Просечната плата кај стоте најголеми фирми по добивка во 2024 година е 55.000 денари, покажува анализата на Пари во соработка со Бизнис Мрежа. Сепак, повеќе фирми се над овој просек, а многу се и под просекот. Податоците покажуваат дека 30 фирми, или речиси секоја трета од овие високопрофитни компании, се со просечна плата над 60.000 денари. Потоа се 39 фирми со просечна нето-плата од 40.000 денари до 60.000 денари, а во 21 фирма има просечна нето-плата од 30.000 до 40.000 денари. Во 7 компании, иако се меѓу најпрофитните, платите се под 30.000 денари, а една од нив е со евидентирана просечна плата од само 3.000 денари.
Станува збор за Друштвото за трговија на големо и мало МА ТРУСТ ДОО Скопје, кое е со добивка од 10 милиони евра, а таму фигурира еден вработен. На дното од табелата се две фирми без плата, но и без вработени. Едната е Каменимост комуникации, за којашто веќе пишувавме (https://pari.com.mk/kamenimost-komunikacii-i-bez-vraboteni-ima-profit/), и таа како сопственик на 51 насто од акциите на Македонски телеком лани направила профит од 20,7 милиони евра. Другата е Трговско друштво за трговија, производство и услуги СЈ компани ДОО експорт-импорт Скопје, која без вработени (што е можно согласно со законот), имала профит од 3 милиони евра.
Структура на плати кај стоте најголеми фирми по добивка во 2024 година
Извор: Бизнис Мрежа
БЕХТЕЛ И ЕНКА ИЗНЕНАДИ СО ПРОСЕКОТ
Кога ќе се погледне колку вработени имаат компаниите што имаат најголем просек на нето-плата, заклучокот е: што помалку вработени, толку поголем износ. Исклучок е Бехтел и Енка, која, иако има над 1.000 вработени, е трета компанија по висина на просечна нето-плата меѓу стоте најпрофитни компании.
Меѓу најпрофитните компании највисоката нето-плата е во Друштвото за приредување игри на среќа КАСИНОС АУСТРИА ИНТЕРНАТИОНАЛ МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје. Но, тоа не е просечна плта, туку плата на еден единствен вработен што го има и таа изнесува 256.488 денари. Ланскиот приход на Друштвото за игри на среќа е 9,8 милиони евра, а добивката е 8,9 милиони евра.
Со просечна нето-плата од 155.453 денари, Друштвото за трговија ЦМК Европа ДООЕЛ Скопје е второ по плати меѓу најпрофитните. Овде има само тројца вработени, приходот лани им бил 7,7 милиони евра, а добивката 7 милиони евра. Оваа компанија, всушност, е сопственик на Рудникот САСА од Македонска каменица.
На трето место е БЕХТЕЛ ЕНКА УК 2 ЛИМИТЕД Обединето Кралство ‒ подружница во Северна Македонија Скопје, која е дваесет и четврти најголем работодавач во државава со 1.014 вработени, а просечната нето-плата била 137.486 денари. Направениот приход на компанијата бил 87,2 милиони евра, а добивката што ја направил американско-турскиот конзорциум што ги гради автопатските делници на коридорите 8 и 10д изнесувала 7,8 милиони евра.
Друштво за градежништво, трговија и услуги А ПЛУС ИНЖИНЕРИНГ ДОО Скопје давало просечна нето-плата од 134.817 денари. Имало 5 вработени, направило добивка од 3,3 милиони евра, со реализиран приход од 5,4 милиони евра.
Во Друштвото за производство, трговија и услуги ОРКА ХОЛДИНГ АД Скопје работат 9 вработени со просечна нето-плата од 124.426 денари. Компанијата лани направила профит од 7,9 милиони евра со реализирани приходи од 9,7 милиони евра.
5 фирми со највисоки плати меѓу стоте најпрофитни
Извор: Бизнис мрежа
ПРАВАТ МИЛИОНСКИ ПРОФИТИ, А ПРОСЕКОТ ИМ Е ОКОЛУ МИНИМАЛЕЦОТ
Најниска просечна нето-плата (ако го исклучиме МА-турс со просекот од 3.000 денари) давала компанијата КРМЗОВ-МР ДООЕЛ Струмица. Оваа компанија се занимава со инвестирање во изградба на станбен и деловен простор. Со 62,7 милиони евра приход, компанијата лани направила добивка од 4,1 милион евра. Имала 100 вработени со просечна плата од 23.867 денари, а сегашното пребарување на Бизнис мрежа покажува дека ѝ е блокирана сметката поради долгови кон УЈП.
Заштитно друштво за трговија производство и услуги ИГНАЦИЈА ФМ увоз-извоз ДООЕЛ Битола давало просечна плата од 23.519 денари, а може да се пофали со добивка од 2,9 милиони евра при направен промет од 8 милиони евра. Таму има 21 вработен.
СИНОХИДРО КОРПОРЕЈШН ЛИМИТЕД Пекинг ‒ подружница Скопје е добро познатата компанија по градењето на автопатот Кичево ‒ Охрид. Лани имала 380 вработени со просечна плата од 26.443 денари, а компанијата направила добивка од 6,9 милиони евра, додека вкупниот приход ѝ е 73 милиони евра.
Друштво за производство, трговија и услуги ИТХР МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје има 308 вработени со просечна нето-плата од 27.500 денари. Тие заедно овозможиле нето-добивка од безмалку 3 милиони евра при реализиран вкупен приход од 54,9 милиони евра.
На петто место со најниски плати е Друштвото за промет и услуги СПОРТ-ЛАИФ ГЕЈМИНГ ДОО Скопје. Компанијата успеала да реализира приход од 14,4 милиони евра, што ѝ донело добивка од 4,9 милиони евра. Во компанијта работат 251 вработен, а просечната нето-плата во 2024 година била 27.922 денари.
5 фирми со најниски плати меѓу стоте најпрофитни
Извор: Бизнис мрежа
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.