ПОВЕЌЕ

    „Љубен Лапе“ е првото основно училиште со свој пензиски парк

    Време зa читање: 5 минути

    Во рамките на едукативната кампања „Засади желба за одржлива иднина,“ вчера „Љубен Лапе“ стана првото основно училиште со свој Пензиски парк. Досега, со Пензиски паркови беа оплеменети дворовите на 11 средни училишта низ државата, како и дворовите на Архитектонскиот и Правниот факултет во Скопје.

    Целта на кампањата „Засади желба“ е да поттикне финансиска едукација и свест кај младите за важноста на пензиското штедење и инвестирањето за иднината. Кампањата е организирана од Триглав пензиско друштво АД Скопје, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Сава пензиско друштво АД Скопје, кои денес заедно со учениците засадија нови садници во училишниот двор, симболизирајќи ја важноста од долгорочна финансиска и еколошка грижа.

    Директорката на училиштето „Љубен Лапе“, Фоника Станоева, се обрати пред учениците, нагласувајќи го значењето на оваа иницијатива.

    „Навистина сум горда што една ваква благородна кампања го опфаќа и нашето училиште „Љубен Лапе“. Им благодарам на пензиските друштва за две работи. Прво, што ја прифатија нашата апликација и што го одбраа токму нашето училиште, за да го оплемениме училишниот двор со Пензиски парк и да ги едуцираме учениците за нови еко навики. Второ, им благодарам што нѐ едуцираат сите нас за стекнување здрави навики за штедење, почнувајќи од најрани години, а потоа и за развивање на тие навики во текот на животот.

    Преку оваа пензиска едукација ги поставуваме темелите за информирани одлуки, затоа што само со информирани финансиски одлуки можеме да обезбедиме пензиска заштеда со цврсти корени. Садењето на овие дрвја е белег за напорите што пензиските друштва ги прават за подигнување на свесноста на целото население за долгорочните придобивки од континуираното штедење. Тие ќе останат тука да нѐ потсетуваат дека со секоја постапка што ќе ја направиме денес како поединци и заедница во правец на одржливи решенија ќе донесат поубава иднина за сите нас“ – истакна Станоева.

    Во оваа прилика пензиските друштва ги информираа учениците за значењето на пензиските фондови и за можностите што тие ги нудат за постигнување финансиска стабилност.

    „Денеска, преку нашата кампања „Засади желба за одржлива иднина“, имаме чест да ја споделиме важната порака за значењето на пензискиот систем и неговата улога во градењето на стабилна иднина, особено за младите генерации.

    Оваа кампања, која ја организираме како пензиски друштва, е дел од нашите заеднички напори со Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, со цел да ја подигнеме свеста и да ја едуцираме пошироката јавност, особено младите, за придобивките од реформираниот пензиски систем.

    „Засади желба за одржлива иднина“ не е само кампања за садење Пензиски паркови. Оваа иницијатива носи длабока порака дека одржливоста на природата и на пензиските системи се поврзани. Како што природата треба да се одржува и негува, така и финансиските системи бараат внимателно управување, информираност и знаење. Сите ние, како чинители во овој систем, имаме одговорност да придонесуваме кон неговиот развој и стабилност.

    Се надевам дека ние, како пензиски друштва со овој мал пример на садење дрвца ќе имаме барем мал придонес во едукацијата на вас учениците и ќе ја доближиме зелената околина и пензиските заштеди кои се исклучително важни за вас како единки но и за општеството во целина. Преку овој симболичен чин, сакаме да испратиме порака дека одржливоста е нешто што треба да го негуваме не само за сегашноста, туку и за иднината, кога ќе почнеме да ги користиме нашите пензиски заштеди. Секој мал чекор денес, како овој, создава голема разлика за заедничкото подобро утре.

    Вие, како млади, сте иднината на овој систем. Вашата едукација и информираност се клучни за правилно разбирање на пензиските и финансиските системи. Не е доволно само да имате свест за нив – потребно е и знаење за да носите правилни одлуки и да придонесувате за стабилноста на целиот финансиски систем. Веруваме дека преку вашата информираност, ја осигуруваме иднината на пензискиот систем и создаваме подобра иднина“ – изјави Маријан Николовски, член на Управниот одбор во Триглав пензиско друштво АД Скопје, кој се обрати во името на трите пензиски друштва.

    Пензиските паркови, како зелени катчиња, не само што го разубавуваат училишниот простор, туку и ја отсликуваат идејата дека инвестициите денес носат плодови во иднината. Пораката за долгорочно штедење и финансиска стабилност е клучна тема за оваа кампања, која низ различни активности поттикнува одговорно размислување кај младите и ги охрабрува да градат свест за одржлива иднина.

    Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба за одржлива иднина“ се достапни на веб страницата www.penzija.mk

     

    Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично