричната енергија. Тоа се согледува кај оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA), која е намалена за 3,4 отсто во споредба со истиот период од 2021 година.

    На крајот од минатата година компанијата го остварила планот за ширење на 5G мрежата, со што корисниците добиле широк пристап до најновата технологија. Првата и најголема 5G комерцијална мрежа во Македонија е достапна во 27 градови и нивните околини, а во поголемите градови таа е и со гигабитни брзини.

    Паралелно со мобилната се ширела и оптичката мрежа, при што се овозможени повеќе од 274 илјади пристапи до оптика, што е зголемување за 11 насто во однос на претходната година 2021.

    Од МТ информираат и дека во сите сегменти има раст кај корисничката база. Бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за три проценти и изнесува 203 илјади, а вкупниот број на интернет пристапи пораснал за 2,9 насто. Кога станува збор за мобилните комуникации, базата на корисници е зголемена за 4,3 проценти, со што нивниот број достигнал 1,2 милиони. Во фиксната телефонија, посочуваат од МТ, со 225-те илјади корисници ја задржале лидерската позиција. Предводи и на пазарот на ТВ услуги со удел од 33,6 отсто.  Во тој сегмент е забележан раст од 1,2 проценти, а вкупниот број корисници е 148 илјади.

    Со продолжено дејство е и позитивниот тренд во ИКТ сегментот. Користењето ИКТ и Cloud решенија и услуги ги зголемило приходите од системска интеграција и ИТ услуги за дури 35,8 проценти во споредба со минатата година. Ова се должи на зголемените приходи од ИКТ проекти, како што е „Паметен град“.

    Исто така, лани се одвивале и бројни активности за еднакво дигитално општество и на намалување на штетните влијанија врз животната средина. Преку проекти за намалување на дигиталниот јаз биле опфатени речиси 30 илјади корисници.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично