„Костал“ е првата странска компанија која потврдила дека глобалниот корпоративен данок ќе го плаќа во Македонија. И без оглед на кризата во автомобилската индустрија, ќе продолжи со развој во рамките на фабриката лоцирана на охридската територија.
„Костал“ е првата компанија која се согласи глобалниот корпоративен данок да го плаќа во Македонија, што значи и дополнителни средства во македонскиот буџет. Очекувам во годините да се развива соработката, да се отвораат нови работни места, да расте извозот, да се зголемува девизниот прилив и да расте економијата“, изјави министерот за транспорт и владин вицепремиер, Александар Николоски при посетата на компанијата во Охрид, каде што се одржува Глобалната конференција на добавувачи и логистика на дивизијата за автомобилска електроника. Воедно, додаде, ова поминало и на владината Комисија за економски систем и тековна економска политика која тој ја предводи.
Меѓу сите европски локации на германската компанија, македонската се издвојува според износите на инвестициите, посочи генералниот директор на „Костал Македонија“, Виктор Мизо.
„Ова е само директен пример дека ние сме најважната локација на Групацијата во Европа. Најголем дел од износите на инвестирање на годишно ниво во изминатите две години од сите европски локации се лоцирани токму овде во Охрид и тоа ќе продолжи и понатаму. Минатата година ја завршивме со околу 140 милиони евра извоз и плановите за годинава, заради сите дополнителни инвестиции, развој и нови програми кои дојдоа во Охрид, се дека ќе имаме извоз кој ќе надмине 200 милиони евра. Што значи дека ќе имаме потенцијален раст над 50 проценти споредено со минатата година“, истакна Мизо.
Што се однесува до глобалниот корпоративен данок, ги опфаќа големите интернационални компании, со годишен приход од најмалку 750 милиони евра прикажани во консолидираните финансиски извештаи на компанијата-мајка. Со донесувањето, пак, на Законот за минимален глобален данок на добивка, Македонија изврши усогласување со Директивата на Советот на ЕУ. Оттаму, компаниите-ќерки предвидените 15 проценти ќе ги плаќаат во нашата земја, доколку годишните приходи се над десет милиони евра, а остварената добивка е повисока од еден милион евра. Или, како што изјави премиерот пред носењето на ова законско решение – ако профитираат од македонските граѓани, тогаш и тие 15 проценти треба да ги плаќаат тука.