ПОВЕЌЕ

    Лебот плаќан 126 денари, се купувале душеци поголеми од креветите – ДЗР откри уште многу „пикантерии“ во ДСД Пелагонија

    Време зa читање: 6 минути

    Лебот бил плаќан речиси двојно поскапо од пазарната цена. Фактурирано е и само едно парче леб како да е еден килограм. Купени се 250 душеци за 1,17 милиони денари кои воопшто не биле ставени во употреба. За сервисирање на опрема биле исплатени повеќе од 1,2 милиони денари без целосна документација дека услугите навистина биле извршени. Сетоа ова се случувало во студентскиот дом Пелагонија и е само дел од она на што наишле државните ревизори. Оттаму и неповолното мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, дадено од Државниот завод за ревизија по извршената контрола на работењето на студентскиот дом во 2024 година.

    Ревизорите констатирале дека во домот не е воспоставен функционален систем на внатрешна финансиска контрола кој би гарантирал дека трансакциите се законски и поткрепени со веродостојна документација. „Невоспоставен систем на внатрешни контроли“ е утврден и кај јавните набавки – од планирањето, преку спроведувањето, до реализацијата на договорите.

    Кај договорот од 2023 година, договорената цена била 57,46 денари за килограм, но при реализацијата економскиот оператор „фактурирал едно парче леб како килограм“. Поради слабите контроли, неправилноста била откриена дури кон крајот на 2024 година, стои во извештајот.

    „Кај набавката на леб и брашно од 2023 година, договорот е склучен со понудувач чија основна дејност не е поврзана со предметот на набавката, а на ревизијата не ѝ беше презентирана задолжителната банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот, што упатува дека договорот е склучен без нејзино доставување.

    Дополнително, иако договорената цена за леб изнесувала 57,46 денари по килограм, при реализацијата економскиот оператор фактурирал едно парче леб како килограм…“.

    По воведувањето дневна евиденција, месечните фактури во 2025 година биле значително намалени. Но, новиот договор донел друг проблем – цената на лебот достигнала 126 денари за килограм, додека пазарната цена била околу 70 денари.

    Тоа укажува на неекономично користење на јавните средства и слабости во контролата на јавните набавки“, констатираат ревизорите.

    И набавката на душеци отвора сериозни прашања. Во 2023 година биле купени 250 душеци за 1,174 милиони денари, од планираните 500. Проблемот е што душеците биле со димензии различни од оние во техничката спецификација, без соодветна документација за прием, а потоа биле складирани во домот и воопшто не биле ставени во употреба.

    Ревизорите откриле и дека претходно биле набавени уште 450 душеци од истиот добавувач, иако постојните биле во добра состојба. Дополнително, димензиите на креветите биле помали од душеците, со што, според извештајот, била нарушена „стабилноста и статиката на креветите“.

    Ревизијата на набавките на месо, месни производи, риба и земјоделски производи покажала дека најчесто била доставувана само една понуда. Договорите биле склучувани до висината на проценетата вредност, без однапред дефинирани количини.

    Кај артиклите кои редовно се набавувале, ревизорите утврдиле дека „понудените цени се повисоки од пазарните“. Од друга страна, кај производите што не се набавувале биле понудени нереално ниски цени, без од економскиот оператор да биде побарано дополнително образложение.

    Во дел од договорите, според ревизорот, биле надминати и договорените вредности, што „укажува на недоволна контрола и неекономично користење на јавните средства“.

    Контроверзни наоди има и кај услугите за одржување. Во постапки со мала вредност биле склучени договори од 354 илјади денари за одржување на електрични апарати и машини за перење и од 708 илјади денари за одржување, репарирање и резервни делови за комора за одржување и ладење.

    Ревизорите утврдиле дека во техничките спецификации било предвидено сервисирање на машина за миење садови која веќе била вон употреба, но договорот сепак бил реализиран во целост. Тоа, според нив, „укажува на несоодветно планирање и можност за непотребни трошоци“.

    За одржување и сервисирање на опрема биле направени расходи од вкупно 1,209 милиони денари, но за дел од фактурираните услуги немало целосна и веродостојна документација. Недостасувале прецизни податоци во работните налози, а немало ниту доволно докази дека услугите навистина биле извршени или претходно побарани од домот.

    Проблематично е и тоа што, и покрај трошоците и претходно набавените резервни делови, коморите за ладење и понатаму не биле функционални. Ревизорите ова го оценуваат како „неефикасно и ненаменско користење на јавните средства“.

    Не се проблем само набавките. Во материјалната и сметководствената евиденција на домот не била заведена опрема во вредност од 21,563 милиони денари.

    „Констатиравме дека во евиденцијата на домот не е евидентирана опрема во износ од 21.563 илјади денари при што еден дел од опремата за кујна која е набавена и платена од страна на надлежното министерство не се уверивме дека е примена во домот“.

    Не било евидентирано ниту побарување од 1,127 милиони денари по правосилна судска пресуда, ниту биле преземени мерки за негово наплаќање.

    Ревизорите утврдиле и исплати за гориво, сервисирање и замена на резервни делови за приватно моторно возило кое било одобрено за службена употреба. Меѓутоа, овие трошоци не биле поткрепени со „соодветна веродостојна документација“.

    Наодот, според ДЗР, „укажува на користење на буџетски средства за приватни цели“.

    Утврдена е и исплата на средства за репрезентација без соодветна поткрепувачка документација.

    Во извештајот е издвоен и случајот со раководењето на Пелагоннија. Во период од шест месеци била исплаќана плата за две лица на функцијата директор.

    Причината, според ревизорите, била недонесување правно издржано решение од Министерството за образование и наука за разрешување на едниот директор, со истовремено распоредување и утврдување на платата на другото раководно лице.

    Дополнително, правилникот за систематизација на работните места содржел повеќе суштински и формалноправни неусогласености со законите што го регулираат јавниот сектор и административните службеници.

    Државниот ревизор отвора и пошироко прашање – дали моделот по кој функционира Пелагонија е финансиски одржлив.

    Во делот на клучните ревизорски прашања се истакнува „неизвесноста во однос на финансиската одржливост во работењето на ДСД Пелагонија“. Затоа се препорачува МОН, заедно со државните студентски домови, да направи анализа на економската цена на сместувањето и исхраната на студентите и да процени дали е потребна корекција на цената.

    Ревизорите предупредуваат дека целта е да се обезбеди непречено функционирање на домовите „без креирање на заостанати долгови“.

    Од Државниот завод за ревизија препорачуваат:

    „За надминување на утврдените состојби овластениот државен ревизор даде препораки со чија имплементација ќе се обезбеди соодветно контролно опкружување и надминување на утврдените состојби“.

     

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично