Личните документи, барем за дел од секојдневните ситуации, наскоро не ќе мора да се носат во џебовите и чантите. Од четврток, граѓаните ќе можат преку мобилната апликација „м.Услуги“ да ги имаат електронските верзии на личната карта и возачката дозвола на својот телефон. Ден порано, на 28 октомври, апликацијата ќе биде официјално промовирана.
Новината не се сведува само на тоа пластичниот документ да се преслика на екранот. Една од главните функции е граѓанинот сам да контролира кои лични податоци ги споделува кога треба да го потврди својот идентитет, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Тој појаснува дека податоците ќе можат да бидат споделени само со согласност на корисникот:
„Корисниците нема да мора да ги откриваат сите свои податоци, како што тоа го правиме сега кога ги покажуваме пластичните лични карти или возачките дозволи. На пример, кога сакате да се легитимирате во банка, бар или друг локал, нема да мора да ги покажувате сите податоци од личната карта. Ќе можете сами да изберете кои податоци сакате да ги споделите. Податоците ќе се споделуваат преку QR-код, кој се генерира за еднократна употреба. Кодот се скенира, а другото лице ги добива податоците само доколку вие го дозволите тоа. По 10 до 15 секунди QR-кодот истекува и не може повторно да се употреби“.
„м.Услуги“ е најавена како бесплатна апликација, а нејзиното користење нема да биде задолжително. Во почетната верзија во фокусот се личната карта и возачката дозвола, а најавите се дека системот постепено ќе се надградува со нови документи, можности и електронски услуги.
Идејата е ова да биде прв чекор кон поширок дигитален паричник, преку кој со текот на времето граѓаните ќе можат да пристапуваат до повеќе документи и услуги директно преку мобилен телефон.
Телефонот, сепак, сè уште не ја „пензионира“ пластичната лична карта. Истото важи и за возачката дозвола.
И од Министерството за дигитална трансформација претходно посочија дека прифаќањето на електронските документи од институциите ќе се проширува постепено, паралелно со приспособувањето на подзаконските акти и градењето на потребните институционални капацитети. Затоа, во почетната фаза дигиталниот документ нема автоматски да значи дека телефонот ќе биде доволен на секој шалтер или во секоја ситуација.
(Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








