ПОВЕЌЕ

    КОНЦЕНТРАЦИЈА НА МОЌТА И РИЗИКОТ: Кој ја контролира критичната технологија на САД – и што се случува кога таа ќе откаже?

    Време зa читање: 9 минути

    Еден корпоративен скандал, една софтверска грешка и еден проблематичен рутер. За само неколку дена, три американски технолошки компании се најдоа во центарот на кризи со последици далеку над нивните деловни граници. „Нвидиа“ ја потресе неизвесноста околу раководството и безбедноста на напредните чипови, „Мајкрософт“ го наруши работењето на институции и компании низ светот, а телекомуникациски проблем во мрежата што ја одржува „Л3Харис“ го запре полетувањето на авиони низ САД. Трите случаи отвораат прашање кое станува сè поважно за глобалната економија: кој навистина ја контролира технологијата од која зависат државите и што се случува кога таа ќе откаже?

    Oткако серија големи дефекти во технолошките и инфраструктурните системи предизвикаа прекини во патувањата, деловните активности и банкарските услуги за милиони луѓе, aдминистрацијата на Трамп се обиде да ги смири Американците, за да ги отфрлат стравувањата од можна криза. „Не гледаме дека ни претстои некаква криза. Но, човек мора да биде подготвен за сè“, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Венс за „Фокс њуз“ во интервју објавено во понеделникот.

    Венс рече дека пријатели го прашувале дали треба да градат бункери или да прават залихи од храна и вода. „Мојот одговор на тоа е – не“, рече тој, додавајќи дека информациите оти базите на Пентагон се подготвуваат да функционираат независно од електричната мрежа во текот на 90 дена – како и сличните извештаи дека европските земји ги советуваат граѓаните да направат залихи – претставуваат само „основно, одговорно владеење“.

    „Треба да се осигураме дека нашата војска ќе биде подготвена – не дај Боже – доколку дојде до криза“, рече Венс, „но ние не гледаме дека таква криза е на повидок.“

    Американската економија со децении ја гради својата конкурентност врз технолошките иновации. Нејзините компании ги развиваат најнапредните чипови, управуваат со најголемите облачни платформи и создаваат системи што ги користат владите, банките, болниците и транспортните компании.

    Но, технолошката моќ има и друга страна. Колку повеќе функции се потпираат на ограничен број компании, толку поголеми стануваат последиците од нивните пропусти. Она што некогаш би било внатрешен проблем на еден добавувач, денес може да се претвори во криза за илјадници компании, милиони корисници, па дури и за функционирањето на државата.

    ТЕХНОЛОШКИ КОЛАПСИ ВО НИЗА

    Токму тоа го покажаа настаните од изминатата недела.

    На 12 ноември, Нвидиа соопшти дека нејзиниот коосновач и долгогодишен извршен директор Џенсен Хуанг поднел оставка. Заминувањето следуваше по откритија за негови приватни односи, вклучително и наводна поврзаност со жена за која постојат сомневања дека соработувала со кинеското разузнавање. Овие сомневања не се судски потврдени, а компанијата соопшти дека нема причина да верува оти биле компромитирани американски безбедносни интереси или нејзини деловни тајни.

    Иако станува збор за корпоративна криза, нејзиното значење е многу пошироко. Нвидиа има доминантна позиција во производството на процесори што се користат за развој на вештачката интелигенција. Нејзините технологии се вградени во плановите за инвестиции на најголемите светски технолошки компании. Затоа, неизвесноста околу управувањето, извозните ограничувања и идните деловни одлуки се прелева и врз инвеститорите и партнерите.

    Неколку часа подоцна, на 12 и 13 ноември, светот се соочи со поинаков вид технолошка криза.

    Глобалниот прекин на услугите на Мајкрософт ги погоди Outlook, Teams, Exchange Online и други деловни апликации. Компании останаа без нормална електронска комуникација, финансиски институции имаа проблеми со деловните операции, а дел од здравствените и јавните служби мораа да користат алтернативни начини на работа.

    Минатиот четврток, голем прекин во работата на Microsoft ги остави корисниците ширум светот без пристап до електронската пошта Outlook, алатките за состаноци Teams и други основни елементи на современиот канцелариски живот. Од Microsoft изјавија дека проблемот бил предизвикан од „технички дефект“, за чие отстранување биле потребни околу два дена – што, според некои проценки, резултирало со потенцијална загуба од 7 милијарди долари поради намалена продуктивност.

    Според прелиминарната анализа на компанијата, прекинот бил последица на комбинација од три фактори: софтверски дефект што постоел уште од јули, пренасочување на сообраќајот кон преоптоварена мрежна компонента и привремено недостапни околу 14 проценти од серверскиот капацитет. Кога проблемите се споиле, настанал домино-ефект при кој повеќе од 80 проценти од серверите во погодената мрежна инфраструктура престанале да одговараат.

    Не станувало збор за сајбер-напад. Но, последиците покажаа колку малку е потребно за да се наруши секојдневното функционирање на глобалната дигитална економија.

    Тој прекин сè уште не беше целосно саниран, кога во петокот Федералната управа за авијација (FAA) се соочи со системски дефект – што доведе до откажување на илјадници летови, предизвика хаос на аеродромите и остави милиони патници заглавени, непосредно пред викендот. Од FAA претпоставуваат дека кризата била предизвикана од еден, неодамна инсталиран рутер во оддалечена радио-станица во Арканзас.

    На 13 ноември, американската Федерална управа за воздухопловство (FAA) нареди привремено запирање на полетувањата низ целата земја поради нестабилност во телекомуникациската мрежа што ги поддржува комуникациите со авионите и радарските системи.

    Проблемот се појавил за време на модернизацијата на мрежата, во која е вклучена компанијата „Л3Харис“. Според првичните информации на FAA, неконтролиран прилив на податоци ја преоптоварил постојната инфраструктура. Причината сè уште се истражува, вклучително и можноста за неисправна опрема или грешка при инсталацијата.

    Американскиот воздушен сообраќај беше запрен за нови полетувања речиси пет часа. Сите авиони во воздухот безбедно слетаа, но нарушувањето предизвика големи проблеми во авионскиот превоз.

    Потоа, во понеделникот, големи банки пријавија проблеми. Илјадници клиенти на Chase Bank имаа потешкотии при користењето на своите онлајн сметки, како и при вршењето трансакции во физичките експозитури, што според компанијата се должело на „софтверска грешка“. Клиенти пријавија проблеми и кај други големи банки, вклучувајќи ги Bank of America, Wells Fargo и U.S. Bank, иако во помал обем – што, како што се чини, било поврзано со испраќање пари преку „Zelle“, мрежа за дигитални плаќања, кон сметки во Chase.

    ПРИВАТНИ КОМПАНИИ УПРАВУВААТ СО СИСТЕМИТЕ, ДРЖАВАТА ЈА НОСИ ОДГОВОРНОСТА

    И, додека властите во САД категорично тврдат дека не постојат докази кои укажуваат на тоа дека овие прашања биле директно поврзани, како што истакна секретарот за внатрешна безбедност Марквејн Малин во посебно интервју за „Фокс њуз“ во понеделникот вечерта, прашањата зошто токму сега и во овој обем се случија навидум неповрзаната низа на технолошки настани, остануваат без јасен одговор.

    Малин беше прецизен. „Можам со 98% сигурност да ви кажам дека не гледаме сајбер-напад; никој не презема одговорност за него, не гледаме сообраќај, не гледаме траги од влез, ниту пак траги од излез – така што ништо не укажува на тоа дека постои поврзаност“, рече тој. Тој додаде дека владината агенција за сајбер-безбедност го известила оти различните прекини во функционирањето се „меѓусебно целосно неповрзани“.

    Но, иако заедничкото меѓу овие три случаи не е причината за кризата, ниту постојат докази дека инцидентите биле меѓусебно поврзани, заеднички именител е концентрацијата на технолошка моќ и ризик.

    „Нвидиа“ обезбедува клучна пресметковна технологија за вештачката интелигенција. „Мајкрософт“ управува со деловни платформи преку кои секојдневно комуницираат институции и компании. „Л3Харис“, пак, е долгогодишен добавувач на телекомуникациска инфраструктура за американскиот воздушен сообраќај.

    Посебно значајна беше изјавата на американскиот секретар за транспорт Шон Дафи, кој посочи дека постојната телекомуникациска мрежа што ја користи FAA е во сопственост на „Л3Харис“.

    Тоа ја открива сложената природа на модерната инфраструктура. Државата е одговорна за безбедноста и функционирањето на воздушниот сообраќај, но значаен дел од технологијата што го овозможува тоа е во рацете на приватен изведувач.

    Сличен модел постои и во дигиталната економија. Владите и институциите ги определуваат правилата, но секојдневното функционирање на голем дел од информациските системи зависи од приватни платформи, нивните инженери, деловни одлуки и безбедносни процедури.

    Тоа не значи дека приватното управување само по себе е проблем. Напротив, конкуренцијата и приватните инвестиции се меѓу главните двигатели на технолошкиот напредок. Ризикот настанува кога зависноста станува толку голема што не постои брза и функционална алтернатива.

    Колку е голема концентрацијата покажуваат и податоците за облачната инфраструктура.

    Според Synergy Research Group, во третиот квартал од 2026 година глобалниот пазар на облачни инфраструктурни услуги достигнал 168 милијарди долари, со годишен раст од 55 проценти.

    Само три компании – Amazon, Microsoft и Google – контролирале вкупно 61 процент од овој пазар. Amazon имал удел од 26 проценти, Microsoft од 19, а Google од 16 проценти.

    Ова се бројки што покажуваат како огромен дел од глобалната дигитална инфраструктура е концентриран кај мал број оператори.

    Истовремено, развојот на вештачката интелигенција дополнително ги поврзува овие компании. Облачните центри инвестираат во чипови и системи на „Нвидиа“, а производителите на чипови зависат од големите клиенти што градат центри за податоци.

    Така се создава сложен синџир на меѓусебна зависност. Проблем кај еден голем снабдувач не мора директно да предизвика прекин кај другите, но може да ги промени инвестициските планови, трошоците и очекувањата за раст во целиот сектор.

    КОЈ ЈА ПЛАЌА ЦЕНАТА НА ГРЕШКИТЕ?

    Последиците од технолошките кризи не се ограничуваат на падот на акциите.

    Прекинот на „Мајкрософт“ покажа колку брзо технички проблем може да се претвори во економски трошок. Според проценката на Morningstar DBRS, глобалните осигурени загуби би можеле да достигнат меѓу 300 и 500 милиони долари. Станува збор за прелиминарна проценка на осигурителните штети, а не за целосната економска цена на инцидентот.

    Во таквите пресметки не може едноставно да се опфати секој изгубен работен час, одложена трансакција или нарушена комуникација.

    Слично е и со прекинот на авиосообраќајот. Последиците ги чувствуваат авиокомпаниите, аеродромите, патниците и бизнисите што зависат од навремен транспорт, иако причината може да потекнува од релативно мал дел од телекомуникацискиот систем.

    Кај Нвидиа, пак, кризата веднаш се одрази врз финансиските пазари. На 16 ноември акциите на компанијата паднаа за 4,12 проценти, додека технолошкиот индекс Насдак загуби 2,49 проценти. Падот беше дел од пошироката распродажба на технолошки акции, под влијание и на загриженоста за високите вреднувања и огромните инвестиции во вештачката интелигенција.

    Различни кризи, различни последици, но ист економски механизам: ризикот што настанува во една компанија може да се пренесе врз многу поголем круг корисници и инвеститори.

    И додека анализите покажуваат дека решението не е едноставно во замена на приватните компании со државни системи, бидејќи, во сегашната констелација – та би било и скапо и технолошки сложено, прашањето е како да се обезбеди поголема отпорност: резервни системи што навистина функционираат независно, подобар надзор на критичните добавувачи, редовно тестирање на сценарија со големи прекини и реални планови за продолжување на работењето.

    Посебен предизвик е што резервниот систем не смее да ја има истата слабост како главниот. Ако повеќе институции користат различни услуги што зависат од иста основна инфраструктура, нивната привидна независност не значи и вистинска заштита.

    За државите ова е прашање на национална безбедност. За компаниите – управување со деловниот ризик. За инвеститорите – прашање дали големата концентрација на пазарна моќ создава и концентрација на потенцијални загуби.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично