ПОВЕЌЕ

    ЛОНДОН ГИ СКЕНИРА МИНУВАЧИТЕ: Камерите препознаваат лица, апсењата се секојдневни

    Време зa читање: 3 минути

    Една прошетка низ прометна лондонска улица веќе може да заврши со полициска проверка, иако никој претходно не ве запрел. Доволно е камерата да го сними вашето лице, а софтверот за неколку секунди да го спореди со полициската база на барани лица.

    Токму таков систем сè почесто се користи на фреквентни места во британската престолнина. На плоштадот Слоун во Челзи, полициско комбе опремено со камери ги скенира лицата на минувачите, додека дополнителни камери се поставени и во непосредна близина.

    Сликите во реално време се споредуваат со база на лица по кои трага полицијата. Кога системот ќе препознае можно совпаѓање, фотографијата веднаш се појавува на мобилните телефони на полицајците што се на терен.

    Според лондонската полиција, резултатите се значителни. Од 2024 година со помош на технологијата биле уапсени околу 2.500 лица, од кои речиси 900 само годинава.

    Бен Расел, директор на полицискиот оддел за разузнавање, смета дека системот се покажал како многу ефикасен. Додека го објаснувал начинот на неговото функционирање, во близина бил уапсен човек осомничен дека пред неколку години нападнал полицаец.

    Недалеку од него била запрена и жена која не се појавила на тестирање за дрога наложено од суд.

    Од полицијата нагласуваат дека автоматското совпаѓање не е доволно за апсење. Полицајците прво мора да го проверат идентитетот на лицето, вклучително и преку лични документи, а тврдат и дека лажните тревоги се исклучително ретки.

    За дел од граѓаните, присуството на камерите и полицијата создава чувство на поголема безбедност. Други сметаат дека е потребна внимателна рамнотежа меѓу борбата против криминалот и заштитата на граѓанските слободи.

    Но, за критичарите, скенирањето на секој минувач претставува сериозен упад во приватноста. За разлика од класичните безбедносни камери, чии снимки најчесто се прегледуваат дури по извршено кривично дело, новиот систем активно трага по лица додека тие се движат низ градот.

    Џек Кулсон од организацијата „Биг Брадер Воч“ предупредува дека сè уште не е јасно утврдено кога, каде и под кои услови полицијата смее да ја користи технологијата.

    Според него, биометриските податоци се особено чувствителни затоа што овозможуваат недвосмислена идентификација на граѓаните, а нивното евентуално складирање отвора простор за употреба и за други цели.

    Организациите за заштита на приватноста бараат законски правила што прецизно ќе ја ограничат употребата на препознавањето лица во реално време. Тие инсистираат и собраните податоци да не се чуваат по завршувањето на полициската операција.

    Предлог-закон со кој треба да се регулира оваа област се очекува наесен. Сепак, полицијата не го чека неговото усвојување – веќе набавува нови камери и дополнителни комбиња за проширување на системот.

    Технологијата можеби ѝ помага на полицијата побрзо да стигне до осомничените, но отвора и многу поголемо прашање: дали секој граѓанин треба постојано да биде скениран за да се пронајдат оние по кои се трага?

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично