Реизборот на Луиз Инасио Лула да Силва за претседател на Бразил претставува значајна пречка за настојувањата на Доналд Трамп да го прошири американското политичко и безбедносно влијание во Латинска Америка. Но, тоа не значи дека Бразил ќе премине во кинескиот геополитички табор. Поверојатна насока на неговата политика е зачувување на самостојноста преку соработка со повеќе светски сили.
Лула победи на вториот круг од претседателските избори на 25 октомври 2026 година, освојувајќи 51,79 проценти од важечките гласови, наспроти 48,21 процент за Флавио Болсонаро, син на поранешниот претседател Жаир Болсонаро. Разликата изнесува речиси 4,4 милиони гласови.
Победата доаѓа во момент кога повеќе земји во регионот избраа конзервативни претседатели со различни степени на политичка блискост со Вашингтон. Со победата на Лула, најголемата економија во Латинска Америка останува предводена од политичар кој се залага за независна надворешна политика, мултилатерализам и посилна соработка преку БРИКС.
По победата, Лула порача дека Бразил нема да прифати да биде ничиј „заден двор“ – израз со силна историска симболика во регионот, каде што американското влијание со децении се поврзува со трговски, дипломатски и безбедносни притисоци.
ЗОШТО Е БРАЗИЛ ВАЖЕН ЗА САД?
Бразил е најголемата земја во Латинска Америка според население и економија, голем извозник на земјоделски производи, нафта и железна руда и држава со значителни резерви на критични минерали.
За Вашингтон, поблиските односи со Бразил би значеле поголеми можности за економска, дипломатска и безбедносна соработка во Јужна Америка.
Флавио Болсонаро во кампањата застапуваше поблиски односи со САД, преиспитување на позицијата на Бразил во БРИКС и приклучување кон американската безбедносна иницијатива „Штит на Америките“.
Лула, напротив, ја нагласува националната сувереност, соработката во рамките на БРИКС и зачувувањето на правото Бразил самостојно да одлучува за воената и надворешната политика.
Така, изборниот резултат ја отежнува можноста Вашингтон да изгради широко политичко усогласување со најголемите економии во регионот.
Бразил е основачка членка на БРИКС заедно со Русија, Индија и Кина, на кои подоцна им се приклучија други земји.
Под Лула, Бразил го користи БРИКС како платформа за поголемо влијание на земјите во развој врз глобалната економија, меѓународните финансии и трговијата.
Продолжувањето на оваа политика има три важни последици: го зачувува политичкото значење на БРИКС во Латинска Америка, овозможува понатамошна употреба на национални валути во дел од меѓународната трговија и ја поддржува диверзификацијата на финансиските партнери.
Сепак, тоа не подразбира брзо напуштање на доларот. БРИКС нема заедничка валута што би можела непосредно да ја замени неговата улога во глобалниот финансиски систем.
Кина веќе е најголемиот трговски партнер на Бразил. Во 2025 година, билатералната трговија меѓу двете земји достигна рекордни 171 милијарда долари, во споредба со околу 83 милијарди долари трговска размена на стоки меѓу Бразил и САД.
Најновите податоци на бразилското Министерство за развој, индустрија и трговија покажуваат дека кинеската економска позиција дополнително се зацврстува во 2026 година.
Според официјалните податоци на Министерство за развој, индустрија, трговија и услуги на Бразил, уделот на Кина во вкупниот извоз на стоки од оваа јужноамериканска економска сила, за периодот јануари – септември 2026 бил 29,75% или, во апсолутна вредност – 84,7 милијарди долари, додека, за споредба, извозот во Соединетите Американски држави изнесувал скромни 9,65% или 27,5 милијарди долари.
Кина купува големи количества бразилска соја, нафта, железна руда и други суровини, додека во Бразил извезува машини, електроника, автомобили и индустриска опрема.
За Пекинг, продолжувањето на политиката на Лула значи зачувување на партнерството со економски најважната држава во Јужна Америка. Но, постои и ограничување: зависноста од извозот на суровини кон Кина создава ризици за бразилската економија.
Лула, од своја страна, пак, досега покажа дека не настојува едноставно да ги замени САД со Кина, туку да ја искористи конкуренцијата меѓу нив за поголеми инвестиции и поповолни економски договори.
Трговските односи на Бразил со САД веќе се оптоварени со царински мерки од доаѓањето на власт на Трамп. Бразилското Министерство за развој и трговија објави дека извозот во САД во првата половина на 2026 година се намалил за 13 проценти во споредба со истиот период претходната година, во услови на зголемени американски царини.
Сепак, евентуалното дополнително заострување би имало трошоци за двете економии. Американските компании имаат деловни интереси во Бразил, а Бразил има потреба од инвестиции, технологија и пристап до американскиот пазар.
Затоа, покрај сценариото на заострени односи, реална можност е и прагматичен договор за одредени трговски и инвестициски прашања.
КАПКА ВО МОРЕТО ДЕСНИЧАРСКИ ПОБЕДИ ВО РЕГИОНОТ
Иако победата на Лула во една така значајна земја на јужноамериканскиот континент каков што е Бразил е од огромно геополитичко влијание, треба да се потсети дека, во последните 18 месеци регионот забележа седум последователни победи на конзервативни претседателски кандидати. Меѓу лидерите со поблиски политички односи со Трамп се аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и чилеанскиот претседател Хозе Антонио Каст.
Истовремено, мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум, иако има поинаква идеолошка ориентација од Трамп, мора да ги земе предвид силните трговски и индустриски врски на својата земја со САД.
Победата на Лула не ги менува автоматски овие односи. Ниту пак гарантира создавање единствен регионален блок што ќе ѝ се спротивставува на американската политика.
Меѓутоа, Бразил има доволна економска, дипломатска и демографска тежина за да спречи целосно усогласување на регионот со приоритетите на Вашингтон.
Во односите меѓу Бразил и САД, особено значење ќе имаат две прашања.
Првото е пристапот до критичните минерали. Бразил располага со значајни резерви на ретки земни елементи и други суровини што се важни за автомобилската индустрија, воената технологија и енергетската транзиција. Вашингтон е заинтересиран за нови извори на снабдување што би ја намалиле зависноста од Кина.
Лула, пак, се залага за поголема домашна преработка и за национална контрола врз стратешките ресурси.
Второто е безбедносната соработка. Администрацијата на Трамп сака поширока регионална координација во борбата против организираниот криминал, вклучително и преку американската иницијатива „Штит на Америките“.
Бразил не ја отфрла соработката против криминалот, но Лула се противи на странски воени интервенции што би го нарушиле суверенитетот на земјата.
Овие разлики можат да создаваат дипломатски тензии, но и простор за преговори за инвестиции, технологија, трговија и разузнавачка соработка.
Победата на Лула не значи дека САД ја губат Латинска Америка, ниту дека Кина автоматски станува доминантна сила во регионот. Таа, меѓутоа, значи дека Вашингтон ќе мора да ги земе предвид интересите на една голема и самостојна регионална сила, која нема намера целосно да ја усогласи својата надворешна политика со американските приоритети.
(Фото: Лула да Силва, BrunoGuedes1 – Own work, CC BY 4.0)
Аналитика








