Бернард Арно, шеф на францускиот бренд за луксузни производи Луј Витон, Мо Хенеси (ЛВМХ), минатата недела го зголеми своето богатство за осум милијарди долари, на порастот на цените на акциите, оценува списанието Форбс.
Пандемијата го уништи светскиот пазар на луксузни добра, но минатата недела конгломератот Луј Витон објави знаци на закрепнување во таа активност, а во периодот од 15 до 22 октомври, вредноста на акциите на концернот се зголеми за шест проценти.
Резултатот е зголемување на богатството на Арно за осум милијарди долари, на вкупно 122 милијарди. Форбс забележува дека овие промени не значат дека ситуацијата во компанијата се сменила на подобро.
Имено, Луј Витон, кој е сопственик на брендови како Бвлгари, Герлијан и Дом Перињон, објави дека падот на профитот е 21 процент во првите девет месеци од оваа година.
Приходите од продажба на козметика, пијалоци, накит во третиот квартал се пониски отколку во истиот период минатата година. Сепак, профитот од продажба на кожни производи и облека се зголеми за 12 проценти, најмногу благодарение на силната продажба од куќите на Луј Витон и Диор.
Меѓу другите фирми за луксузни производи, производителот на чанти Биркин и француската модна куќа Хермес забележаа раст на профитот од седум проценти во третиот квартал.