ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНИЈА ИМА МОЌНА ФАРМАЦЕВТСКА ИНДУСТРИЈА – Бројки и факти

    Време зa читање: 5 минути

    Подобро е да се спречи отколку да се лечи. Здравјето го чуваат навиките, но ништо и без лековите и фармацијата. Како што е важна точната дијагноза и терапијата, исто така е важен и производителот на лекот, витамините, препаратите… Името, односно брендот, е гаранција за квалитетот и безбедноста на производите.

    Фармацевтската индустрија во Македонија има огромен удел и во рамките на здравствениот систем, но и во економијата, воопшто. Оваа дејност е со долгогодишна традиција, потврдена и на домашниот, но и на странските пазари, бидејќи производството соодветствува со високите светски стандарди. Оттаму е и довербата во македонската фармација, чии производи го засилуваат чувството на сигурност кај пациентите.

    Кога се зборува на оваа тема, првата асоцијација е Алкалоид. Фармацевтски гигант во секој поглед – производство, вработени, плати, приходи, добивка, кој одамна има излезено од малиот и тесен во однос на неговиот развој, македонски простор. Затоа и прва асоцијација е компанијата од скопска Автокоманда, па потоа сите други. Сепак, не треба да се потценува придонесот на останатите. Податоците што порталот Пари ги анализира и презентира се од БизнисМрежа.мк и се однесуваат на бизнис-лидерите во производството на фармацевтски производи и препарати.

    КОЈ Е КОЈ ПО ОСТВАРЕНА ДОБИВКА…

    Доволна е една паралела. Во текот на минатата година, девет фармацевтски компании направиле вкупен профит од 1.529.383.284 денари или 24,8 милиони евра. Алкалоид учествува со 1.520.546.814 денари, односно 24,7 милиони евра.

    На втората позиција е Друштвото за производство на фармацевтски производи и трговија СА Инфинити Еуропе ДООЕЛ Скопје. Развојот и производството на додатоци во исхраната и испораката на иновативни решенија и технологија во повеќе од 40 земји, лани им обезбедил добивка од 2.690.138 денари, односно над 43 илјади евра.

    Следува Апимел Охрид ДООЕЛ ‒ Друштво за производство и услуги на Јулија Бачевска, специјализирано за производство на природни препарати со прополис и етерични масла. Минатогодишната остварена добивка изнесува 2.442.519 денари (39,7 илјади евра).

    На листата што ги рангира фирмите од фармацијата според добивката, осум се од Скопје. Освен охридската, има уште една што не е лоцирана во главниот град ‒ Друштво за производство, трговија и услуги Магистре козметика ДООЕЛ експорт-импорт Македонски Брод. Позиционирана е на деветтото место.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Некои од нив се занимаваат со канабис за медицинска употреба ‒ одгледување и екстракција или производство и пакување, при што ги следат европските регулативи и трендови. Исто така, повеќето се извозно ориентирани кон земјите од регионот и Европа. Сите ја имаат амбицијата за развој, проширување и освојување нови простори.

    … А КОЈ Е КОЈ СПОРЕД ПРИХОДИ

    Уште една паралела. Заедничките приходи на десет фирми од фармацевтската индустрија лани изнесувале 14.930.481.410 денари, што е противвредност на 242,77 милиони евра. Делот на Алкалоид е 12.896.034.873 денари (над 209,69 милиони евра).

    Како второпозиционирано го следи Друштвото за фармацевтско-хемиски производи Реплек Фарм ДООЕЛ Скопје. Минатогодишните приливи се 1.226.507.392 денари или 19,9 милиони евра, обезбедени од пласманот на производите дома и на пазарите во повеќе од 25 држави.

    На претходната листа четврт, а на оваа трет – НЈСК Холдинг ДООЕЛ Скопје, е дел од „PHCANN International“, една од најголемите европски компании во индустријата за канабис. На приходната страница за 2023 година се запишани 407.973.803 денари, односно 6,6 милиони евра.

    Всушност, во најголем дел фирмите се повторуваат во двете рангирања: Бионика Фармацеутикалс ДОО со приходот од 2,1 милион евра е на четвртото место (седма според добивка); Галафарм ДОО е шеста по профит, а петта по приходи (околу 1,6 милиони евра); СА Инфинити, иако втора по добивка, е осма по приходи (448 илјади евра); а слично е и со „Апимел“ – деветта по прилив (над 185 илјади евра), а трета по ќар.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Како што се гледа од податоците, три фирми не фигурираат на листата на добивки, а ги има на списокот со приходи: Аспектус Фарма, РХ Фарма и Јака Нова.

    И – ПО БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ

    Во сите овие компании лебот го заработуваат вкупно 2.691 вработен. Од нив, 2.037 се работно ангажирани од најголемата фармацевтска куќа. Во Реплек Фарм работат 379, а во НЈСК Холдинг – 124 лица. Другите фирми бројат помалку од 50 вработени.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Со значително поголеми остварувања, Алкалоид е најголемиот и најдобар играч во македонската фармацевтска индустрија. Во споредба со другите компании, кои се борат за профитабилност и пазарен удел, се издвојува и Реплек. Во суштина, секоја на свој начин се соочува и одговара на предизвиците што ги носат брзите технолошки промени и зголемената конкуренција на глобално ниво. Со континуирани инвестиции во истражување и развој, фармацевтската индустрија во Македонија има потенцијал за дополнителен раст и успех. Што би рекол Шопенхауер: „Здравјето не е сѐ, но без здравје сѐ е ништо“.

    Текстот го подготви Маја Анастасова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    НА МЛЕЧНАТА ИНДУСТРИЈА ДОБРО И ОДИ: Десет компании лани направиле промет од 134 милиони евра!

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично