ПОВЕЌЕ

    КОМЕРЦИЈАЛНА И СТОПАНСКА БАНКА ЛАНИ СО ПОМАЛИ ДОБИВКИ – Какви се добивките на другите котирани друштва?

    Време зa читање: 3 минути

    Минатата година 72 компании кои котираат на берзата оствариле заедничка добивка од 284 милиони евра, но таа сепак е помала од заедничката добивка што котираните друштва ја оствариле во 2021 година, а која изнесувала над 292 милиони евра, односно падот на добивката е 2,82 проценти. Вкупната загуба од 18 фирми што котираат на берзата е 26 милиони евра, а во 2021 година „загубарите“ направиле минус од 22 милиони евра, покажува извештајот за финансиските резултати на котираните друштва, објавен од Македонска берза.

    Податоците од Берзата откриваат и кои котирани друштва направиле најголеми добивки, кои имаат најголем раст на добивката, но и кои имаат најголем пад и се во загуба.

    ТОП 5 КОТИРАНИ ДРУШТВА СО НАЈГОЛЕМА ДОБИВКА ВО 2022 ГОДИНА

    (во милиони евра)

    Котирано друштвоНето-добивка 2022Нето-добивка 2022/2021
    Стопанска банка – Скопје39,7– 0,98 %
    НЛБ банка39,6+ 9,68 %
    Комерцијална банка35,3– 6,73 %
    Македонски телеком24,4– 5,72 %
    Алкалоид23,8+ 12,14 %

    Како што може да се забележи, на врвот од табелата по добивка се трите најголеми банки, Стопанска, НЛБ и Комерцијална банка. Но, овој извештај на Македонска берза открива и дека има мало намалување на нето-добивката кај Стопанска банка, од 0,98 проценти, како и позначајно намалување на добивката кај Комерцијална банка, од 6,73 проценти, додека НЛБ банка има солиден раст на нето-добивката, од 9,68 проценти, во 2022 година во однос на 2021 година.

    На четврто место по добивка меѓу котираните на Македонска берза е Македонски телеком, но и тој има пад на добивката од 5,72 %.

    На петтото место се позиционираше Алкалоид, со значителен раст на добивката од 12,21 %.

    ТОП 5 КОТИРАНИ КОМПАНИИ НА БЕРЗА СО НАЈГОЛЕМ РАСТ НА ДОБИВКА ВО 2022 ГОДИНА

    (во денари)

    КомпанијаДобивка 2022 год.Добивка 2021 год.Раст на добивка во однос на 2021 год.
    Попова кула – Демир Капија1.649.0002.00082.350 %
    Силекс – Кратово20.431.000513.0003.882 %
    Современ дом – Прилеп17.826.000675.0002.540 %
    Макошпед – Скопје171.131.00010.733.0001.494 %
    Транскоп – Битола7.375.000578.0001.176 %

    Како што може да се забележи, компанијата со најголем раст на добивката, Попова кула, е во винската индустрија, а има и свој хотел и ресторан, па растот во 2022 година е очекуван и лесно се поврзува со тоа што во 2021 година имавме карантини.

    Со заживување на индустријата, како резултат на враќање на некои прекинати синџири во снабдувањето за време на пандемијата, со раст на добивката може да се пофали и Силекс од Кратово.

    Очекуван е и раст во секторот транспорт, па во тој контекст е и растот на Транскоп.

    ТОП 5 КОТИРАНИ КОМПАНИИ НА БЕРЗА СО НАЈГОЛЕМ ПАД НА ДОБИВКА ВО 2022 ГОДИНА

    (во денари)

    КомпанијаДобивка 2022 год.Добивка 2021 год.Пад на добивка во однос на 2021 год.
    Макпромет –Штип2.619.00056.838.000– 95,39 %
    Славеј АД Скопје798.4697.114.000– 88,78 %
    Струмичко поле АД с. Василево354.0002.385.000– 85,16 %
    РЖ Техничка контрола АД Скопје2.275.00011.080.000– 79,47 %
    Факом АД Скопје249.000908.000– 72,58 %

    Од податоците се гледа дека најголем пад на добивката има кај Макпромет од Штип. Добивката во 2021 година изнесувала околу 900.000 евра, а лани паднала на околу 42.000 евра. Оваа компанија обединува многу индустрија, па на некој начин и дава глобален приказ за случувањата во индустрискиот сектор лани.

    „Макпромет е македонска корпорација вклучена во повеќе индустрии. Нашето семејство на бизниси ги вклучува пекарницата Жито Леб, производителот на кондиторски производи Европа, печатарската компанија Илинден 2002 и супермаркетите Макпромет. Индиректно, компанијата ги поседува печатарската компанија Делпак, челичната градежна компанија Макмонтинг, дистрибутерот и производител на семиња Семенарство, и индустриските недвижности на поранешните производители на кожа и текстил Годел и Македонка“, пишува на официјалната страница на компанијата.

    ТОП 5 НАЈГОЛЕМИ ЗАГУБАРИ МЕЃУ КОТИРАНИТЕ ДРУШТВА ВО 2022 ГОДИНА

    (Во денари)

    Котирано друштвоЗагуба 2022 год.
    Либерти АД Скопје– 944.598.527
    Бетон АД Скопје– 313.785.000
    Вабтек МЗТ АД Скопје– 118.299.718
    ГТЦ АД Скопје– 39.758.000
    Интернешнел Хотелс АД Скопје– 18.398.000

    Претходно, Македонска берза го објави Годишниот статистички билтен, кој покажа дека прометот што е направен на Берзата во 2022 година е за дури 42 % помал од оној што беше направен во 2021 година, а Пари ги сублимираше податоците од извештајот http://pari.com.mk/lanskiot-promet-na-berzata-namalen-za-42-otsto/

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично